Талибанците ослободија над 200 затвореници од пакистански затвор
30 јули 2013Најмалку 13 лица загинале во пресметката со талибанците која траела околу 3 часа. Меѓу загинатите се и шестмина полицајци. Градот се наоѓа до племенскиот регион Јужен Вазиристан, што важи за упориште на талибанците и групите поврзани со Ал Каеда.
„Вкупно побегнаа 243 затвореници. Шестмина од нив беа фатени набрзо по бегството од страна на полицијата, изјави висок пакистански претставник. Тој додаде дека триесетмина од избеганите затвореници биле исламистички бунтовници. Во Дера Исмаил Хан е воведен полициски час. Напаѓачите носеле униформи на локалната полиција. Тие затворот го нападнале со ракети, минофрлачи и автоматско оружје, потоа упаднале во него и од таму ослободиле стотици затворени исламисти.
„Прво уништија блиндирано возило на полицијата, паркирано пред главниот влез и убија двајца полицајци, изјави претставникот на пакистанските власти. Портпарол на пакистанските талибанци соопшти дека одговорност за нападот врз затворот презема исламистичката група ТТП, која веќе шест години води борба против пакистанските власти.
„Околу 150 талибанци, вклучувајќи и 60 бомбаши-самоубијци, го нападнаа централниот затвор и успеаја да ослободат 300 затвореници, изјави талибанскиот портпарол.
Талибанскиот напад се случи во пресрет на денешните избори на нов претседател на Пакистан. Согласно пакистанското законодавство, шефот на државата го избира Колегиум, во кој се вклучени пратениците на двата дома на Парламентот - Националното собрание и Сенатот, како и членовите на собраниејата на четирите пакистански провинции.